Лазар Хребељановиќ
Лазар Хребељановиќ (Прилепец, 1329 - Косово поле, 15/28 јуни 1389), познат во легендите и како цар Лазар, бил српски кнез кој владеел со дел од поранешнта држава на Немањиќите по смртта на царот Урош V. Лазар загинал во битката на Косово 1389 година, и наскоро по неговата смрт бил прогласен за светец.
Потекло
уредиКнезот Лазар Хребељановиќ е роден околу 1329 година[1] во Прилепец[2], близу познатото рударско средиште Ново Брдо. Татко му Прибац Хребељановиќ бил логотет на царот Душан, а потоа напредувал во службата како слуга или пехарник. Родоначалникот на фамилијата Хребељановиќи не е познат во изворите[3]. По се изгледа тие не потекнувале од стара владетелска фамилија. Нивната баштина се наоѓала близу до Ново Брдо, но нејзиниот обем не е утврден. Патријархот Данило нагласува дека Лазар се оженил за Милица, ќерката на „великиот кнез Влатко“, потомок на синот на Немања Вукан. Уште понагласен во поглед на потеклото на кнезот е текстот на старите српски родослови. Кнезот Лазар „не беше пак од царска крв, меѓутоа, жената негова била од племињата на порано споменатите цареви“.[4]
Служба на царскиот двор
уредиМладиот Лазар кариерата ја започнал како „ставилец“[5] во дворот на цар Душан. Првите четири децении од животот на Лазар се целосно прекриени во темница. Сè до почетокот на седмата деценија на XIV век за него нема директни вести во современата дипломатска граѓа. Само е познато тоа дека Лазар продолжил да биде во служба и на царот Урош[4], наследникот на Душан. По се изгледа Урошовиот дворјанин подолго време не тргнал по патот на српските великани кои создавале независни феудални области, спротивствувајќи се на тој начин на централната власт. Но Лазар, не стоел на страна од случувањата. Неговиот углед на царскиот двор први го почувствувале Дубровчаните. Спроти склучувањето на Оногошкиот мир помеѓу Српската држава и Дубровничката Република, советот одлучил да го дарува Лазар со три свитоци ткаенина иако тој директно не учествувал во преговорите.
Лазар припаѓал на кругот на младата властела. На царскиот двор тој останал до 1363, а можеби до 1365 година, кога царот Урош добил совладател во личноста на кралот Волкашин, противникот на рашката властела. Во јули 1363 година царот Урош ја потврдил замената на градот и жупата Звечан за град и жупата Бревеник помеѓу хумскиот кнез Воислав Воиновиќ и челникот Муса.[6] Со кнезот Воислав, како милосник во оваа повелба се наоѓа и Лазар како шура на челникот Муса. Не е познато од кога Лазар ја носи титулата кнез. Тој многу долго време ја носел скромната дворска титула која што му ја доделил уште Душан. Со титулата кнез првпат се сретнува шест години по воспоставуањето на совладетелството помеѓу царот Урош и кралот Волкашин. Во една которска привилегија тој е забележен како Conte Lazaro, но по се изгледа оваа повелба е фалсификат.
Издигнувањето на кнезот Лазар
уредиНабрзо по поразот на браќата Волкашин и Углеша во Битката кај Черномен покрај реката Марица[7] умрел царот Урош V[8] (1371). По неговата смрт дошло до нова поделба на Српското Царство со што започнале нови огоречни борби помеѓу месните феудалци. Тогаш практично, кога централната власт сосема исчезнала, се осамостоил и Лазар Хребељановиќ. Меѓутоа, во тој ран период не сме во можност сосема точно да ги одредиме терииториите на Лазар. Неговата баштина секако се наоѓала кај Ново Брдо, околу Прилепец, каде што бил и роден.[9] Бидејќи Ново Брдо и Приштина најпрво ги држел кралот Волкашин[10], па звечниот кнез Воислав Воиновиќ и најпосле жупанот Никола Алтомановиќ, областите на Лазар Хребељановиќ во текот на почетокот на седумдесеттите години од XIV век треба да се бараат некаде помеѓу Ибар и долниот тек на Западна и Јужна Морава. Не е познато дали Лазар се проширил на север од споменатите реки. Растислалиќите, од време на време самостојни областни господари, а почесто вазали на унгарскиот крал, ги држеле Браничево и Кучево. Не се познати јужните гранци на областите на Растислалиќите за да сме во можност точно да го определиме просторот до кај што допирало влијанието на унгарскиот крал Лудвиг, кој во есената 1368 година, кај Ковин го преминал Дунав и по долината на Велика Морава се спуштил до Сокобања за да му помогне на својот поданик Petru de Himu.
Судирот со Никола Алтомановиќ
уредиВо тие години особено се издигнал кнезот Никола Алтомановиќ. Агресивен на сите страни, жупанот Никола си создал моќни непријатели.[11] Но додека тој бил зафатен со борбите против Дубровник, кнезот Лазар кон крајот на 1370 година привремено го освоил Рудник[12], најважниот и најбогатиот негов град. Тоа бил првиот значаен продор на Лазар Хребељановиќ на север.[9]
Причината и почетокот на судирот помеѓу двата рашки области владетели останува најнеистражениот и најтемниот дел од биографијата на кнезот Лазар. Досега воглавно било толкувано од страна на истражувачите дека виновен за ситуацијата бил жупанот Никола со своите територијални апетити, кој воедно бил и главната пречка за обнова на Српската држава. Но вестите на Мавро Орбини за почетокот на нивниот судир не се поволни за Лазар Хребељановиќ. Причината за субјективниот поглед кон дејствата на Лазар најверојатно треба да се бара во тоа дека, историчарите, биле под влијание на легендарната личност на косовскиот маченик.
Насетувајќи ја опасноста од агресивниот сосед, Лазар стапил во сојуз со босанскиот бан Твртко и со кралот на Унгарија и Полска, Лудвиг I, на кого што морал да му вети извесни „услуги и даноци“.[13] По Орбини, Лазар му плаќал на својот сизерен 10,000 фунти сребро, ветувајќи му дека ќе му служи верно, на што кралот Лудвиг му го испратил во помош војсководецот Никола Гаревиќ (de Gara) со 1000 копљаници. Жупанот Никола залудно барал помош од Балшиќите. Никола притиснат од сите страни, започнала да го напушта и неговата властела, пребегнал во Ужице, но тука бил опколен, фатен и ослепен (1373).[14] Неговите пространи области ги поделиле помеѓу себе Лазар и Твртко. Лазар ги добил источните и северните делови со Рудник, Ужице и други градови[13], додека босанскиот бан Твртко ги зазел оние територии по сливот на горниот тек на реката Дрина.[15]
Лазар Хребељановиќ како најмоќен српски феудалец
уредиСо победата над Никола Алтомановиќ кнезот Лазар избил во ред на првите великани, а наскоро станал и најбогатиот областен господар, бидејќи ги контролирал двата најзначни центри во средновековна Србија – Ново Брдо и Рудник[16]. Тоа му овозможило да создаде силна економска база за натамошен развиток на неговата држава. Сепак неговата сила во осумдесеттите години на XIV век не треба да биде преценувана. Победата над жупанот Никола, кнез Лазар ја платил со вазалство кон унгарскиот крал со одредени, изгледа не така мали обврски. Ширењето на кнежевската држава кон север за извесен временски период било стопирано. Секако неговата положба во овој период говори зошто тој останал пасивен кон случувањата кои се задирале во неговите интереси. Кога босанскиот бан Твртко, октомври 1377, се прогласил за „крал на Србија, Босна, Поморието и Западните страни“[17], реагирал само Ѓураѓ Балшиќ, иако новата титула на најистакнатиот Котроманиќ се косела со амбициите на сите српски областни владетели.
Во текот на осмата деценија на XIV век кнезот Лазар ја консолидирал својата власт над областите кои ги управувал. На кнежевните благородници им се спротивставуала една група непознати феудалци, но Лазар, како што ни известува Константин Филозоф „од почетокот ги покори под своите нозе. А овие беа Никола Зојиќ и Новак Белоцрквиќ со некои други“[18] Меѓутоа кнезот Лазар благонаклонето се однесувал према властелата што го признавала како врховен господар. Дури тој им доделувал мали територии на управување. Воглавно таа властела била сочинета од негови блиски роднини.
Пред 1380 година кнезот Лазар особено ја проширил својата територија кон север. Тој во 1379 година, со победата над Радич Бранковиќ-Растислалиќ[15], пред смртта на моќниот Лудвиг I, избил на Дунав. Не е познато дали тоа Лазар го направил како независен областен господар или пак како унгарски вазал. Во текот на 1378 година Лудвиг I се подговувал за поход против Србија, но не е јасно против кого походот требало да биде насочен. Дали против Растислалиќите кои и порано во згодни прилики ја покажувале својата непослушност или пак против кнезот Лазар кој во меѓувреме особено зајакнал. Во секој случај Лазар, следната година го победил Радич Бранковиќ, господарот на Браничево и Кучево. Не е исклучено дека кнезот тоа го извршил по одобрување на Лудвиг, на чие претходно одобрување бил уништен и жупанот Никола Алтомановиќ. Но сепак односот на кнезот Лазар кон унгарскиот двор во последните години од Лудвиговото владеење не е јасен. Односот помеѓу овие два субјекта од корен се менува по смртта на Лудвиг, по 1382 година. Кнезот Лазар не само што ги раскинува вазалните врски кон унгарскиот двор, туку ги напаѓа и Београд и Голубац, а неговите трупи дури ја преминуваат и Сава[19]. По се изгледа кнезот, заедно со кралот Твртко, се меша и во династичките борби во Унгарија, но во очи на косовската битка тој морал да се помири со кралот Жигизмунд, примајќи ги старите обврски.
Врските со Српската црква
уредиВо јакнењето на својата власт кнезот Лазар имал голема поддршка и од српската црква која сесрдно го помагала, а како што е видливо од повелбите на патријархот Спиридон (1379-1389) го признавала за самодржавен владетел на сите Срби[20]. Со негова помош настанал поволен пресврт на односите со Византија, бидејќи во 1375 година бил решен спорот[21] што настанал со основањето на српската патријаршија: анатемата што била фрлена на српската црква била отповикана, а на нејзиниот поглавар му била призната титулата патријарх. Кнезот Лазар се одолжил на Пеќската патријаршија се подигање на многу црвки и манастири, подарувајќи им бројни имоти. На манастирот Равница (близу Параќин), при основањето со грамота му доделил дури 148 села расфрлани низ целата земја, повеќе од било кој друг манастир пред него, како и бројни други приходи и привилегии. Во грамотата тој заповеда :
„ | ...Јас, во Христа Бога благоверен кнез Лазар, пред мене поранешните благочестливи цареви, на нивниот престол Бог ме вознесе...со благоволение на Отецот и со поспешение на Синот и совршениот Син и совршениот Свети Дух го подигнав од основа манастирот во слава на светото Вознесение, јас како ктитор негов со силата моја го украсив и во него жителството на братија овозможив, според востановеното од апостолите и утврдените правила на светите отци. Приложив за потребите се изобилно, доходи и села, лозја насадив и други купив... И уште приложи моето господство во Ново Брдо 150 литри сребро од царината...И сето овде приложено не го земав од ничија баштина, ниту го направив со сила, туку сето со откуп и замена, како кој сакаше. Ако некој, понесен од самовластие или од бес или од завист човечка се дрзне ова да го разори и да завојува против црквата и да одземе нешто од мене дадено на светото Вознесение, или од селата или од метосите или од доходоците црковни, таквиот да биде разорен од Бог седржителот...[22] | “ |
По се изгледа Лазар не ги заборавил и светогорските манастири.
„Самодржац всем Србљем“
уредиДури по победата над Радич Бранковиќ кнез Лазар започнал отворено да ги истакнува своите претензии. Започнал да се потпишува како „самодржавни господин Србљем, Подунављу, Стефан кнез Лазар“, и нарекува „самодржац всем Србљем[23]“. Од Немањиќите дури го зел и владетелското име Стефан, титулирајќи се во своите повелби со црвено мастило често како „Стефан кнез Лазар“. Но и покрај сите напори за проширување на своите територии и издигнување на својата власт, кнез Лазар не успеал да ја обнови државата на Неманиќите. Неговата држава не зафаќала ниту една четвртина од некогашното моќно Српско Царство. Покрај „самодржецот на сите Срби“, на териториите на поранешната единствена држава сега управувале двајца крунисани крала – синот на Волкашин Марко[24] и Твртко Котроманиќ[25]. На југот на државата сè уште се одржувале некои феудалци. Меѓу нив најмоќен бил Вук Бранковиќ кој ги држел краевите околу Приштина, Трепча, Звечан и Сеница и Полимле јужно од Приеполе. Од некогашните градови на Волкашин, под негова власт поминале градовите Скопје и Призрен. Со Вук, којшто бил оженет со ќерка му Мара, Лазар постојано бил во добри односи. Еден современ запис споменува : „Благоверниот и христољубивиот и на бога посветениот кнез Лазар и љубезниот син Вук, кои владееле со сите српски земји и поморски и така во слога и љубов ги победувале непријателите свои“[26] (1387).
Борби со Турците
уредиПо победата на Марица, Османлиите не започнале со вистинско освојување на Балканот, туку се обиделе да ги зацврстат своите позиции и да создаваат нови упоришта за натамошни напредувања. Но кон почетокот на осумдесеттите години на XIV век оваа слика се изменила. Османлиските освојувања добивале сè поголем замав, нанесувајќи им на балканските народи се потешки удари. Првиот турски продор на српска територија, домашните летописи го бележат во 1381 година[27]. Тогаш еден одред бил поразен кај Параќин[28] од страна на српската војска. Набрзо потоа паднале Сер[29] (1383), Софија[30] (1385), а по долга опсада и вториот по големина град во Византија, Солун[31] (1387). Во 1386 година османлиската војска предводена од султанот Мурат I повторно се обидела да навлезе во Србија од исток. Османлиите го освоиле Ниш, меѓутоа нивниот обид бил спречен кај Плочник, каде српската војска предводена од кнез Лазар, извојувала победа и ги принудила Турците да се повлечат[32]. Две години подоцна се одиграл првиот судир на Босанците со Османлиите кај Билеќе во август 1388 година, кога османлиската војска, која предводена од Лала Шахин продрела од Албанија, преку Зета, претрпела тежок пораз и морала да се повлече[33]. Босанците во оваа битка биле под команда на Влатко Вуковиќ.
Поразите кај Плочник и Билеќа го принудиле султанот Мурат на озбилни подготовки за борба против Србите, кои претставувале главна христијанска воена сила на Балканот. Турските подготовки за напад биле извршувани долго време и веќе во февруари 1389 година, се знаело за нив во Венеција, а и во самата Србија. Освен контигенти од Мала Азија и од Балканскиот Полуостров биле повикани и помошни трупи составени од војските на турските вазали. Самиот султан решил да ја предводи војската, заедно со неговите двајца синови Јакуб и Бајазит. Преку областите на Константин Дејанов, кој и сам со своите одреди морал да се приклучи на Турците[34], Мурат избил на Косово во областите под контрола на Вук Бранковиќ[35].
Но кнезот Лазар не стоел со скрстени раце. Тој и самиот вршел обемни дипломатски и воени подготовки. Пред се, Лазар настојувал да ја осигура помошта од Унгарија, со која го раскинал вазалните односи примени за време на борбите против Никола Алтомановиќ. Тогаш, очекувајќи ја навалата на Турците, кнезот Лазар пак ги примил оние исти вазални обврски што своевремено ги имал кон кралот Лудвиг I, а сега кон кралот Жигмунд. Заедничката опасност уште повеќе го зближила со кралот Твртко, со кого патем бил во хармонични односи уште од почетокот на неговото владеење. Чувствувајќи, дека Босна е исто така загрозена од непријателскиот напад како и Србија, Твртко војнички го помагал кнезот Лазар. Го прекинал своето освојување на Далмација и ја насочил кон Србија својата војска под заповедништво на, победникот на Битката кај Билеќа, Влатко Вуковиќ. Веројатно со Босанците дошол и еден одред Хрвати под водство на банот Иван Палижна[36]. Од српските феудалци кои го помогнале Лазар, најважен бил Вук Бранковиќ. Со Лазар биле и неговите роднини Стефан и Лазар Мусиќ. Не е познато дали неговиот зет Ѓураѓ Страцимировиќ-Балшиќ учествувал во битката. Сосема се фантастични подоцнежните турски известувања, по кои кнезот Лазар го помагале и Бугари, Арбанаси, Власи, Унгарци, Германци и Чеси – кои требало да ја прикажат големината на турската победа. Решавачката битка се одиграла на Косово, на територијата на Вук Бранковиќ, на Видовден 15/28 јуни 1389[37] година.
Детали околу целиот тек на битката не се познати на историската наука. Единствено е познато дека и двајцата владетели загинале[38]. Самото сиже околу погибијата на Мурат и смртта на Лазар е обвиено со легендарни приказни кои често ја превртуваат вистината.
Сепак гласот за Битката кај Косово, надалеку се одекнал поради херојската смрт на христијанскиот кнез Лазар. Бидејќи Турците се повлекле, изгледало дека исходот на битката е решен во корист на српските феудалци. Дури босанскиот крал Твртко ја претставувал битката како своја победа во писмата до Трогир и Фиренца[35]. Писма со честитки и пофалби стигнале дури и од добро информираните Венецијанци и Французи.[39] Меѓутоа историски факт е дека и двете страни претрпеле големи загуби, од кои српската страна тешко можела да се опорави, додека Османлиите како надоаѓачка сила имале огромен број како човечки така и финансиски ресурси што им помогнало брзо да заздрават од оваа битка. Поради тоа, а како директна последица на Косовската битка, наследниците на кнезот Лазар биле приморани да ја признаат врховната власт на Турците. По смртта на Мурат на испразнетото султанско место дошол неговиот син Бајазит (1389-1402)[40], кој веднаш по битката го убил брата си Јакуб.
Цар Лазар во народното творештво
уреди- „Ѕидањето на Раваница“ (српски: Зидање Раванице)- српска епска песна.[41]
- „Милош кај Латините“ (српски: Милош у Латинима) - српска епска песна.[42]
- „Цар Лазар и царица Милица“ - српска епска песна.[43]
- „Клетвата на кнезот“ (српски: Клетва кнежева) - српска епска песна.[44]
- „Вечерата на кнезот“ (српски: Кнежева вечера) - српска епска песна.[45]
- „Пропаста на српското царство“ (српски: Пропаст царства српскога) - српска епска песна.[46]
- „Слугата Милутин“ (српски: Слуга Милутин) - српска епска песна.[47]
Наводи
уреди- ↑ Михаљчиќ Р., Крај Српског Царства. Београд 1989 (друго издање), 247.
- ↑ Михаљчиќ Р., Лазар Хребрељановиќ – историја, култ, предање. Београд 2001, 17.
- ↑ Ibid., 17.
- ↑ 4,0 4,1 Михаљчиќ Р., Крај Српског Царства. Београд 1989 (друго издање), 248.
- ↑ Ставилец, во оригинал ставилац*, е стара дворска титула во средновековна Србија и Босна. Одговара на византиските дворски титули доместик и столник.
- ↑ Ibid., 248.
- ↑ Атанасовски А., Македонија во XIV век. Тетово 2009, 188.
- ↑ Петровски Б., Историја на балканските земји во XIV-XV век. Скопје 2010, 99.
- ↑ 9,0 9,1 Михаљчиќ Р., Крај Српског Царства. Београд 1989 (друго издање), 249.
- ↑ Атанасовски А., Македонија во XIV век. Тетово 2009, 175.
- ↑ Историја народа Југославије т.1, Београд 1953, 443. ; Јиричек К., Историја Срба књига 1, политичка историја до 1537 године. Београд 2006, 319.
- ↑ Историја народа Југославије т.1, Београд 1953, 443.
- ↑ 13,0 13,1 Јиричек К., Историја Срба књига 1, политичка историја до 1537 године. Београд 2006, 320.
- ↑ Ibid., 320. ; Историја народа Југославије т.1, Београд 1953, 448. ; Михаљчиќ Р., Крај Српског Царства. Београд 1989 (друго издање), 251.
- ↑ 15,0 15,1 Петровски Б., Историја на балканските земји во XIV-XV век. Скопје 2010, 100.
- ↑ Ibid., 100. ; Михаљчиќ Р., Крај Српског Царства. Београд 1989 (друго издање), 251.
- ↑ Петровски Б., Историја на балканските земји во XIV-XV век. Скопје 2010, 134.
- ↑ Михаљчиќ Р., Крај Српског Царства. Београд 1989 (друго издање), 252.
- ↑ Михаљчиќ Р., Крај Српског Царства. Београд 1989 (друго издање), 254.
- ↑ Петровски Б., Историја на балканските земји во XIV-XV век. Скопје 2010, 100. ; Историја народа Југославије т.1, Београд 1953, 449. ; Михаљчиќ Р., Крај Српског Царства. Београд 1989 (друго издање), 257.
- ↑ Острогорски Г., Историја на Византија. Скопје 1992, 658. ; Петровски Б., Историја на балканските земји во XIV-XV век. Скопје 2010, 100. ; Историја народа Југославије т.1, Београд 1953, 449. ; Михаљчиќ Р., Крај Српског Царства. Београд 1989 (друго издање), 257.
- ↑ Новаковиќ С., Законски споменици српских држава средњега века, Београд 1912, 769-770.
- ↑ Петровски Б., Историја на балканските земји во XIV-XV век. Скопје 2010, 100 ; Михаљчиќ Р., Крај Српског Царства. Београд 1989 (друго издање), 257. ; Јиричек К., Историја Срба књига 1, политичка историја до 1537 године. Београд 2006, 321.
- ↑ Атанасовски А., Македонија во XIV век. Тетово 2009, 195.
- ↑ Петровски Б., Историја на балканските земји во XIV-XV век. Скопје 2010, 134. ; Јиричек К., Историја Срба књига 1, политичка историја до 1537 године. Београд 2006, 320.
- ↑ Историја народа Југославије т.1, Београд 1953, 449.
- ↑ Јиричек К., Историја Срба књига 1, политичка историја до 1537 године. Београд 2006, 323.
- ↑ Петровски Б., Историја на балканските земји во XIV-XV век. Скопје 2010, 101.
- ↑ Острогорски Г., Серска област после Душанове смрти. Београд 1965, 146.
- ↑ Петровски Б., Историја на балканските земји во XIV-XV век. Скопје 2010, 33. ; Божилов И., Гюзелев В., История на средновековна Бъгария VII - XIV век. Анибус, Софија 1999 год, 661.
- ↑ Острогорски Г., Историја на Византија. Скопје 1992, 658.
- ↑ Петровски Б., Историја на балканските земји во XIV-XV век. Скопје 2010, 102. ; Јиричек К., Историја Срба књига 1, политичка историја до 1537 године. Београд 2006, 324. ; Историја народа Југославије т.1, Београд 1953, 450.
- ↑ Петровски Б., Историја на балканските земји во XIV-XV век. Скопје 2010, 138.
- ↑ Атанасовски А., Македонија во XIV век. Тетово 2009, 233-235.
- ↑ 35,0 35,1 Петровски Б., Историја на балканските земји во XIV-XV век. Скопје 2010, 102.
- ↑ Ibid., 102.
- ↑ Ibid., 102. ; Јиричек К., Историја Срба књига 1, политичка историја до 1537 године. Београд 2006, 325. ; Историја народа Југославије т.1, Београд 1953, 451.
- ↑ Петровски Б., Историја на балканските земји во XIV-XV век. Скопје 2010, 102. ; Јиричек К., Историја Срба књига 1, политичка историја до 1537 године. Београд 2006, 325. ; Историја народа Југославије т.1, Београд 1953, 451-452.
- ↑ Јиричек К., Историја Срба књига 1, политичка историја до 1537 године. Београд 2006, 325.
- ↑ Иналџик Х., Османлиското Царство, класично доба 1300-1600. Скопје 2004, 19.
- ↑ „Зидање Раванице“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 51-54.
- ↑ „Милош у Латинима“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 55-57.
- ↑ „ Цар Лазар и царица Милица“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 98-101.
- ↑ „Клетва кнежева“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 97.
- ↑ „Кнежева вечера“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 102-103.
- ↑ „Пропаст царства српскога“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 104-106.
- ↑ „Слуга Милутин“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 113-115.
Литература
уреди- Историја народа Југославије т.1, Београд 1953.
- Јиричек К., Историја Срба књига 1, политичка историја до 1537 године. Београд 2006.
- Михаљчиќ Р., Лазар Хребрељановиќ – историја, култ, предање. Београд 2001.
- Михаљчиќ Р., Крај Српског Царства. Београд 1989 (друго издање).
- Петровски Б., Историја на балканските земји во XIV-XV век. Скопје 2010.
- Hammer J., Istorija turskog/osmanskog carstva t.1, Zagreb 1979.