„Сладок и гаден“ (англиски: Sweet and Lowdown) – филм на режисерот Вуди Ален (Woody Allen) од 1999 година. Ален е автор и на сценариото, а главните улоги ги играат: Шон Пен (Sean Penn), Саманта Мортон (Samantha Morton), Ума Турман (Uma Thurman), Ентони Ла Паља (Anthony La Paglia), Брајан Маркинсон (Brian Markinson), Џон Вотерс и Гречен Мол (Gretchen Mol). Шон Пен и Саманта Мортон биле номинирани за наградите „Оскар“, „Златен глобус“ и „Златен сателит“ во категориите главна машка улога и епизодна женска улога, соодветно.[1]

Синопсис

уреди

Филмот ја прикажува биографијата на измислениот џез-гитарист од 1930-тите, Емет Реј (го игра Пен). За време на Големата депресија, тој се обидува да заработи за живот на разни начини: свирејќи, играјќи покер, а исто така и како макро на две проститутки. Емет е надарен гитарист, но воопшто не е дисциплиниран и често не се појавува на закажаните настапи. Исто така, тој има необични страсти: да набљудува возови во движење и да пука со пиштол во стаорци на ѓубриштата. Тој се смета себеси за најдобриот гитарист на светот по Џанго Рајнхарт поради кого чувствува голем комплекс. Во една прилика, тој ја запознава немата девојка Хети (ја игра Мортон) и со неа започнува љубовна врска. Таа е вљубена во Емет, но и тој има симпатии кон неа, иако постојано ја убедува дека меѓу нив нема место за љубов. Така, тој ја напушта и ја запознава убавата девојка Бланш (ја игра Турман) со која набргу се венча. Меѓутоа, тој открива дека Бланш го изневерува, па така пропаѓа и таа врска. Потоа, Емет се враќа кај Хети, канејќи ја да му се придружи, но таа го одбива затоа што е омажена и има деца. Емет заминува во Њујорк со намера да направи успешна музичка кариера, но таму наеднаш му се губи трагата...

Наводи

уреди
  1. Biti najbolji, američki film (пристапено на 18.9.2022)