Сисачка тврдина
Сисачката тврдина (хрватски: Tvrđava Sisak или Stari grad Sisak) е рано-модерна низинска тврдина изградена на брегот на реката Купа пред нејзиното устие во реката Сава. Се наоѓа во предградие на градот Сисак, во Сисачко-мославинската жупанија.
Сисачка тврдина | |
---|---|
Сисак, Сисачко-мославинска жупанија, Хрватска | |
Тип | низинска тврдина |
Координати | 45°17′N 16°14′E / 45.28° СГШ; 16.23° ИГД |
Изграден | 1544-1550 година |
Изградил | Petar de Mediolanus |
Градежни материјали |
тули, камен |
Тековна состојба |
делумно сочувана |
Отворен за јавноста |
Музеј на град Сисак |
Под управа на | Бискуп на Загреб; од 17 век: неколку други сопственици |
Тврдината има триаголна форма, а изградена е воглавно од тули и поддржана со камења. Секој агол на тврдината е засилен со округла кула со конусен покрив. Кулите се поврзани со дебели ѕидини, долги повеќе од 30 метри со местимични отвори. Бидејќи се наоѓа на брег на река, тврдината има природна одбранбена линија од запад-југозапад, додека другите страни делумно се заштитени од реката Сава која тече во непосредна близина, во југоисточен правец.
Во текот на својата историја, Сисачката тврдина била оштетувана и реновирана неколкупати. Денес, таа е во релативно добра состојба. Во неа е сместен локалниот градски музеј.
Историја
уредиТврдината била изградена по неколку заканувачки и разурнувачки турски напади врз Кралството Хрватска. Градежните работи ги нарачал Бискупот на Загреб, кој бил сопственик на имотот, и траеле од 1544 до 1550 година. Главен архитект (director muratorum) бил миланскиот мајстор Petar de Mediolanus, и целокупните градежни трошоци биле проценети на повеќе од 3.300 флорини (форинти).
Откако станал босански паша во 1591 година, Хасан Паша Предојевиќ започнал неколку напади врз Сисак. За време на неговиот последен воен поход од јуни 1593 година, неговата војска (која броела околу 12.000 османлиски војници) на 22 јуни 1593 година претрпела тежок пораз од бранителските сили составени од хрватски, словенечки и австриски војници. Во текот на борбата Хасан Паша Предојевиќ го загубил животот. Битката претставува историски значајна пресвртна точка, бидејќи довела до прекин на понатамошните османлиски освојувања.
По ослабувањето на османлискиот притисок врз хрватските територии во 17 век, тврдината неколкупати ги менувала сопствениците, понекогаш била оштетувана, но веднаш потоа поправана. Последната голема штета се случила за време на Втората светска војна, кога фортификацијата била погодена од гранати, а северозападната кула делумно била уништена.
Во денешната тврдина се наоѓаат неколку збирки од Музејот на град Сисак (основан во 1951 година), кои вклучуваат археологија, етнологија, културна историја и нумизматика.
Галерија
уредиПоврзано
уредиНадворешни врски
уреди- Сисачка тврдина и други утврдувања во Долно Покупље (хрватски)
- Сисачки општински музеј (англиски)
- Збирки од Музејот на град Сисак Архивирано на 28 јануари 2018 г. (англиски)
- Видео