Рудник „Суводол“

рудник во Македонија
Ова е статија за пелагонискиот рудник. За селата се истото име видете на појаснителната страница

Суводолрудник за јаглен којшто се наоѓа во јужниот дел на Пелагонија, во близина на истоименото село.

Рудникот „Суводол“ со РЕК „Битола“ во позадина

Историја

уреди

Рудникот бил отворен врз основа на истражувачките работи спроведени во периодот 1972-1974 година и изработениот „Елаборат за руди резерви“ од 1975 година со кој биле утврдени и заверени геолошки резерви од околу 175.000.000 т. Со работа започнал во 1977 година кога била откопана јаловината, а во средината на 1982 година започнало откопувањето на јаглен.[1]

Дејност

уреди

Големина и резерви

уреди

Површината на рудникот изнесува околу 9 км2.[1] Продуктивната јагленосна образба е поделена на подински јагленосен комплекс и продуктивен јагленов слој. Според квалитативните параметри, јагленовата материја во наоѓалиштето ги поседува својствата на меките кафеави јаглени — лигнити. Вкупните геолошки резерви на јаглен во наоѓалиштето Суводол изнесуваат 224.000.000 т јаглен, од кои 144.000.000 т му припаѓаат на главниот јагленов слој којшто постојано се исцрпува, а 80.000.000 тони отпаѓаат на подинскиот јагленосен комплекс.[2]

Заштита од подземни води

уреди

Во насока на безбедно исцрпување на главиот јагленов слој, рудникот главно е заштитен од површински и подземни води преку акумулацијата Суводолско Езеро, но и преку изградба на ободни и катни канали за зафаќање на дел од атмосферските води кои директно паѓаат врз копот и подземни води кои се повлекуваат по катовите. Одводнувањето на рудникот од подземни води се врши преку бунари. Водите во рамки на рудникот и неговата непосредна околина се складираат во водособирници, од каде со помош на пумпи се исфрлаат во каналот X и најпосле во Црна Река. Преку дупнатините од меѓуслојните и подинските водоносници во рудникот се складираат подземни води со брзина од 25 л/сек.[3]

Влијание врз животна средина

уреди

Отпадни води

уреди

Во рудникот „Суводол“ се испуштаат два типа на води, и тоа: механички и хемиски загадена вода. Механички загадената вода се прочистува со седиментација на честичките во таложното езеро, така што по нејзината обработка може повторно да се користи. Овие води делумно со пумпи и цевковод се исфрлаат во Црна Река. Хемиски загадената вода од технолошкиот процес, односно перењето на возилата и подвижната механизација, подлежи на пречистување. Таа се собира во резервоар и се обработува со киселина или база во зависност од pH-вредноста на водата. Околу 99% од обработената вода се користи во РЕК „Битола“, а само дел од неа по обработката се испушта во Црна Река.[4]

Но, и покрај тоа што врската помеѓу водениот екосистем зависи од концентрацијата на опасните материи предизвикани од рудничката активност, отпадните води од рудникот не се очекува да доведат до загадување на водата во Црна Река. Притоа, квалитетот на отпадните води во рудникот пред нивното испуштање во Црна Река е под надзор, што значи дека тој секогаш одговара на квалитетот на категоријата на водата во реката во којашто водите испуштаат.[5]

Флора и фауна

уреди

Одредувањето и проценката на влијанието на активноста во рудникот врз биолошката разновидност на површинскиот простор е извршена преку испитување на збирните влијанија врз живеалиштата и видовите поврзани со нив. Најчувствителни живеалишта коишто се загрозени со работата на рудникот се локвите и барите, а исто така загрозени се и појасите со трска и рогози. На подрачјето на рудникот не се утврдени популации на ретки и загрозени растителни видови или видови со ограничено распространување. Во поглед на фауната, со сушење на водените екосистеми најзагрозени се водоземците и некои видови водни инсекти, а влијанието врз птиците и цицачите се очекува да се одрази преку нивно вознемириање поради зголемената бучава и вибрации. Веројатно е дека подвижните организми — влечуги, птици и цицачи — ќе го напуштат просторот на рудникот.[6]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Енергетика Архивирано на 2 декември 2021 г.“. Стопанска комора на Македонија.
  2. Андреевски, Б. (1995). „Јаглени. Генетски и квалитативни одлики, наоѓалишта на јаглен и заштита на животната средина“, РГФ, Штип.
  3. „Студија за оцена на влијанието врз животната средина на проектот ПК Подинска хагленова серија – Суводол“ (PDF). Скопје: Технолаб ДОО Скопје. 2019. стр. 76, 94. Посетено на 2 декември 2021.
  4. „Студија за оцена на влијанието врз животната средина на проектот ПК Подинска хагленова серија – Суводол“ (PDF). Скопје: Технолаб ДОО Скопје. 2019. стр. 92-93. Посетено на 2 декември 2021.
  5. „Студија за оцена на влијанието врз животната средина на проектот ПК Подинска хагленова серија – Суводол“ (PDF). Скопје: Технолаб ДОО Скопје. 2019. стр. 93. Посетено на 2 декември 2021.
  6. „Студија за оцена на влијанието врз животната средина на проектот ПК Подинска хагленова серија – Суводол“ (PDF). Скопје: Технолаб ДОО Скопје. 2019. стр. 103. Посетено на 2 декември 2021.

Надворешни врски

уреди

41°03′34″N 21°32′10″E / 41.05944° СГШ; 21.53611° ИГД / 41.05944; 21.53611