Рондо - југословенски филм од 1966 година, во режија на Звонимир Берковиќ, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги играат: Милена Дравиќ, Стево Жигон, Реља Башиќ, Звонимир Рогоз и Борис Фестини. Дебитантскиот филм на Берковиќ речиси сите критичари го сметаат за врвно остварување на хрватската кинематографија. Филмот се одликува со одлична режија, со профилирани ликови и со префинета употреба на класичната музика (дело на Моцарт). Исто така, „Рондо“ се издвојувал од тогашната југословенска кинематографија по модерниот стил во кој наративната структура била следена со соодветната музичка форма (рондо). Филмот бил награден со „Сребрена арена“ на Пулскиот филмски фестивал, Берковиќ ја освоил „Златната арена“ за сценарио, а Башиќ бил награден со „Златна арена“ за најдобра машка улога. Најпосле, во средината на 1980-тите, филмот бил ставен на списокот на најдобрите 20 југословенски филмови.[1] [2]

Синопсис

уреди

Уметничкиот дизајнер Феѓа (го игра Башиќ) живее во среќен брак со сопругата Неда (ја игра Дравиќ) во поткровјето на една зграда во Загреб. Еден ден, додека во паркот ги набљудува шахистите, уметникот го запознава судијата (го игра Жигон). Набргу, тие стануваат пријатели и судијата почнува секоја недела да го посетува уметникот при што тие играат шах и разговараат за уметноста и за музиката. Во текот на тие посети, меѓу судијата и Неда, која е незадоволна поради тоа што сопругот не сака да имаат деца, се раѓа љубов. На својот роденден, Младен повторно го посетува Феѓа и во неговиот стан одржуваат мала забава. Потоа, Феѓа ги канат да прошетаат низ градот, а подоцна Младен и Неда водат љубов. По некое време, Феѓа дознава за неверството на сопругата, но сепак го кани Младен во својот дом, а Неда е веќе бремена.[3]

Наводи

уреди