Роко и неговите браќа
Роко и неговите браќа (италијански: Rocco e i suoi fratelli) - италијански филм од 1960 година, во режија на Лукино Висконти. Во главните улоги настапуваат: Ален Делон, Ренато Салватори, Ани Жирардо, Катина Паксину, Спирос Фокас, Макс Картие и Клаудија Кардинале. Филмот освоил две награди на филмскиот фестивал во Венеција при што режисерот и продуцентот одбиел да ја примат специјалната награда на жирито. Вкупно, на разни фестивали, филмот освоил 10 награди и имал уште 10 други номинации.[1]
Синопсис
уредиПо смртта на таткото, во Милано пристигнува Розарија Паронди (ја игра Паксину) со своите четворица синови. Тие упаѓаат на веселбата по повод свршувањето на нејзиниот син Винченцо (го игра Фокас), но набргу доаѓа до кавга меѓу Розарија и мајката на невестата поради што се прекинува веселбата. Розарија и нејзините деца се сместуваат во подрумските простории на една зграда, сонувајќи за подобар стан. Возрасниет синови почнуваат да работат, а примамен од можноста за брза заработка, мрзеливиот Симоне (го игра Салватори) станува боксер. Истовремено, тој почнува љубовна врска со проститутката Надја (ја игра Жирардо). Меѓутоа, тој не сака да тренира, па неговата боксерска кариера завршува неславно. Роко (го игра Делон) заминува во армијата, а таму случајно ја среќава Надја, која штотуку излегла од затвор. Во меѓувреме, Винченцо стапува во брак и добива дете, а Чиро завршува вечерно училиште и се вработува во фабриката на Алфа Ромео. По отслужувањето на воениот рок, Роко започнува љубовна врска со Надја, но за тоа дознава Симоне кој, заедно со група другари, ги напаѓа Роки и Надја при што ја силува Надја и го претепува Роко. Тогаш, Роко сфаќа дека Симоне е вљубен во Надја и чувствува вина за несреќата на својот брат, поради што ја раскинува врската со Надја. Истовремено, тој станува познат боксер. Симоне повторно ја среќава Надја и живее заедно со неа, наспроти негодувањето на мајка му. Додека кариерата на Роко напредува, Симоне пропаѓа морално и физички, а Надја повторно го напушта. Кога Симоне е обвинет за кражба, Роко несебично му помага, но Симоне е немилосрден и продолжува да изнудува пари од браќата. Еднаш, тој дознава каде може да ја најде Надја, а когатаа му кажува дека го мрази, тој ја убива. Во мигот кога семејството Паронди го прославува успехот на Роко, во станот влегува Симоне со веста дека ја убил Надја. По неколку дена, Симоне е затворен, а потресен од семејната трагедија, Роко се враќа во родниот крај.[2]