Ритамот на лудилото

Ритамот на лудилото (англиски: Whiplash) — американски филм од 2014 година, во режија на Демиен Шазел кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги толкуваат: Мајлс Телер, Пол Рајсер, Џонатан Кимбл Симонс и Мелиса Беноа. Филмот бил номиниран за наградата „Оскар“, во категориите: најдобар филм, најдобро адаптирано сценарио и најдобар глумец во споредна улога (Џеј Кеј Симонс). Филмот бил инспириран од личното искуство на режисерот, кој во средното училиште свирел на тапани. Филмот е снимен за 19 дена, а во 90% од филмот на тапаните свирел лично глумецот Телер, додека само во некои сцени, него го заменува дублер.[1] На 87. доделување на наградите „Оскар“, филмот имал пет номинации, а освоил три награди: за најдобра споредна машка улога (Џонатан Кимбл Симонс), за звук и за монтажа.[2] Вкупно, филмот освоил 94 награди и имал 143 номинации.[3]

Содржина

уреди

Ендрју (го игра Телер) е студент на престижна џез-академија. Тој се труди да стане врвен тапанар, а посебен поттик добива откако го забележува почитуваниот професор Флечер (го игра Симонс) кој има многу незгоден карактер и се однесува немилосрдно кон студентите. Сепак, Ендрју го трпи лошиот однос на Флечер, со цел да биде уште подобар како музичар. За да го оствари својот сон, тој ја прекинува врската со девојката, сметајќи дека таа ќе му пречи во кариерата. Брзајќи да стигне на еден натпревар, Ендрју е тешко повреден во сообраќајна несреќа, но сепак стигнува во салата и почнува да свири со повредена рака. Во еден миг, кога повеќе не може да свири, Флечер го прекинува концертот и тогаш Ендрју се нафрла на него. Потоа, Ендрју го пријавува професорот Флечер кај раководството на универзитетот и тој е отпуштен од работа, а Ендрју ги напушта студиите. Еднаш, тој случајно го среќава професорот Флечер, кој свири во еден бар. Флечер го кани Ендрју да биде тапанар во оркестарот кој треба да настапи на престојниот џез-фестивал и Ендрју ја прифаќа понудата. На концертот, Флечер најпрвин му кажува на Ендрју дека знае дека тој го пријавил, а потоа, за да го понижи пред публиката, бара од оркестарот да свири композиција за која Ендрју нема ноти. Тогаш, Ендрју се обидува да импровизира, но свири многу лошо и бесен ја напушта салата. Сепак, тој се враќа назад и свири соло на тапаните, а потоа го повикува оркестарот да го следи свирејќи сосема различно од она што го бара Флечер. Флечер е бесен поради неговото однесување, но откако Ендрју продолжува со своето соло, професорот сфаќа дека Ендрју никогаш нема да се откаже од желбата да стане врвен тапанар.[4]

Наводи

уреди
  1. Наташа Спирова, „Децата добиваат премногу пофалби за премали достигнувања“, Антена, број 866, 30.1.2015, стр. 10.
  2. „Триумф за „Човекот-птица“ со четири оскари“, Утрински весник, година XVI, број 4718, вторник, 24 февруари 2015, стр. 14.
  3. IMDb, Whiplash (2014)Awards (пристапено на 8.5.2020)
  4. IMDb, Whiplash (2014) (пристапено на 8.5.2020)