Римско Кралство
Римско Кралство е оној период од римската историја кој започнал од основањето на градот (во 753 г. п.н.е.), па траел сè до последниот крал Тарквиниј Гордиот (во 509 г. п.н.е.).
Податоци за овој период во историјата на Рим се добиваат од несигурни антички легенди, кои во погoлем дел ги пренесува римскиот историограф Тит Ливиј (I век н.е.), како и од современите археолошки истражувања. Според античката традиција, во почетокот со Рим владееле седум кралеви чија власт не била наследна, туку секој од нив бил избиран во Сенатот и куријатското собрание. Пишаната историја од тоа време не може да се смета за веродостојна.
Периодот на Римското Кралство е познат и како владеење на седумте римски кралеви:
- 753 г. п.н.е. - 715 г. п.н.е. - владеење на кралот Ромул (првиот римски крал, подоцна божество Квирин)
- 715 г. п.н.е. - 673 г. п.н.е. - владеење на Нума Помпилиј
- 673 г. п.н.е. - 642 г. п.н.е. - владеење на Тул Хостилиј
- 642 г. п.н.е. - 617 г. п.н.е. - владеење на Анко Марциј
- 617 г. п.н.е. - 578 г. п.н.е. - владеење на Тарквиниј I
- 578 г. п.н.е. - 534 г. п.н.е. - владеење на Сервиј Тулиј
- 534 г. п.н.е. - 510 г. п.н.е. - владеење на последниот римски крал Тарквиниј II Гордиот
Историјат
уредиСпоред легендата, Рим го основал и со него прв владеел Ромул[1][2]. Меѓутоа, овој прв римски крал претставува инвенција на подоцнежните антички историографи.
Неговото име, кое дури не е ни чисто латинско, требало да го објасни потеклото на името на рим. Неговото фиктивно владеење е исполнето со дела какви што и се очекуваат од оснвачoт на еден антички град и од син на богот на војната. Затоа му е припишано основањето на најраните политички, воени и општествените установи на Рим, како и војувањето против соседните држави. Исто така, се верувало дека Ромул едно време ја делел власта со сабињанинот Тит Тациј. Можеби тоа е име на некој автентичен владетел на раниот Рим, а можеби дури и на вистинскиот крал на Рим. Меѓутоа, вВо подоцнежните векови за него не се знаело ништо, па неговото владеење е споено со периодот на владеењето на Ромул.
Имињата на останатите шест кралеви можеби се автентични, но за нивното владеење има малку веродостојни податоци. Меѓутоа, бидејќи Римјаните подоцна сакале да ги објаснат своите стари обичаи и институции, античките историчари на овие кралеви им припишувале разни иновации, често на стереотипен и погрешен начин. Тројцата кралеви после Ромул сè уште претставуваат само имиња, без познати податоци за нив, додека последните тројца се историски поверодостојни и можат донекаде да се потврдат со археолошките наоди.
Според античкото предание, воинствениот Ромул го наследил Нума Помпилиј, чие владеење го карактеризира потполн мир и мирољубивост. Наводно Нума ги основал скоро сите религиски институциии верски обичаи. Традицијата за неговата побожност веројатно потекнува од погрешното поврзување на неговото име со латинскиот збор numen, што значи божествено провидение. Нума го наследил Тул Хостилиј, чие владеење било исполнето со војни, веројатно затоа што името Hostilius подоцна е доведено во врска со зборот hostilis, што значи воинствен. По него на престолот дошол Анко Марциј за кој се верувало дека е внук на Нума. Неговото владеење ги комбинирало одликите на владеење на неговите двајца претходници, значи религиски иновации и војувања.
Археолошки откритија
уредиАрхеолошките откритија за раниот Рим се сиромашни и расфрлани, бидејќи се покажало дека е многу е тешко да се направат екстензивни ископувања на местата каде сè уште постојат подоцна подигнати градби. Постојните наоди често се двосмислени и не можат лесно да се поврзат со античките литературни преданија. Меѓутоа, тие понекогаш можат да ги потврдат или да ги отфрлат некои делови од античките историски преданија. На пример, археолошките наоди потврдиле дека најстарата населба била едноставно село, составено од колиби со сламени кровови, кое се наоѓало на Палатин, но почетоците на таа населба се датирани во X или IX век пред нашата ера, а не во половината на VIII век пред нашата ера. Затоа, не е можно до крајот на VI век со Рим да владееле само седуммина кралеви.
Исто така, археологијата покажува дека втор по рд е населен Есквилин, што е противречно на античкото предание кое вели дека после Палатин е населен Квиринал. Околу 670 - 660 г. п.н.е. палатинската населба се проширило во долината на подоцнежниот Римски форум и станала град на занаетчиите, кои живееле во куќи со камени темели. Материјалната култура сведочи за постоење трговија, како и за етрурско и грчко влијание. Археологијата на другите латински места укажува на тоа дека во тоа време Рим претставувал типична латинска заедница.
Во текот на VI век Рим поминал низ значајна транзиција, па од латинска заедница постепено се трансфромирал во вистински град. Мочуришната долина на форумот била исушена и поплочена, па станала центар на градот. Постојат јасни знаци дека дошло до брза изградба на храмови. Керамиката и остатоците од архитектурата укажуваат на разгранета трговија со Грците и Етрурците, како и на локалното работење под нивно влијание.
Урбаната трансформација на Рим ја извршиле последните три кралеви: Тарквиниј Приск (Priscus = “Стариот“), Сервиј Тулиј и Тарквиниј Гордиот (Superbus = “Гордиот“). Според античката традиција, двајцата Тарквиниј биле татко и син и дошле од Етрурија. Според едно предание, Сервиј Тулиј бил Латин, а според друго, син на еден Етрурец по име Мастарна. Сите три кралеви наводно биле големи урбанисти и организатори (ова предание го потврдила и археологијата). Денес нивното етрурско потекло скоро и да не се доведува во прашање, со оглед на близината на Етрурија, на сè поголемото значење на Рим и на јавните работи што ги спровеле самите кралеви, а кои биле одлика на тогашните современи етрурски градови. Затоа, изгледа дека во текот на VI век п.н.е. некои етрурски авантуристи ја презеле римската населба и ја претвориле во град според етрурските примери.
Античките преданија на Сервиј Тулиј му ја припишуваат реформата на државното и општественото уредување, од што нешто е задржано и во перидот кога Рим станал република. Тој ги распоредил граѓаните во четири градски области (tribus), на кои можеби им додал и шеснаесет селски области, при што тие области се засновале на територијална поделба, а не на сродството на нивните припадници. Врз основа на припадноста во овие области била спроведувана и регистрација на граѓаните и нивниот имот – што се нарекувало цензус (census), како и за собирање воен данок на имот, наречен трибутум (tributum). Понатаму, Сервиј ги поделил граѓаните во пет класи (classes) според нивната имотна состојба, а класите ги поделил на центурии (centuriae), кои во главно ја замениле старата поделба на братства (curiae), што донело и превласт на центуриските собранија над куриските.
Наводи
уреди- ↑ Rim[мртва врска] (хрв.)
- ↑ The History of Rome, Volume 2 By Titus Livius (анг.)