Разговорот (англиски: The Conversation) - американски филм од 1974 година, во режија на Френсис Форд Копола кој, исто така, е продуцент и сценарист. Главните улоги ги играат: Џин Хекман, Џон Казале, Ален Гарфилд, Синди Вилијамс, Роберт Дувал, Харисон Форд, Фредерик Форест, Мајкл Хигинс, Елизабет Мекреј, Роберт Шилдс и Тери Гар.[1] Филмот освоил вкупно 14 награди, меѓу кои и „Златната палма“ и наградата на екуменското жири на Канскиот филмски фестивал и две награди на БАФТА, а во 1995 година бил зачуван во Националниот филмски регистер на САД.[2]

Синопсис

уреди

Хари Кол (го игра Хекман) е познат експерт за надзор и прислушување од Сан Франциско. Истовремено, негова опсесија е да ја сочува својата приватност и затоа применува строги мерки за заштита на станот и на фирмата, а нема пријатели, освен љубовницата Ејми (ја игра Гар), а единственото негово хоби е свирењето на саксофон. Него го гризе совеста бидејќи во минатото, благодарение на неговото прислушување биле убиени тојца луѓе. Заедно со својот помошник Стен (го игра Казале), Хари е ангажиран во прислушувањето на разговорот меѓу маж и жена кои се договараат да се сретнат во еден хотел при што во разговорот меѓу нив мажот ја споменува опасноста дека некој би можел да ги убие. Откако го реконструира разговорот, Хари оди да му ја предаде снимката на клиентот, директор на една фирма, но тој е отсутен. Помошникот на директорот (го игра Форд) го предупредува Хари дека снимките се опасни, а потоа Хари дополнително ги преслушува снимките и ја открива реченицата за можното убиство. Тоа создава загриженост кај Хари и тој е решен овојпат да го спречи убиството, поради што одбива да ја предаде снимката. Меѓутоа, на една забава, тој се запознава со убава жена со која ја поминува ноќта, а утредента дознава дека таа му ја украла снимката. Тој го посетува директорот (го игра Дувал) и таму дознава дека жената од снимката му е сопруга на директорот, а соговорникот е нејзиниот љубовник. Затоа, Хари оди во хотелот каде треба да се сретнат љубовниците и ја прислушува нивната соба. Тој слуша остра кавга меѓу директорот и неговата жена, а потоа открива траги од крв кои го наведуваат на помислата дека директорот си ја убил сопругата. Затоа, Хари повторно оди кај директорот, но обезбедувањето го отстранува од зградата. Надвор, тој ја здогледува сопругата на директорот, а потоа дознава дека директорот погинал во сообраќајна несреќа. Така, тој ја реконструира вистината: всушност, во снимениот разговор љубовниците се договарале да го убијат директорот. Потоа, нему му се јавува помошникот на убиениот директор кој му кажува дека го прислушуваат. Растревожен, Хари го уништува својот стан барајќи го уредот за прислушување, а потоа почнува да свири на саксофонот.

Наводи

уреди