Приватизацијата во Република Македонија

Процесот на приватизација во Република Македонија започна во 1989 година во тогашната СФРЈ со таканаречените закони на Анте Марковиќ (Законот за општествен капитал[1] и Законот за лични доходи). Концептот на приватизација според тие закони беше интерно акционерство, кога со големи дисконти вработените акционери станаа сопственици во најголем дел во своите претпријатија. Подоцна во јуни 1993 година беше донесен македонскиот Закон за трансформација на претпријатија со општествен капитал, кој воведе поразличен и сосема попазарен модел на приватизација со кој се интензивира процесот на приватизација. Потоа, во 1995 година се донесе Законот за преструктуирање на дел од претпријатијата кои во своето работење искажуваат загуби, а во 1996 година и Законот за трансформација на претпријатијата и задругите со општествен капитал кои стопанисуваат со земјоделско земјиште. Во 1996 година е донесен уште еден закон, Законот за приватизација на државниот капитал во претпријатијата, со чиј член 14 се предвидува попусти за продажба на државниот капитал, за промптно плаќање со денари во готово при продажбата на државниот капитал со јавен повик, од 60%.

Резултати во приватизацијата во Македонија (31.XII.1996)

Со процесот на приватизација раководеше Агенцијата за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, попозната како Агенција за приватизација. При нејзиното затворање, на крајот од 2003 година беа продадени акции и удели во 1.700 претпријатија за што државата инкасираше нешто над 2 милијарди и 300 милиони евра.[2][3] Според одредени проценки, во овој процес на приватизација државата инкасираше едвај 20% од вредноста на претпријатијата.[4]

Се смета дека од земјите во Централноисточна Европа, за најнеуспешни се сметаат процесите на приватизација во Македонија и во Романија. Најлош резултат од трансформацијата на државните претпријатија се таканаречените претпријатија-загубари. Како загубари во 1994 година биле издвоени 25 претпријатија, во 1999 година уште 12 претпријатија го добија статусот на загубари, а во 2001 година уште 40 нови. Со приватизацијата речиси 95 отсто до македонските претпријатија се приватизирани.[5]

Наводи

уреди
  1. Закон за прометот и располагањето со општествениот капитал, Службен лист на СФРЈ 84/89.
  2. „Заврши приватизацијата во Македонија“, А1 телевизија
  3. „Ljubomir Drakulevski "Workers' participation: the case of the Republic of Macedonia" (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-04. Посетено на 2019-05-06.
  4. „Голема приватизација за мали пари“ Архивирано на 2 април 2012 г., „Утрински весник“
  5. „Приватизацијата заврши, проблемите продолжуваат“ Архивирано на 24 август 2011 г., „Време“

Литература

уреди
  • Милан Недков и др., „Приватизацијата на општествениот капитал во Република Македонија“, Правен факултет, Скопје, 1991.
  • Трајко Славевски, „Македонскиот пат во приватизацијата“, Екопрес, Скопје, 1993.
  • Наум Гризо, Борче Давитковски, „Приватизацијата во светот“, Куманово, 1994.
  • Бошко Стефановски, „Приватизација на општествените претпријатија“, Центар за економско правен консалтинг В & Ф, Скопје, 1994.
  • Трајко Славески, „Македонската економија во транзиција: пропуштени можности, алтернативни решенија“, Екопрес, Скопје, 1995.
  • Трајко Славески, „Приватизација, пазар, држава“, Екопрес-МагнаСкен, Скопје, 1997.
  • Љупчо Печијарески, Славица Роческа, „Транзицијата во Македонија: меѓу теорија и пракса“, Метафора, Економски факултет, Прилеп, 1998.
  • Александар Петроски, „Концептот на приватизација во Република Македонија и остварените резултати“ во „Социално разслояване в България и Република Македония“, Софија, 1998, 72-80 стр.
  • „Социјално-економските последици од приватизацијата во Македонија и Бугарија“, Скопје, 2002.
  • Матилда Димовска, „Приватизацијата и нејзините ефекти“, Економист, Скопје, 2002.
  • Томе Неновски, „Македонскиот пат во приватизацијата на општествениот капитал“, Нампрес, Скопје, 2015.

Надворешни врски

уреди