Последна средба
„Последна средба“ — збирка раскази на македонскиот писател Ѓорѓи Абаџиев од 1953 година. Таа е објавена од издавачката куќа „Кочо Рацин“ во рамките на Школската библиотека, а по повод 50-годишнината од смртта на Гоце Делчев.[1] Збирката е испечатена во печатницата „Нова Македонија“ во април 1953 година, во тираж од 3 000 примероци.[2]
Содржина
уредиЗбирката се состои од четири раскази:
- Последна средба: Една ноќ, Султана мисли на својот најстар син Гоце, кого псоледен пат го видела пред шест години на свадбата на ќерката Тина. Некое време подоцна, родната куќа ја напуштиле и другите два сина, Милан и Мицо. Таа сонува страшен сон во кој ја гледа Гоцевата глава без тело. Утредента, доаѓа старецот Стојан кој ѝ го толкува сонот. Тој ден е празникот Ѓурѓовден и во куќата доаѓаат многу гости. На портата се појавува и Циганин-ќумуџија, кој проси за леб, а Султана го брка со остри зборови. Кога тој си заминува, на Султана ѝ се причинува дека неговото лице ѝ е познато. Таа била последната средба на Гоце Делчев со мајка му.[3]
- Господин Модијано: Во јули 1901 година, непознат господин го посетува затворот во Битола. Управникто го прима љубезно, мислејќи дека е новиот италијански конзул, но посетителот, кој се претставува како господин Модијано, му кажува дека е богат [[Трговија|трговец]. Господинот Модијано, кој всушност е Гоце Делчев, бара од управникот да му овозможи средба со политичкито затвореник Даме Груев, со објаснување дека му должи голем износ пари. Притоа, управникот му го чита на господинот Модијано списокот на политичките затвореници, а Модијано му остава пари за кафе и храна на затворениците. Потоа, Модијано се среќава со Груев, а утредента, во знак на благодарност, испраќа поклони за управникот и за неговата сопруга, а во затворот пристига храна и пијалаци за затворениците. Модијано и Груев имаат уште две средби, а по неколку дена, затворениците ги спроведуваат низ улиците на Солун до пристаништето, каде треба да се качат на брод кој ќе ги однесе во Подрум Кале. Затворениците ги испраќа многуброен народ, а во толпата се наоѓа и Гоце Делчев кој има кратка средба со Груев, кој останува загрижен за затворениците додека нив ги качуваат на бродот.[4]
- Како Веле го спаси Гоцета Делчев: Една ноќ, детето Веле не сака да заспие, туку го слуша разговорот што се води во соседната соба меѓу група селани (меѓу кои е неговиот татко) и Гоце Делчев. Во разговорот, селаните му се жалат на Делчев за злосторствата што ги трпат, а тој, пак, држи говор во кој ги поттикнува да се вклучат во борбата за ослободување.Тогаш, Веле се поткачува на ѕидот и гледа како татко му и селаните полагаат заклетва. Утредента, додека Веле ги пасе говедата, крај него минува злосторникот Тахир Тола со петмина разбојници. Тола го испрашува детето, а во тој миг се појавува и турската војска. Веле ја користи приликата и почнува да бега кон шумата, а разбојниците го бркаат, пукајќи во него. Сепак, Веле успева да избега и доаѓа дома, лесно ранет во увото, и го предупредува Делчев за опасноста, а потоа се онесвестува. Кога се буди утредента, на креветот го чека малечка кама, подарок од Гоце Делчев.[5]
- Табакерата: Во возот од Солун за Кукуш патува Сулејман-бег, кој студира право во Париз. По шестгодишно отсуство, тој се враќа дома поради веста дека татко му е тешко болен. По некое време, во неговото купе влегува непознат човек, кој се претставува како трговец. Непознатиот патник започнува разговор со Сулејман-бег, кажувајќи му дека го познава татко му, Ајредин-бег. Додека патуваат, тие водат разговор за политичката состојба при што патникот ја брани власта, додека Сулејман-бег се залага за реформи. Тогаш, Сулејман-бег се присетува на детството и во патникот го препознава Гоце Делчев по што тие водат отворен разговор во кој Сулејман-бег ја поддржува револуционерната активност на Делчев. Тој, пак, се сеќава на еден настан од детството кога за време на една тепачка меѓу амкедоснките и турските дева, тој му ја дупнал главата на Сулејман-бег. Делчев си заминува на следната станица, замолувајќи го Сулејман-бег да го поздрави татко му. По доаѓањето во Кукуш, Сулејман-бег веднаш оди во меаната на Никола Делчев, кој се сомнева во неговите зборови, стравувајќи дека се работи само за провокација. Кога доаѓа дома, Сулејман-бег дознава дека татко му, Ајредин-бег, бил убиен по налог на Делчев поради злосторствата врз народот. Ноќта, бегот има кошмари во кои го слуша гласот на татка си, кој го наговара за одмазда врз христијанското население, како и гласот на Делчев кој го прекорува. Така, Сулејман-бег ја дочекува буден зората, кога рано наутро го посетува Никола Делчев. Тој му ја дава табакерата на Гоце на која е напишан слоганот „Слобода или смрт“.[6]
Наводи =
уреди- ↑ Ѓорѓи Абаџиев, Последна средба. „Кочо Рацин“, Скопје, 1953, стр. 1-2.
- ↑ Ѓорѓи Абаџиев, Последна средба. „Кочо Рацин“, Скопје, 1953, стр. 52.
- ↑ Ѓорѓи Абаџиев, Последна средба. „Кочо Рацин“, Скопје, 1953, стр. 5-14.
- ↑ Ѓорѓи Абаџиев, Последна средба. „Кочо Рацин“, Скопје, 1953, стр. 15-29.
- ↑ Ѓорѓи Абаџиев, Последна средба. „Кочо Рацин“, Скопје, 1953, стр. 30-35.
- ↑ Ѓорѓи Абаџиев, Последна средба. „Кочо Рацин“, Скопје, 1953, стр. 36-49.