Попис на населението во Македонија (2011)

попис на населението во Македонија


Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија — статистичка операција на територијата на државата, планирана да започне на 1 октомври и да заврши на 15 октомври 2011 година. На 10 октомври пописот бил стопиран со поднесување на колективна и неотповиклива отставка на пописната комисија.[1]

Попис на населението, домаќинствата и становите во Македонија

← 2002 1 октомври 2011 2021 →

Општи информации
ДржаваМакедонија Македонија
УправаДржавна пописна комисија
Мрежно местоПопис 2011 — ДЗС (архивирано)
Резултати
Статуспрекинат

Позадина

уреди

Првичните подготовки за пописот биле направени уште во текот на 2008 година[2]. Според тогашниот план, пописот во земјата требало да започне на 1 април 2011 година[3], поради распуштањето на парламентот и закажување на предвремени парламентарни избори во Македонија, кои се одржале на 5 јуни[4] како и поради проблемите предизвикани од поделбите во Државната пописна комисија во однос на одлуката за бројот на попишувачи припадници на етничките заедници.

По формирањето на новиот парламент, подготовките за попис продолжиле. Подготовката и реализацијата на пописот на населението, домаќинствата и становите го следи Еуростат. Тимот што ја врши експертската проценка го предводи Жан Мишел Дур, меѓународно признат експерт за пописи, кој претходно работел за Унитед Натионалс Статистицал Дивисион. Преку експертската проценка, Еуростат ќе образложи независно експертско мислење за тоа дали пописот е спроведен во согласност со меѓународните препораки за спроведување попис посочени од страна на УНЕЦЕ/Еуростат и прифатени од страна на Конференцијата на европските статистичари како принципи и препораки за пописот на населението и домаќинствата[5].

Пред започнувањето на пописот, на 30 септември претседателот на Државната пописна комисија Весна Јаневска поднела оставка[6] По оставката, Пописната комисија одржала седница на која ја назначила Слободанка Гиевска за нов претседател на Комисијата. На местото на Беџети кој исто така си поднел оставка, како нов потпретседател на Комисијата бил избран Бујар Османи.

Според некои претпоставки, пописот е предвидено да чини околу 15 милиони евра[7], а првичните резултати од пописот треба да се добијат по два месеца.

На 2 октомври 2011 година, член на тетовската пописна комисија и државен инструктор се обиделе физички да се пресметаат во просториите на тетовската пописна комисија. Подоцна, истите биле повикани на испитување во полицијата.[8]

На 10 октомври 2011 година пописот бил прекинат со поднесување на колективна неотповиклива отставка на пописната комисија. Според нив[1]:

Државната пописна комисија на вечерашната седница[9] констатираше дека не се исполнети основните услови за натамошна реализација на пописот. Во најголема мера ова се однесува на нееднаквата примена на методологијата утврдена од страна на Државниот завод за статистика, а усогласена со ЕУРОСТАТ во делот кој го разработува членот 6, став 3, членот 40 и членот 42 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2011 година. Државната пописна комисија од овие причини констатираше дека врз основа на погоре наведеното пописот не може да резултира со релевантни податоци врз основа на што комисијата не може понатаму да ги исполнува своите законски обврски. Поради тоа сите членови на Државната пописна комисија си поднесоа неотповиклива оставка. Со оглед на горенаведеното препорачуваме сите учесници во пописот 2011 да ги сопрат сите идни активности поврзани со пописот.

Организација

уреди

За извршување на попишувањето, територијата на Република Македонија е поделена на пописни кругови, а еден пописен круг во просек опфаќа од 50 до 100 домаќинства, во зависност од типот на населеното место. За секој пописен круг има по двајца овластени попишувачи[10]. Пописот го организира и го спроведува Државната пописна комисија во соработка со Државниот завод за статистика. Како учесници во спроведувањето на Пописот на терен учествуваат:

  • Комисиите за пописните реони;
  • Државните инструктори;
  • Реонските инструктори;
  • Попишувачите

Пописни реони

уреди

Според законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, за организационите потреби на пописот, се определени 44 пописни реони и нивни седишта, врз основа на бројот на населението во општините според Пописот на населението, домаќинствата и становите 2002 година и според комуникациските врски меѓу општините[11].

Резултати

уреди

Пописот бил прекинат поради неправилности.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 „Пописот е стопиран, членовите на државната пописна комисија поднесоа оставки“. Посетено на 2011-10-11.
  2. „Пописот од 1 април виси на конец“. Нова Македонија. Посетено на 2011-09-30.
  3. „Во април 2011 г. попис на населението во РМ“. Вечер. Посетено на 2011-09-30.[мртва врска]
  4. „Пописот се одлага за октомври“. Вест. Посетено на 2011-09-30.
  5. „Еуростат го следи пописот во Македонија“. Дневник. Посетено на 2011-09-30.
  6. „Пописот почнува утре со ново раководство на Државната пописна комисија“. Телевизија Сител. Посетено на 2011-09-30.
  7. www.dw-world.de
  8. „Инцидент во тетовската пописна комисија“. АЛФА ТВ. Архивирано од изворникот на 2021-04-16. Посетено на 2011-10-11.
  9. Седницата била одржана на 10.10.2011 година.
  10. „Попис 2011“. makstat.stat.gov.mk. Архивирано од изворникот на 2011-09-30. Посетено на 2011-09-30.
  11. http://makstat.stat.gov.mk[мртва врска]

Поврзано

уреди