Планинарски дом „Матка“

Планинарскиот дом „Матка“ се наоѓа на брегот на вештачкото езеро - „Матка“, во кањонот на реката Треска, одалечен е од Скопје на околу 16 km. Блиску до домот има и автобуска постојка каде застануваат автобуси на градскиот превоз. До домот се доаѓа по асфалтен пат Ѓорче Петров - Глумово - Матка, со велосипед, автомобил, автобус и пеш од врвот Крстовар на Водно. Од врвот Крстовар на Водно до домот „Матка“ се пешачи околу 2 - 3 часа, патеката е обележана.[1]

Домот е граден во туристички цели. Како планинарски дом се користи од 1956 година. Граден е од тврд материјал, покриен со ќерамиди. Има приземје и кат. Во приземјето има голема сала која може да прими до 200 луѓе, опремена со кујна и шанк, како и WC. На катот се наоѓаат 8 соби во кои се сместени триесетина кревети. Има магацин за чување на постелнината. Домот има електрично осветлување, санитарен чвор, водоводна инсталација и вода од сопствен извор. Пред самиот дом има чешма со изворска вода. Домот е отворен постојано. Има домар кој живее во домот. Со домот управува планинарското друштво - „Пеони“. Планинарите имаат попуст за спиење во домот.

Од едната страна на кањонот се извишуваат високите карпи на планината Водно а од другата страна стрмните карпи на планината Осој (Ковачица). Високите карпи се отсликуваат во водите на езерото и се погодни за алпинистички качувања и тренинг.

Веднаш до планинарскиот дом се наоѓаат манастирите „Св. Андреја“ и „Св. Никола“. Во близината на домот се наоѓаат неколку подводни пештери до кои може да се стигне по воден пат.

Можни излети:

ЛитератураУреди

  1. Водич по планинарските домови во Македонија, д-р Владо Стаменков, Скопје, 1987