Пирс Лепаж

канадски атлетичар

Пирс Лепаж (роден на 22 јануари 1996 г.) — канадски атлетичар кој се натпреварува во десетобој.[1]

Пирс Лепаж
Лични податоци
НационалностКанада Канаѓанец
Роден(а)22 јануари 1996(1996-01-22)(28 г.)
Витби, Онтарио, Канада
Висина2.04 м[1]
Тежина88 кг[1]
Спорт
Земја Канада
СпортАтлетика
ДисциплиниДесетобој
ТренерГрегори Портној

Тој освоил златен медал на Светското првенство 2023 во Будимпешта, со што станал првиот канаѓанец со титула во десетобој на светските првенства. Лепаж исто така е носител на сребрен медал од Светското првенство 2022 и од Игрите на Комонвелтот 2018, како и на бронзен медал од Панамериканските игри 2019. Лепаж ја претставувал Канада на Летните олимписки игри 2020 во Токио, завршувајќи на петтото место.

Кариера

уреди

Почетоци и прв меѓународен медал (2015–18)

уреди

Започнувајќи да се занимава со атлетика на 12 години и со десетобој на 17 години, Лепаж го свртел вниманието кон себе во 2015 година по соборувањето на канадскиот јуниорски рекорд во десетобој. Во 2016 година тој учествувал на атлетското натпреварување Декастар во Таланс, Франција и постигнал резултат повисок од 8000 бодови за прв пат во кариерата.[1] Во 2017 година, Лепаж се натпреварувал на атлетискиот митинг во Гецис, Австрија каде што завршил на седумнаесеттото место, а потоа победил на панамериканскиот куп во комбинирани дисциплини. Во домашни рамки, тој станал државен шампион на канадското државно првенство, во отсуство на олимпискиот медалист Дамиан Варнер.[2]

Лепаж бил именуван во канадскиот состав за Игрите на Комонвелтот 2018 кои се одржале во Голд Коуст, Австралија. На своето прво големо натпреварување, тој неочекувано привлекол големо внимание на медиумите во неговата земја кога неговиот тимски колега Варнер, кој додека бил во водство не успеал да обезбеди резултат во скок со стап и бил принуден да се откаже од натпреварувањето. Лепаж како единствен канаѓанец во продолжението од натпреварувањето постигнал сопствен најдобар резултат од 8171 бодови и успеал да се закити со сребрен медал зад Линдон Виктор од Гренада. По искачувањето на подиумот, Лепаж изјавил: „за мене, ова е огромна отскочна даска натпреварувајќи се од локални до големи натпреварувања како Игрите на Комонвелтот.“[3] Тој му дал признание на Варнер за неговата поддршка, нарекувајќи го „некој со кој можеш да разговараш, да се потпреш ако ти е потребна помош и веројатно не би освоил сребрен медал без него таму, бидејќи тој е одличен лидер за пример.“[4] Сепак, Лепаж го пропуштил поголемиот дел од остатокот од сезоната поради повреди.[1]

Светско првенство и олимписко деби (2019–21)

уреди

Во јуни 2019 година, Лепаж остварил победа на митингот Декастар во Таланс, Франција со 8453 бодови, достигнувајќи квалификациска норма за следните летни олимписки игри и светско првенство.[1] Именуван во канадскиот состав за Панамериканските игри 2019 во Лима заедно со Варнер, тој бил второпласиран после првиот натпреварувачки ден, но на крајот завршил на третото место, зад Варнер и Линдон Виктор. На својот прв настап на светските првенства, на Светското првенство 2019 во Доха, Лепаж завршил петтопласиран во десетобој со 8445 бодови. Како и на Панамериканските игри, тој бил второпласиран после првиот натпреварувачки ден, но го загубил местото на подиумот во последните две дисциплини, фрлање копје и 1500 метри. Неговите високи резултати низ сезоната му го донеле третото место во сезонскиот куп за комбинирани дисциплини.[1]

Поради почетокот на пандемијата на КОВИД-19, Летните олимписки игри 2020 во Токио биле одложени за цела година, а тренинзите станале отежнати со затворањето на многу објекти. Лепаж истакнал дека тренирал пред неговата куќа речиси година, само трчајќи, без тренинг за дисциплините скок со стап, скок во височина и скок во далечина.[5] Пред игрите, тој се натпреварувал на Хипо-митингот во Гецис, Австрија каде што го освоил второто место, зад Варнер, поставувајќи нови најдобри резултати во кариерата на трките на 100 метри, 110 метри со пречки и 1500 метри.[1] Во Токио, Лепаж бил третопласиран после првиот натпреварувачки ден, но на крајот не успеал да се закити со олимписки медал и завршил како петтопласиран.[6] Година подоцна тој изјавил дека на игрите во Токио се натпреварувал со скината пателарна тетива, и дека тоа било искуство што нема да го заборави и од кое научил многу.[7]

Сребро и злато од светските првенства (2022–23)

уреди

На Светското првенство 2022 во Јуџин, Лепаж бил второпласиран по првиот ден од натпреварувањето во десетобој, откако Дамиан Варнер бил принуден да се откаже поради повреда.[8] На вториот ден, тој остварил најдобри резултати во кариерата во фрлање диск и на трката со пречки со што кратко време бил во водство, но сепак бил престигнат од Кевин Мајер по дисциплината фрлање копје за на крајот да го освои сребрениот медал со најдобар резултат во кариерата од 8701 бод.[7] Лепаж бил првично именуван во канадскиот состав за Игрите на Комонвелтот 2022, но се откажал по светското првенство поради потребата од соодветно да се одмори и да се подготви за остатокот од сезоната.[9]

На Хипо-митингот во 2023 година, Лепаж поставил сопствени најдобри резултати на 100 метри и фрлање копје, освојувајќи го златниот медал со победа над седумкратниот победник на митингот, Дамиан Варнер.[10] На Светското првенство 2023 во Будимпешта, Лепаж бил второпласиран на половина од натпреварувањето, пред Варнер и зад германецот Лео Нојгебауер.[11] Лепаж го започнал вториот ден со сопствен најдобар резултат од 13.77 секунди на 110 метри со пречки, преземајќи го водството кое успеал да го задржи до самиот крај. Со освојувањето на златниот медал, тој станал првиот канаѓанец со светска титула во десетобој. Резултатот од 8909 бодови бил негов најдобар во кариерата и шести најдобар на сите времиња.

Лични рекорди (на отворено)

уреди
Обновено на 26 август 2023[12]
Дисциплина Резултат Место Датум Бодови
Десетобој 8909 Будимпешта 26 август 2023 8909 бодови
100 метри 10.28 Гецис 27 мај 2023 1028 бодови
Скок во далечина 7.80 Монтреал 26 јули 2019 1010 бодови
Фрлање ѓуле 15.99 Лос Анџелес 22 април 2023 851 бодови
Скок во височина 2.09 Гецис 27 мај 2017 887 бодови
400 метри 46.84 Јуџин 23 јули 2022 966 бодови
110 метри со пречки 13.77 Будимпешта 26 август 2023 1004 бодови
Фрлање диск 53.26 Јуџин 24 јули 2022 939 бодови
Скок со стап 5.25 Таланс 23 јуни 2019 988 бодови
Фрлање копје 63.09 Гецис 28 мај 2023 784 бодови
1500 метри 4:31.85 Токио 5 август 2021 733 бодови
Виртуелен најдобар резултат 9190 бодови

Резултати на меѓународните натпреварувања

уреди
Година Натпреварување Град Место Дисциплина Бодови
Настапувајќи за   Канада
2018 Игри на комонвелтот Голд Коуст, Австралија 2. место Десетобој 8171 бодови
2019 Панамерикански игри Лима, Перу 3. место Десетобој 8161 бодови
Светското првенство Доха, Катар 5. место Десетобој 8445 бодови
2021 Летни олимписки игри Токио, Јапонија 5. место Десетобој 8604 бодови
2022 Светското првенство Јуџин, САД 2. место Десетобој 8701 бодови
2023 Светското првенство Будимпешта, Унгарија 1. место Десетобој 8909 бодови

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 „Pierce LePage“. Team Canada - Official Olympic Team Website (англиски). 2019-06-26. Посетено на 2020-03-16.
  2. „Pierce Lepage wins decathlon at Canadian track and field championships“. CBC Sports. 6 јули 2017. Посетено на 2018-04-08.
  3. „Canada's Warner drops out, LePage wins silver in Commonwealth Games decathlon“. CBC Sports. 10 април 2018.
  4. Piercy, Justin (6 август 2019). „Canadian decathletes Warner, LePage relish chance to compete in Lima“. CBC Sports.
  5. Barnes, Dan (22 јули 2021). 'I guess I'm good at being second': Meet Pierce LePage, Canada's other Olympic decathlon medal threat“. National Post.
  6. Brady, Rachel (4 август 2021). „Decathlon leader Damian Warner of Canada has gold within his grasp heading into the second day of competition“. Globe & Mail.
  7. 7,0 7,1 Heroux, Devin (24 јули 2022). „Canadian decathlete Pierce LePage wins silver at World Athletics Championships“. CBC Sports. Посетено на 25 јули 2022.
  8. Heroux, Devin (23 јули 2022). „Canada's Damian Warner out of world championships after suffering hamstring injury“. CBC Sports. Посетено на 24 јули 2022.
  9. „Four Canadians including De Grasse, LePage withdraw from Commonwealth Games“. CBC Sports. July 26, 2022. Посетено на July 26, 2022.
  10. Gillespie, Kerry (29 мај 2023). „Perfect 10? Well, Pierce LePage's javelin throw felt perfect as he beat Olympic decathlon champion Damian Warner at the Hypo Meeting“. The Toronto Star. Посетено на 5 јули 2023.
  11. „Canada's Andre De Grasse 6th in 200m at worlds after skipping 4x100 relay heats“. CBC Sports. 25 август 2023. Посетено на 26 август 2023.
  12. „Pierce LePage – IAAF“. World Athletics. Посетено на 25 јули 2022.

Надворешни врски

уреди