Парабола за талантите
Парабола за талантите — Исусовата алегориска приказна за господарот што оди на пат доверувајќи им пари на своите слуги, за да по враќањето некои казни, а други да ги награди.
Параболата е забележана во канонските евангелија според Матеј и Лука. Разликата помеѓу двете евангелија е значајна, така што двете верзии можеби не доаѓаат од ист извор.[1] Варијанта на оваа парабола постои и во неканонското Евангелие според Евреите.
Во Евангелието по Матеј, почетните зборови се чини дека се поврзани со параболата за десетте девојки, која непосредно ѝ претходи.[1]
Парабола
уредиСпоред Матеј
уредиЕвангелието според Матеј ја наведува следната верзија на параболата:
14. Зашто, Он ќе постапи како човек, кој тргнувајќи на пат, ги повика слугите свои и им го предаде својот имот;
— Евангелие според Матеј, 25:14–30[2]
15. и на едниот му даде пет таланти, на другиот два, на третиот еден; секому според силата негова; и веднаш замина.
16. Оној, што зеде пет таланти, отиде, ги употреби во работа и спечали други пет таланти;
17. исто така и оној што зеде два таланта, спечали други два;
18. а оној, што доби еден талант, отиде и го закопа в земја и така го сокри среброто на својот господар.
19. По долго време дојде господарот на тие слуги и им побара сметка.
20. И кога пристапи оној, што беше примил пет таланти, донесе уште други пет и рече: »Господаре, ти ми предаде пет таланти; ете, сум спечалил и други пет.«
21. Господарот му рече: »Убаво, добри и верни слуго! Во малку си бил верен, над многу ќе те поставам; влези во радоста на својот господар!«
22. Дојде, исто така, и оној што беше примил два таланта и рече: »Господаре, ти ми предаде два таланта; ете, со нив спечалив други два.«
23. Господарот му рече: »Убаво, добри и верни слуго! Во малку си бил верен, над многу ќе те поставам; влези во радоста на својот господар!«
24. Пристигна и оној што беше зел еден талант, и рече: »Господаре, те знаев дека си жесток човек: жнееш, каде што не си сеел, и собираш, каде што не си веел;
25. па се уплашив и отидов, та го сокрив твојот талант в земја; ете ти го твоето.«
26. А господарот му одговори и рече: »Лукав и мрзлив слуго! Ти знаеш дека жнеам, каде што не сум сеел, и собирам, каде што не сум веел;
27. затоа требаше моето сребро да го дадеш на трговците, па јас, кога дојдам, ќе си го приберам своето, со добивка;
28. земете го од него талантот и дајте му го на оној, што има десет таланти;
29. зашто секому, што има, ќе му се даде и преумножи, а од оној, што нема, ќе му се одземе и она што го има;
30. а лошиот слуга фрлете го во крајна темнина: Таму ќе биде плач и крцкање со заби.« Откако го рече тоа, извика: »Кој има уши да слуша, нека чуе!«
Според Лука
уредиЕвангелието според Лука ја наведува следната верзија на параболата:
12. па рече: „Еден човек од висок род заминуваше во далечна земја да прими царство за себе и да се врати;
— Евангелие според Лука, 19:12–27[3]
13. и кога ги повика своите десет слуги, им даде десет мини и им рече: »Тргувајте со нив, дури не се вратам!«
14. Но граѓаните го мразеа и испратија по него пратеници, велејќи: »Нејќеме тој да царува над нас.«
15. А кога се врати, по приемот на царството, нареди да ги повикаат оние слуги, на кои им беше дал сребро, за да види, кој колку спечалил.
16. Дојде првиот и му рече: »Господаре, твојата мина придонесе десет мини.«
17. И му рече: »Добро, верни слуго; во мала работа беше верен, еве ти власт над десет градови.«
18. Дојде вториот и рече: »Господаре, твојата мина придонесе пет мини.«
19. А тој и нему му рече: »И ти биди – над пет градови.«
20. И друг дојде, велејќи: »Господаре, еве ти ја твојата мина, што ја чував в крпа,
21. оти се плашев од тебе, бидејќи си жесток човек: земаш од каде што не си оставил, и жнееш, каде што не си сеел.«
22. А господарот му рече: »Со твојата уста ќе ти судам, лукави слуго; ти знаеш дека сум жесток човек: земам, од каде што не сум оставил, и жнеам, каде што не сум сеел;
23. тогаш, зошто не го даде моето сребро на трговците, та кога ќе се вратам, да го добијам со интерес?«
24. Па им рече на присутните: »Земете ја од него мината и дајте му ја на оној, што има десет мини!«
25. И му рекоа: »Господаре, тој има десет мини!
26. Ви велам, дека секому што има, ќе му се придаде; а од оној што нема, ќе му се одземе и она, што го има.
27. А оние мое непријатели, што не сакаат да царувам над нив, доведете ги тука и погубете ги пред мене!”
Според Евреите
уредиДенес, Евангелието според Евреите во најголем дел е изгубено, така што изворниот запис за параболата не е зачуван. Евсевиј Кесариски пренесува дека во Евангелието според Евреите, најлошо не поминува оној што го криел својот талант, туку оној што живеел развратно. Имено, од тројцата, едниот го расфрлал имотот на својот господар со блудници и музичари, друг си ги умножил приходите, а третиот го скрил својот талант.[4]
Историски контекст
уредиТалан (или талант) бил единица мерка (приближно 26,2 кг) и во исто време највисока парична вредност меѓу Хелените и на хеленистичкиот исток. Еден сребрен талант вредел околу 6.000 денариуси.[1] Бидејќи денариусот бил вообичаената работничка дневница,[1] еден талант отприлика вредел дваесет години работа за обичен човек.[5]
Кај Лука се појавува заплет што го нема кај Матеј, имено дека дел од граѓаните се бунтуваат против владетелот кој е отсутен. Одамна е забележано дека постојат паралели помеѓу пишувањето на Лука и историските списи на Јосиф Флавиј.[6][7][8][9] Човек кој патува во далечна земја за да прими царство може да биде поврзан со патувањето на Херод Архелај во Рим за да прими царство. Јосиф дава детали кои се чини дека ја повторуваат приказната на Лука.[10] Јосиф опишува како Евреите испратиле пратеници кај Август, додека Архелај патувал во Рим, да се жалат дека не го сакаат Архелај за владетел.[11][12] Кога Архелај се вратил, наредил 3000 негови непријатели да бидат изведени пред храмот во Ерусалим, каде што биле заклани. [11]
Толкувања
уредиТрадиционално, параболата за талантите се смета за охрабрување за Исусовите ученици да ги користат нивните дарови дадени од Бога („талантите“ во секојдневна смисла) во служба на Бога и да преземаат ризици заради Царството Божјо.[1] Неискористувањето на сопствените таланти, вели параболата, ќе резултира со осуда.[1] Значењето на зборот талент во смисла на способност или вештина веројатно потекнува од ова традиционално толкување.[13]
Јоаким Јеремијас верува дека првобитното значење на параболата е насочено против писарите (книжевниците) кои на своите ближни им ускратиле учество во Божјите дарови. Според него, Исус вели дека овие писари наскоро ќе бидат повикани на одговорност за она што го направиле со Божјата реч што им била доверена.[14]
Вилијам Херцог, во согласност со теологијата на ослободувањето, буквално го сфаќа описот на сопственикот кој „жнее таму каде што не посеал“. Според читањето на Херцог, третиот слуга е „свиркач“ што ги разоткрива радостите на господарот како заработка од експлоатацијата на работниците потрошени на неумереност.[15] Тој е казнет затоа што ја кажува вистината, а не затоа што не успеал да заработи. За Херцог, поентата на параболата е потребата од солидарност пред неправдата.[15]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 Hultgren 2002
- ↑ „Свето евангелие според Матеј“. Свето писмо. Посетено на 28 мај 2024.
- ↑ „Свето евангелие според Лука“. Свето писмо. Посетено на 28 мај 2024.
- ↑ Eusebius, Theophany on Matthew 22
- ↑ Ако се смета 6 дана платена работа седмично, со 50 седмици годишно, тогаш 6.000 платени дни = 20 година.
- ↑ Max Krenkel, Josephus und Lukas (1894)
- ↑ Heinz Schreckenberg, Flavius Josephus and the Lukan Writings (1980), pages 179-209.
- ↑ Steve Mason, Josephus and Luke-Acts, (1992), pages 185-229
- ↑ Gregory Sterling, Historiography and Self-Definition: Josephos, Luke-Acts and Apologetic Historiography (1992)
- ↑ Luke Timothy Johnson, Daniel J. Harrington, The Gospel of Luke (1991), endnote 12. стр. 289.
- ↑ 11,0 11,1 Josephus, Antiquities of the Jews, 17:11
- ↑ Luke Timothy Johnson, Daniel J. Harrington, The Gospel of Luke (1991), endnote 14. стр. 290.
- ↑ The Concise Oxford Dictionary, 6th ed., 1976: "talent."
- ↑ Joachim JeremiasJoachim Jeremias, The Parables of Jesus, Scribner, 1954.
- ↑ 15,0 15,1 Herzog, William R. (1994). Parables as Subversive Speech: Jesus as Pedagogue of the Oppressed. Westminster John Knox Press. стр. 150–168. ISBN 978-0-664-25355-4.
Литература
уреди- Herzog, William R. (1994). Parables as Subversive Speech: Jesus as Pedagogue of the Oppressed. Westminster John Knox Press. стр. 150–168. ISBN 978-0-664-25355-4.CS1-одржување: ref=harv (link)
- Hultgren, Arland J. (2002). The Parables of Jesus: A Commentary. Wm. B. Eerdmans Publishing. стр. 271–281. ISBN 978-0-8028-6077-4.CS1-одржување: ref=harv (link)