Палењето на Никифорово

Палењето на Никифорово — злосторство извршено од албанските балисти и италијанските фашисти на 21 август 1943 година,[1] при што биле запалени 62 домаќинства, покуќнина, добитокот и биле убиени неколку жители на селото.[2]

Селото Никифорово запалено од италијанските фашисти и албанските терористи (балисти) на 21 август 1943 година.

Настан

уреди

Пред самото палење на селата, во ова подрачје постојано упаѓале италијанските војници, карабиниерите и балистите на Џемо Хаса. Непосредно пред самото палење на селата, група од педесетина балисти на чело со Џемо се сретнале на патот со казнената единица на Италијанците, која била формирана исклучиво за борба против партизаните и за вршење одмазда врз населението. По краток договор, заминале за Никифорово каде вршеле пресија врз населението, посебно врз семејствата од чија средина имало партизани. Како непосреден повод на окупаторот и на неговите платеници за палењето на селата им послужило фаќањето на партизанот Момир Марковски од Никифорово и партизанскиот курир Гаве Лазаревски од Леуново. Во ранецот на Момир Марковски била најдена крвава кошула од италијанско потекло, што уште повеќе ги изреволтирало присутните Италијанци и балисти. Тие најпрвин го стрелале Момир Марковски, а потоа го однеле Гаве Лазаревски во Леунов, каде и него го стрелале. Двајцата биле стрелани на прагот на своите куќи пред очите на своите семејства.[2]

Претходен настан

уреди
 
Момир Маркоски од Никифорово - стрелан неколку дена пред овој настан.

На 17 август, фашистите го довеле Момир ранет, искрвавен и претепан. Ги повикале неговите браќа и сестра му. Притоа го повикале и народот да се собере. Иако бил измачен и со загубена крв, Момир јуначки го поднесувал тепањето. Фашистите го потерале до плотот од градината и без да му ги врзат очите стрелале во него од 3 - 4 метри. Главен извршител бил познатиот фашист - карабинер Фучило. По директива на партизанската организација и НОО, бил организиран закоп на Момир, при што се одржал говор за неговото дело и за херојство, а целото село дало клетва за неговата освета.[2]

 
Споменик на НОБ во Никифорово, на кој се наоѓаат имињата на жртвите од овој масакр.

Веднаш по овој настан, веќе подолго подготвуваната одмазда врз селата почнала практично да се реализира. Од Гостивар вечерта на 20 август 1943 година пристигнала една поголема единица на италијанската војска со артилерија и минофрлачи, потоа голема група на балисти, албански милиционери. Тие се сместиле најпрвин во Маврови Анови, а потоа ноќта заминале за Никифорово. Бил направен план и двете села до темел да се уништат, а притоа ни населението да не се поштедува. Преку некои албански милиционери и други лица се дознала целта на нивнто доаѓањ. Оваа информација во Никифорово ја донел Живко Живковски. Врз оваа информација, во Никифорово, во присуство на Крсте Црвенковски, се одржал состанок. Било решено да се известат селаните да го извадат од своите куќи се она што е највредно и да се засолнат во шумата над селото. Веднаш потоа од Леуново бил повикан Павле Аврамовски, кој бил запознен со новонастанатата ситуација со цел да ги информира селаните, односно да се организира спасување на покуќнината и засолнување на луѓето и во Леуново. Според сеќавањето на Урош Андреевски и партиската организација во Маврово била информирана за доаѓањето на италијанската војска (карабинери и балисти) во Маврови Анови и за нивната намера да ги запалат трите села. Во моментот во Маврово се одржал состанок во присуство на Крсте Црвенковски, Илија Топаловски - Аврам и Живко Брајковски. Откако го испратиле во Маврови Анови Никола Дојковски, кој по враќањето ги информирал за бројноста на силите и нивната намера, Крсте Црвенковски предложил да се алармира селото за да се засолнат селаните во шумата. Крсте Црвенковски заедно со Илија Топаловски и Урош Андреевски заминале за Никифорово.[2]

21 август 1943

уреди

Во раната зора на 21 август 1943 година, најпрво започнало бомбардирање на селото Никифорово, а потоа во селото навлегле италијанските војници и балистичкиот башибозук, при што паралелно со пљачкосувањето на покуќнината и стоката, ги палеле куќите и притоа биле изгорени 62 куќи. Затекнатите селани биле собрани сред селото, а подоцна фатиле уште една група луѓе што биле засолнати поблиску над селото. Сите нив ги построиле пред цевките на митралезите. Во таа страотна ситуација, каде што бил измешан пискотот на луѓето, стоката и пукањето на пушките и бомбите, се вршел ѕверски терор врз населението.[2]

Жртви

уреди
 
Спомен плоча за цивилните жртви од масакрот во Никифорово.

Неколку селани биле убиени:[2][3]

Трпе Трпевски - Алексовски бил фрлен во пламенот на својата куќа. Се вршеле и други ѕверства, се силувале девојки и жени, се малтретирале и се тепале луѓето до изнемоштеност и слично. Фатеното население од Никифорово било одведено најпрво во полето и построено за стрелање, но по интервенција на некого од страна, до тоа не дошло и луѓето биле воведени во касарната во Маврови Анови, од каде, откако продолжило малтретирањето, по извесно време бил пуштени.[2]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Постхумно промовирана монографијата „Моето Леуново". Република Online. Архивирано од изворникот на 2023-01-04. Посетено на 2023-01-04.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Синадиновски, Јаким; Груевски, Зоге (1976). Трите мавровски села. Скопје: Заедница на научните дејности. стр. 179–182.
  3. Gostivarpress.mk (2018-08-21). „Одбележани 75 години од палењето на селата Ниќифорово и Леуново | Gostivarpress.mk“. Посетено на 2023-01-04.