Палењето на Леуново
Палењето на Леуново — злосторство извршено од албанските балисти и италијанските фашисти на 21 август 1943 година,[1] при што биле целосно запалени 130 домаќинства, покуќнина и биле убиени неколку жители на селото.[2]
Настан
уредиПо палењето на Никифорово, италијанската војска и балистите го блокирале селото Леуново и на селаните им дале рок од 15-тина минути да извлечат од куќите она што за тоа време можеле да извлечат. Веднаш потоа почнало палењето на куќите, при што окупаторот и овде безмилосно се однесувал кон луѓето, стоката и покуќнината. Она што можеле да го однесат, се пљачкосувало, а другиот добиток го убивале со бомби и пушки. При палењето и малтретирањето на селаните, најмногу биле мачени Спиро и Павле Аврамовски. Во Леуново до темел биле разурнати 130 куќи, а другата материјална штета била огромна, бидејќи неподготвени луѓето не можеле да спасат речиси ништо. По палењето на селата, луѓето се распрснале на повеќе страни. Некои биле сместени во Маврово и во некои други села, некои во Маврови Анови - претежно во Туристичкиот дом, некои останале во селата, сместувајќи се во одделни незапалени или недогорени куќи, адаптирајќи ги колку да се засолнат, а некои семејства заминале во Гостивар. За оние што останале во селата или пак што биле сместени во Маврово и Маврови Анови во мошне сериозна форма се поставувала нивната исхрана, бидејќи останале без никакви средства за егзистенција. Поради тоа, требало што поитно да се интервенира за да се ублажи положбата. Во таа смисла околиските комитети во Гостивар и Мавровско, Обласниот комитет и партизанските единици преземале мерки за сместување на луѓето во училиштата и во недогорените куќи, потоа помагале со храна и алат за да се пожнее веќе стасаното жито и обезбедувале дpyги неопходни потреби. По иницијатива на Околискиот комитет во Гостивар, на пример, во градот и во околните села била покрената акција за прибирање храна и за сместување на некои семејства.[2]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Постхумно промовирана монографијата „Моето Леуново"“. Република Online. Архивирано од изворникот на 2023-01-04. Посетено на 2023-01-04.
- ↑ 2,0 2,1 Синадиновски, Јаким; Груевски, Зоге (1976). Трите мавровски села. Скопје: Заедница на научните дејности. стр. 182.