Палацо Медичи Рикарди
Палацо Медичи Рикарди или Палацо Медичи (итал. Palazzo Medici Riccardi) — ренесансен дворец во центарот на Фиренца, Италија.
Дворецот е дело на Микелоцо ди Бартоломео Микелоци[1] изграден по нарачка на Козимо де Медичи, од влијателното семејство Медичи, помеѓу 1445[2] и 1460 г. Зданието е познато по изѕиданата фасасда со рустикација и ѕидарски камен.[3] Триделната елевација тука е замислена како отелотворение на духот на ренесансната рационалност, поредок и класицизам во човечки размери. Хоризонталната поделба на фаасадата е изведена со хоризонтални окапници што го делат зданието на три ката, следниот понизок од претходниот. Вака објектот изгледа полесен во однос на мошне тешкиот корниз кој ја карактеризира контурата на целото здание.
Во проектирањето на дворецот, Микелоцо нашол инспирација во римските градежни начела, и начелата на неговиот претходник, Филипо Брунелески. Ренесансната архитектура се стремела да го возобнови римскиот стил од тогашните зданија и насликаната архитектура на фреските. Кај дворецот Медичи Рикарди, рустикацијата на ѕидовите и корнизот имаат свои претходници во римската уметност.
Големиот ренесансен архитект Брунелески ги темелел своите методи на римските архитектонски поимувања, и преку тоа извршил влијание врз Микелоцо. Отворениот двор со колонади во средината на палатата се инспирирани од манастирските конаци што водат потекло од римските перистилови. Во текот на XVI век е заѕидана тогашната аголна лоџија и дуќаните. Се смета дека на нивно место Микеланџело ги ставил т.н. „клекнати прозорци“ (finestre inginocchiati) со иновативните окапници со завои врамени во фронтонизирани едикули, изработени во стилот на главната порта.
Палатата Медичи Рикарди е една од многуте палати изградени во просперитетот на Фиренца. Иако зданието очигледно претставувало витрина за насобраните богатства на семејството Медичи, стилот е сепак е воздржан. Во 1459 петнаесетгодишниот Галеацо Марија Сфорца гостувал во палатата, и во едно писмо ја опишал недовршената палата, каде што целата негова свита била сместена [4] мошне благородно:
...веројатно најдобриот дом што сум го видел во животот — прекрасни таваници, високи ѕидови, мазни површини на влезовите и прозорците, голем број одаи и салони, елегантни работни соби, скапоцени книги, уредни и отмени градините, таписерии,[5] ковчези од непроценлива вредност изработени со врвно мајсторство, благодорни скулптури, безброј облици и дезени, како и најскапоцени прибори за јадење...“[6]
Николо де Карисими, советник на Галеацо Марија, ги опишува одаите и градината:
„украсени на сите страни со злато и разни фини мермери, резби и скулптури во релјеф, па дури и подот и клупите имаат слики во интарзија со перспектива изработени од најдобрите мајстори; таписерии и украси од злати и свила; сребрени садови и полици со книги на кои им нема крај... градината пак, е поплочена со најдобар измазнет мермер и најразлични растенија, и сето ова како да е насликано, а не вистинско.“[7]
Козимо го дочекал младиот Сфорца во капелата која била „не помалку украсена и убава од остатокот од куќата“. Единствениот зачуван дел од палатата што датира од XV век е Капелата на Трите Свети крала живописана од Беноцо Гоцоли (1461) богата со анегдоти и ликови така убедливо претставени, што веќе долго време се смета дека се портрети на членовите на семејството Медичи, заедно со царевите Јован VIII Палеолог и Жигмунд Луксембуршки како парадираат низ Тоскана преправени како Трите Свети крала.[8]
Пред изградбата, семејството Медичи било протерано од Фиренца како закана за републиканскиот поредок. Со нивното враќање на фирентинската сцена, семејството се држело настрана за да не им паѓа во очи на републиканците. Ова се смета за причината што Козимо де Медичи го одбил првичниот предлог на Брунелески.
Наводи
уреди- ↑ Fabriczy, Michelozzo di Bartolommeo, 38, 41f.
- ↑ Aby Warburg, „Die Baubeginn des Palazzo Medici“, во Gesamelte Schriften, (Лајпциг и Берлин) 1932: том I, 165.
- ↑ Според Веспазијано да Бистичи, само градбата чинела 60.000 дукати; во 1492 покуќнината вредела 81.000 дукати. (Rab Hatfield, „Some Unknown Descriptions of the Medici Palace in 1459“, The Art Bulletin 52.3 (септември 1970:232-249), стр. 235 и белешки.
- ↑ „...со такви почести што дури и најмалку важниот гостин има сместување достојно за цар“ - по искажувањето на Николо де Карисими во писмо што го наведува Хетфилд (Hatfield 1970:232).
- ↑ Таписериите виселе на ѕидови кои биле молерисани интонако и оделе складно со богато насликаната и позлатена столарија на таваницата.
- ↑ Hatfield 1970:232.
- ↑ Hatfield 1970:233.
- ↑ Кристина Ачидини Лукинат ја отфрла оваа дамнешна легенда во нејзиниот есеј The Chapel of the Magi. Benozzo Gozzoli's Frescoes in the Palazzo Medici Riccardi Florence (London: Thames & hudson) 1994.
Надворешни врски
уреди- Палацо Медичи Рикарди на Ризницата ?
- Палацо Медичи Рикарди – официјална страница (италијански) (англиски)