Патеводителка

тема во иконографијата на Богородица
(Пренасочено од Одигитрија)

Патеводителка, Патоводителка или Одигитрија (старогрчки: Ὁδηγήτρια) — иконографска претстава на Богородица која покрај себе го држи детето Исус, покажувајќи го како извор на спасението за човештвото. Главата на Богородица обично е наклонета кон детето, кое ја крева раката во знак на благослов.

Дионисиевата верзија на Богородица од Смоленск (околу 1500 г.)
Плоча од XII век, пронајдена во катедралата во Торчело; целосна става како изворникот во Цариград

Најпочитуваната икона од типот Одигитриjа, која се смета за изворна, била изложена во манастирот Панагија Одигитриjа во Цариград, кој бил изграден специјално за неа. За разлика од повеќето подоцнежни копии, таа ја прикажува Богородица како стои во полна висина. Се вели дека Евдокија, сопругата на царот Теодосиј II (408–450), ја донела од Светата Земја, а ја насликал самиот апостол Лука.[1] Иконата била двострана[2] со распетие од другата страна и била „можеби најистакнатиот култен предмет во Византија“.[3]

Иако различни преданија тврдат дека е однесена во Русија или Италија, првичната икона веројатно е изгубена. Има голем број копии на сликата, вклучително и многу од најпочитуваните руски икони, кои самите се здобиле со свој статус и традиција на копирање.

Цариград

уреди

Постојат бројни слики кои ја покажуваат иконата во нејзиното светилиште и за време на јавното изложување што се одржувале секој вторник и било една од најголемите знаменитости за посетителите на Цариград. По Четвртата крстоносна војна, од 1204 до 1261 година, иконата била префрлена во манастирот Пантократор (денес џамија во областа Зејрек во Цариград), кој станал катедрала на венецијанското седиште за време на франкското владеење. Бидејќи ниедна од илустрациите на светилиштето во манастирот Патеводителка не е постара од овој интермедиум, можеби светилиштето е создадено по враќањето.

Постојат неколку прикази за неделното појавување, двата најподробни од Шпанците:

Секој вторник, дваесет мажи доаѓаат во црквата на Марија Патеводителка; тие носат долга црвена ленена облека,[4] со покриени глави како при демнење [...] има голема поворка и мажите облечени во црвено одат еден по еден до иконата; оној со кого иконата е задоволна може да ја земе како да не тежи речиси ништо. Ја става на рамо и пеејќи одат од црквата на големиот плоштад, каде што тој што ја носи иконата оди со неа од едната до другата страна, педесет пати го обиколува плоштадот. Кога ја спушта, ја зема друг.[5]


Во друг извештај се вели дека оние што ја носеле иконата се тетеравеле околу толпата, а иконата изгледала како да се навалува кон посматрачите, кои тогаш се сметале благословени од Богородица. Свештениците ја допирале иконата со парчиња памучна вата и ги делеле на толпата. Ѕидна слика во црква во близина на Арта, Грција покажува голема толпа луѓе кои гледаат таков приказ додека уличниот пазар за месното население продолжува во преден план.[6]

Сликата на реликвијата во манастирот во Хамилтонскиот псалтир се чини дека ја прикажува иконата зад златен екран од голема мрежа, поставен на потпори што се издигнуваат од четиристрана пирамидална основа, како и многу од големите средновековни ораториуми. Главите на служебниците во црвени наметки се порамнети со долната рамка на иконата.[7]

Иконата исчезнала за време на падот на Цариград во 1453 година, кога била во црквата Хора. Можеби била исечена на четири дела.[8]

 
Патеводителка, Берлингиеро од Лука (околу 1230) го прикажува византиското влијание врз италијанската уметност во XIII век (Метрополитен музеј)

Распростирање на сликата

уреди

Во X век, по раздобјето на иконоборството во византиската уметност, оваа слика станала пошироко распространета и веројатно се развила од претходниот тип каде десната рака на Богородица била на коленото на Исус.[9] Пример за овој претходен тип е иконата Salus Populi Romani во Рим. Многу верзии го носат натписот Патеводителка во заднина, а во византиски контекст „само овие именувани верзии биле разбрани од нивната средновековна публика како свесни копии на изворната Патеводителка во манастирот Одегон“, како што вели Марија Василаке. [10]

Верзии во полна големина, веројатно од грчки уметници, се појавуваат во мозаик во катедралата во Торчело (XII век) и во Капела Палатина во Палермо (околу 1150 година), втората со натпис Патеводителка.[11]

Од Патеводителка се развила Панагија Елеуса (Богородица на нежна милосрдност), каде Марија сè уште покажува кон Исус, но тој ѝ го колва образот, што малку го наклонува кон него. Познати верзии се Владимирската мајка Божја и Феодоровската икона на мајката Божја. На овие слики вообиачено Исус е лево.

Патеводителка Смоленска

уреди
 
Храмот на Патеводителката во Смоленск, фотографиран од Прокудин-Горски во 1912 г.

Некои Руси веруваат дека по падот на Цариград, иконата на Свети Лука се појавила во Русија, каде што била поставена во Успенската соборна црква во Смоленск, Русија. Неколкупати со големи чинодејствија била носена во Москва, каде во нејзина чест бил изграден Новодевичкиот манастир. Нејзин празник е 10 август.

Оваа икона, која историчарите на уметноста ја датираат од XI век, наводно била уништена од пожар за време на германската окупација на Смоленск во 1941 година. Многу цркви низ Русија се посветени на Смоленската Патеводителка, на пр. црквата на смоленските гробишта во Санкт Петербург и Одигитриската соборна црква во Улан-Уде. Марија мајката Божја може да се нарече Богородица од Смоленск.

Италијанска традиција

уреди

Според италијанското предание првичната икона на Марија која му се припишува на Лука, што Евдокија ја пратила на Пулхерија од Палестина, била голема тркалезна икона само со нејзината глава. Кога иконата пристигнала во Цариград, била вградена како глава во многу голема правоаголна икона на Марија која го држи детето Христос. Токму оваа композитна икона станала историски позната како Патеводителка. Друго предание вели дека последниот латински цар на Цариград, Балдвин II, побегнал од Цариград во 1261 година, земајќи го со себе овој изворен кружен дел од иконата. Останала во сопственост на семејството Анжу, кое исто така ја вметнало во поголема слика на Марија и бебето Исус, која моментално е осветена над главниот олтар на црквата на бенедиктинската опатија Монтевергин.[12][13] За жал, оваа икона била пресликана многу пати во текот на вековите, па затоа е тешко да се одреди како би изгледала изворната слика на лицето на Марија. Сепак, Гвардучи исто така тврди дека во 1950 година античката слика на Марија[14] во црквата Санта Франческа Романа била многу точна, но превртена огледална слика на првичната кружна икона направена во V век и донесена во Рим, каде што останала до денес.[15]

Италијанскта „изворна“ икона на Патеводителка во Рим е претставена во криминалистичкиот роман Смрт и обнова (1996) од Иан Пирс, во серијата мистерии за историјата на уметноста на Џонатан Аргил.

Црквата Санта Марија Патеводителка ал Тритоне во Рим го добила името по иконата.

Галерија

уреди

Источна црква

уреди

Западна црква

уреди

Наводи

уреди
  1. James Hall, A History of Ideas and Images in Italian Art, p.91, 1983, John Murray, London, ISBN 0-7195-3971-4
  2. Vasilakē; op & page cit
  3. Cormack:58
  4. Можеби лаичко братство - тие се прикажани во внатрешноста на светилиштето во илуминација во Хамилтонскиот псалтир од в. 1300 (Берлин), Кормакова илустрација 9
  5. Cormack:59-61 – Pero Tafur во 1437
  6. Cormack: illustration p.60
  7. Cormack:61 for display, 58 and illustration 9 for shrine
  8. Warren Treadgold, A History of the Byzantine State and Society, Stanford, 1997 ISBN 0-8047-2630-2. Four pieces from Cormack:59
  9. Maria Vasilakē, p.196
  10. Vasilakē; op and page cit
  11. James Hall, A History of Ideas and Images in Italian Art, p.126, 1983, John Murray, London, ISBN 0-7195-3971-4
  12. „Image: madonna.jpg, (300 × 556 px)“. avellinomagazine.it. Посетено на 2015-09-05.
  13. „Image: Montevergine4.jpg, (238 × 340 px)“. mariadinazareth.it. Посетено на 2015-09-05.
  14. „Image: icona sta maria  nuova.jpg, (350 × 502 px)“. vultus.stblogs.org. Архивирано од изворникот на 2016-03-03. Посетено на 2015-09-05.
  15. Margherita Guarducci, The Primacy of the Church of Rome. San Francisco: Ignatius Press, 1991, 93-101.

Литература

уреди
  • Cormack, Robin (1997). Painting the Soul: Icons, Death Masks and Shrouds. London: Reaktion Books.
  • Kurpik, Wojciech (2008). „Częstochowska Hodegetria“ (полски, англиски, и унгарски). Łódź-Pelplin: Wydawnictwo Konserwatorów Dzieł Sztuki, Wydawnictwo Bernardinum. стр. 302. Архивирано од изворникот на 2011-05-18. Посетено на 2011-03-31.
  • Vasilakē, Maria (2004). Images of the Mother of God: Perceptions of the Theotokos in Byzantium. Burlington, Vermont: Ashgate Publishing Co. стр. 196. ISBN 0-7546-3603-8. OCLC 1124558394.

Надворешни врски

уреди