Обична зебра
Обична зебра во Танзанија
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Цицачи
Ред: Непарнокопитни
Семејство: Коњи
Род: Коњ
Подрод: Зебра
Вид: Обична зебра
Научен назив
Equus quagga
Boddaert, 1785
Подвидови

E. q. quagga
E. q. burchellii
E. q. boehmi
E. q. borensis
E. q chapmani
E. q. crawshayi

Живеалиште на обичната зебра
Синоними[1]
  • Equus burchelli (Gray, 1824) [парв. греш.]
  • Equus burchellii
  • Equus burchellii Schinz, 1845

Обична зебра или Берчелова зебра (науч. Equus quagga, порано: Equus burchellii) — најчест и најраспространет вид зебра,[2] присутна од јужна Етиопија, источна Африка, па на југ до Боцвана и источна ЈАР. Особено е бројна во резерватите, но бон нив е под закана поради ловот за месо и кожа, како и од конкуренцијата на добитокот и претворање на живеалиштето во земјоделски површини.

Има неколку подвида, меѓу кои денес изумрената квага и шест постоечки подвида, иако постои голема разновидност на шари меѓу единките. Претставуваат единствени копитари со шари, чијашто улога не е конечно утврдена. Според едни, шарите служат да го збунат непријателот кога зебрата е во движење, додека пак според други им помагаат на единките меѓусебно да се препознаат.

Живеалиштето не им е целовидно, но се протега во голем дел од јужна и источна Африка, јужно од Сахара. Обично живеат во бездрвни тревести предели и савански кории од тропски и умерен тип. Избегнуваат пустини, густи шуми и трајни мочуришта, и ретко се оддалечуваат повеќе од 30 километри од поило.

Обичната зебра е мошне друштвено животно. Се групира во хареми од еден пастув, неколку кобили и породот, а постојат и групи од неспарени единки. По потреба, групите се соединуваат, образувајќи големи ергелиња. Од грабливците (кучиња, хиени, леопарди) се штитат со будно набљудување наместо со криење, и се огласуваат со лаеж и фучење, при што пасувот ги напаѓа непријателите за да си го одбрани харемот. Бројот им е стабилен и не е во значајна опасност.

Примероци од ова животно можат да се видат во Зоолошката градина во Скопје.[3]

Подвидови

уреди

Во 2004 г. е направена преработка на систематизацијата на зебрите, утврдувајќи шест повида:[1]

  • квага (Equus quagga quagga Boddaert, 1785)
  • обична (Берчелова) зебра (Equus quagga burchellii Gray, 1824)
  • Грантова зебра (Equus quagga boehmi Matschie, 1892)
  • безгривна зебра (Equus quagga borensis Lönnberg, 1921)
  • Чепманова зебра (Equus quagga chapmani, Layard, 1865)
  • Крошејова зебра (Equus quagga crawshayi, De Winton, 1896)

Понекогаш во источно Зимбабве и западен Мозамбик се разликува и уште еден подвид:

  • Селусова зебра (Equus quagga selousi, Pocock 1897)

Физички опис

уреди

Обичната зебра е со средна големина, во просек помала од другите два вида зебри, има дебело тело и релативно кратки нозе. Постојат извесни разлики во големината, зависно од состојбата на животното и подвидот на кој му припаѓа. Возрасните единки од обата пола се високи по 1,1-1,45 м, долги по 2,17-2,46 м (не сметајќи ја опашката од 47-56 см) и тежат 175-385 кг. Мажјаците тежат до 10% повеќе од женките.[4][5]

Како и сите зебри, по телата имаат црно-бели пруги, и шарата е различна кај секоја единка. Муцките им се црни или темни, а ждребињата се раѓаат со кафеаво-бели пруги. Сите имаат исправени пруги на предниот дел од телото, кои стануваат водорамни кон задникот. Единките што живеат на север имаат потесни и поизразени пруги,[6][7] а оние на југ имаат помалку пруги на долниот дел, нозете и задникот.[6] Јужните имаат пруги од побледа боја помеѓу белата и црната боја,[6][7] кои се отсутни или неистакнати кај северните.[6][7]

Ембриолошките наоди укажуваат на тоа дека позадинската боја на зебрата е темната, а дека пругите се бели.[8] Денес изумрениот подвид квага имала кафеава задница. Постојат и разни мутации на обоеноста на зебрата, од претежно бела до претежно црна.[9]

Екологија

уреди

Распространетост и живеалиште

уреди
 
Зебри на поило

Ареалот на обичната зебра на север завршува кај Сахара (Јужен Судан и јужна Етопија), а се протега во источна Африка до Замбија, Мозамбик и Малави, па се шири низ највеќето јужноафрикански земји. Порано била присутна и во Бурунди и Лесото, а се претпоставува дека живееле и во Алжир во новото камено време.[10]

Обично живеат во тревни предели без дрвја и савански кории[7] но се среќаваат во најразлични живеалишта од тропски и умерен тип. Не опстојуваат во пустини, густи дождовни шуми и трајни мочуришта.[7] Висински, живеат од морско ниво, па сè до надморска височина од 4.300 м на планината Кенија. За исхрана и напојување зависат од дождот, па затоа одат на големи преселби, следејќи ги дождовите. Познати се преселби за храна до 1.100 км. Во голема мера зависат од вода[11] и ретко се среќаваат подалеку од 25–30 км од поило.

Исхрана и непријатели

уреди
 
Зебри како пасат заедно со гнуа

Се проценува дека исхраната на зебрата се состои од 92% треба, 5% билки и 3% грмушки.[12] За разлика од многу африкански копитари, на обичната зебра не ѝ е неопходна кратка трева за да се прехрани, но сепак ја претпочита ако ја има. Се храни со многу различни треви, по можност млади. Повремено брсти листови и фиданки, па поради оваа разновидност во исхраната, распространета е на многу поголема територија од највеќето животни.[11] Зебрите имаат едноделен стомак, со чија помош сваруваат поголеми количества зеленило во едно деноноќие.[13] Тоа им овозможува да бидат помалку пребирливи при брстењето, но затоа ги приморува да трошат повеќе време јадејќи. Кога еден предел ќе раззелени, зебрите најчесто се првите животни што ги пасат растенијата, подготвувајќи го теренот за попребирливите тревопасни животни како обичното гну и Томсоновата газела,[11] на кои им треба пократка и похранлива трева.

Главни грабливци на обичната зебра се лавот и дамчестата хиена.[6] Особена опасност во реките претставува и нилскиот крокодил, кој ги напаѓа кога ги преминуваат реките во потрага по храна и вода. Меѓу другите напаѓачи се вбројуваат и дивото куче, гепардот и леопардот, иако тие претставуваат помала закана и напаѓаат претежно ждребиња. Маслинестиот павијан исто така напаѓа ждребиња, но е безопасен за возрасните единки. Од своја страна, зебрата дава значаен отпор со силен загриз и клоцање кое може да усмрти. Од поголемите непријатели се бранат со бегање, а од помалите непосредно со борба.

Поведение

уреди

Општествена структура

уреди
 
Харем од зебри

Зебрата е мошне друштвено животно и обично образува мали семејни групи наречени хареми, кои се состојат од еден пастув, неколку женки и нивните скорешни ждребиња. Харемот е мошне стабилен и опстанува од неколку месеци до неколку години. Постојат и групи од млади мажјаци „ергени“, од по 2 до 15 единки со старосна хиерархија.[11] Единката членува во групата сè додека не се спремни да отпочнат свој харем. Додека членуваат во групата, младите мажјаци вежбаат обреди за средби и игриви борби со кои се подготвуваат за самостоен живот.[11] Поп потреба се образуваат и големи стада, сочинети од повеќе хареми и ергенски групи, што е ретко за харемско животно.[14] Покрај ова, по два харема можат да образуваат стабилнни подгрупи во рамките на стадо, овозможувајќи им на поединците да содејствуваат со единки вон нивната група.[14]

Мажјаците ги составуваат и прошируваат своите хареми со грабнување на млади женки од нивните родни хареми.[11][15] Кога женката ќе достигне полова зрелост, таа сигнализира со соодветна поза,[15] што ги привлекува мажјаците со и без харем. Пастувот (нејзиниот татко) од своја страна настојува да ги набрка овие млади мажјаци или да се бори со нив. Дури и по изолирањето на младата женка од родниот харем, борбата за неа продолжува сè до крајот на естралниот циклус, и започнува со следниот. Затоа, ретки се случаите кога првичниот грабнувач на женката ја задржува до крај.[16].[16] Кога женката конечно ќе овулира, мажјакот што ќе ја забремени го добива правото да ја задржи и со тоа таа станува траен член на нов харем.[16][17] Кога ќе достигне извесна старост, позата на женката станува помалку воочлива и затоа не постои борба за постари женки.[18]

 
Две зебри во борба

Кобилите живеат во хиерархија — женката со статус „алфа“ прва се пари со пастувот и има улога на предводник. Новите кобили харемот наидуваат на непријателски реакции од другите женки, што значи дека мажјакот мора да ги брани додека не се смири агресијата.[11][17] Најновата кобила има најнизок ранг, но понизок ранг добиваат и женките се изнемоштени или во друга неповолна состојба. Составот на харемот останува ист, дури и ако го преземе друг мажјак.[18] Општествените односи се зајакнуваат со меѓусебно тимарење, односно триење на вратот, рамената и грбот и нивно поткаснување со забите и усните. Највеќе се тимарат мајката и младото, а по нив следуваат браќата и сестрите меѓусебно. Ова е начин да се покаже општествениот статус и да се олеснат тензиите меѓу единките.[11]

Мажјакот има задача да ја брани својата група од други мажјаци. Кога ќе биде извикан, тој дава предупредување со протривање на носот или рамената на дојдениот мажјак со своите. Доколку не се повлече, настапува борба. Овие борби се многу насилни, со силни загризи по вратот, главата и нозете, соборување на земја и повремено клоцање. Понекогаш предизвикувачот се преправа дека се предава, за повторно да нападне кога другиот мажјак ќе олабави.[11] Највеќето борби се случуваат кога младите женки се спремни за парење. Здравите мажјаци не добиваат предизвици — ова и се случува само на болните и изнемоштените, а дури и тогаш преземањето е постепено.[11]

Општење

уреди

Кај обичната зебра се забележани барем шест различни огласувања. За контакт, извикот гласи „а-ха, а-ха, а-ха“ или „ква-хља, кав-ха, ха, ха“.[18] Кога ќе види грабливец, зебрата прави двосложен извик. Кога одат да се скријат од потенцијална опасност, се огласуваат со силно фучење. Кога се спокојни, фучат на поразвлечен начин. Кога се повредени, мажјаците испуштаат кус висок писок, а ждребињата испуштаат издолжен вик кога се во неволка.[18] Кога се поздравуваат, зебрите ги начулуваат ушите, а ги спуштаат кога се во опасност.[18]

Размножување

уреди
 
Младо како цица од мајката

Пастувот се пари со сите негови кобили. Секоја раѓа по едно ждребе, еднаш годишно. Највеќе млади се раѓаат во влажната сезона, а цицаат една година. Мажјакот обично не трпи ждребиња кои не се негови, па ги брка или убива. Како и коњите, зебрите можат да стојат, одат, трчаат и цицаат набргу штом ќе се родат. Кога се пораѓа, кобилата се држи настрана од сите други единки, а потоа го доведува и станува дел од семејството. Со самото раѓање, ждребето го добива истиот ранг како мајката.[18] Младите ги штитат нивните мајки, главниот мажјак и другите женки. И покрај ваквата заштита, дури до 50% умираат во својата прва година поради грабливци, болест или глад.

Младите мажјаци ја напуштаат семејната група штом ќе се роди следното младо бидејќи со тоа го губат односот со мајката.[6][15] Тогаш младиот мажјак бара своја дружина, сочинета од други млади мажјаци како него.[15] Младите женки остануваат во харемот сè додека не дојде надворешен мажјак и ги приграби за себе.[6]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Equus quagga. IUCN Red List. Version 2008. International Union for Conservation of Nature. 2008. Посетено на 10 April 2009. Проверете ги датумските вредности во: |access-date= (help)
  2. Grubb, P. (2005). „Order Perissodactyla“. Во Wilson, D.E.; Reeder, D.M (уред.). Mammal Species of the World: A Taxonomic and Geographic Reference (3rd. изд.). Johns Hopkins University Press. стр. 630. ISBN 978-0-8018-8221-0. OCLC 62265494.
  3. „Зебра“. Зоо Скопје. Посетено на 21 мај 2015.[мртва врска]
  4. [1] (2011).
  5. [2] Архивирано на 12 јануари 2012 г. (2011).
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 6,5 6,6 Kingdon 1988
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 7,4 Moehlman 2002
  8. Prothero 2003
  9. „Mutations“. Messybeast.com. Посетено на 2012-07-03.
  10. Groves C. P. (1974) Horses, Asses and Zebras in the Wild. Hollywood, California, US: Ralph Curtis Books
  11. 11,00 11,01 11,02 11,03 11,04 11,05 11,06 11,07 11,08 11,09 Estes 1991
  12. Lamprey, H. F. (1963). Ecological separation of large mammal species in the Tangayika Game Reserve, Tangayika. E. Afr. Wildl. J. 63–93
  13. Moehlman 2003
  14. 14,0 14,1 Rubenstein and Hack
  15. 15,0 15,1 15,2 15,3 Moss 1982
  16. 16,0 16,1 16,2 Klingel 1969
  17. 17,0 17,1 Adlen et al. 1995
  18. 18,0 18,1 18,2 18,3 18,4 18,5 Grub 1981

Литература

уреди
  • Alden, P. C., Estes, R. D., Schlitter, D., McBride, B. (1995). National Audubon Society Field Guide to African Wildlife. New York, Chanticleer Press, Inc. pg. 151
  • Apps, P., du Toit, R. (2006). Creatures of Habit: Understanding African Animal Behaviour. Struik. pp. 74–75.
  • Estes, R. (1991). The Behavior Guide to African Mammals, Including Hoofed Mammals, Carnivores, Primates. Los Angeles, University of California Press. pp. 242–246
  • Groves, C. P.; Bell, H. B. (2004). „New investigations on the taxonomy of the zebras genus Equus, subgenus Hippotigris“. Mammalian Biology. 69: 182–196. doi:10.1078/1616-5047-00133.
  • Grubb, P. (1981). „Equus burchellii“. Mammalian Species. 157: 1–9. doi:10.2307/3503962.
  • „'Equus quagga ssp. quagga'. IUCN Red List. Version 2011.1. International Union for Conservation of Nature. 2008. Посетено на 17 August 2011. (extinct subspecies of the plains zebra.)
  • Higuchi; и др. (1987). „Mitochondrial DNA of the Extinct Quagga: Relatedness and Extent of Postmortem Change“. Journal of Molecular Evolution. 25: 283–287. doi:10.1007/BF02603111. PMID 2822938.
  • Kingdon, J. (1988). East African Mammals: An Atlas of Evolution in Africa, Volume 3, Part B: Large Mammals. Chicago, University of Chicago Press. pp. 165–179
  • Klingel, H. (1969). „Reproduction in the plains zebra Equus burchelli boehmi: behaviour and ecological factors“. J. Reprod. Fertil., Suppl. 6: 339–345.
  • Moelman, P. D. (2002). Equids. Zebras, Assess and Horses. Status Survey and Conservation Action Plan. IUCN/SSC Equid Specialist Group. IUCN, Gland, Switzerland. Chapter 4. Status and Action Plan for the Plains Zebra (Equus burchelli). Mace A. Hack, Rod East and Dan J Rubenstein. pp. 43–57.
  • Moehlman, P. D. (2003). Grizmek's Animal Life Encyclopedia. Mammals IV. Detroit, The Gale Group, Inc. 15.
  • Moss, C., Ed. (1982). Portraits in the Wild, Animal Behavior in East Africa. Chicago, University of Chicago Press.
  • Prothero, D. R.; Schoch, R. M. (2003). Horns, Tusks, and Flippers: The Evolution of Hoofed Mammals. Johns Hopkins University Press.
  • Rubenstein, D. I. & M. Hack (2004) Natural and sexual selection and the evolution of multi-level societies: insights from zebras with comparisons to primates. pp. 266–279. In: Sexual Selection in Primates: New and Comparative Perspectives. P. Kappeler and C. P. van Schaik (eds.). Cambridge University Press.

Надворешни врски

уреди