Ноќите на Кабирија
„Ноќите на Кабирија“ (италијански: La notti di Cabiria) е италијански филм од 1957 година, во режија на Федерико Фелини (Federico Fellini), кој е и автор на сценариото, заедно со Ењо Флајано (Ennio Flaiano), Тулио Пинели (Tullio Pinelli) и Пјер Паоло Пазолини (Pier Paolo Pasolini). Главните улоги ги толкуваат: Џулиета Масина (Giulietta Massina), Франсоа Перие (François Perier), Амадео Назари (Amedeo Nazzari) и Алдо Силвани (Aldo Silvani). Исто како во „Улица“, и во овој филм Фелини ја разработува приказната за добра и невина жена во злобниот и студен свет. Главната улога ја игра неговата сопруга, Масина. Филмот ја освоил наградата „Оскар“ за најдобар странски филм, а на Канскиот филмски фестивал освоил две награди: Мазина (за најдобра глумица) и Фелини.[1] [2] [3]
Содржина
уредиВо филмот се прикажуваат згодите и незгодите на Марија Чекаречи, наречена Кабирија (ја игра Мазина), проститутка со големо срце и наивна како дете. На почетокот од филмот, нејзиниот сакан Џорџо ја турка во реката за да ѝ ги земе парите. За среќа, неа успеваат да ја спасат децата кои се капат во реката. Потоа, таа случајно го запознава познатиот глумец Алберто Лазари (го игра Назари), кој ја кани во својот дом, нудејќи ѝ богата вечера, но кога доаѓа неговата девојка Џеси (ја игра Греј), тој ја заклучува Кабирија во бањата, каде таа ја минува целата ноќ. За време на еден верски празник, Кабирија и нејзините другарки одат во црква и таа ја моли Богородица да ѝ го промени животот. Една вечер, таа присуствува на магионичарска претстава во која, под дејство на хипноза, ги искажува своите чувства. По претставата, нејзе ѝ приоѓа непознат маж кој се претставува како Оскар (го игра Перие). Набргу, тие се среќаваат неколкупати при што Оскар е многу внимателен кон неа. Најпосле, тој ѝ предлага брак. Кабирија ја продава куќата и заминува во подобар живот. Меѓутоа, Оскар ја носи на брегот на морето и тогаш Кабирија сфаќа дека тој сака да ја турне во провалијата. Разочарана, таа му ги дава парите молејќи го да ја убие. Меѓутоа, малку подоцна, таа среќава група распеани младинци и тоа е доволно да ѝ се врати ведрината и волјата за живот.[4]
Наводи
уреди- ↑ HRT, Stoti rođendan Federica Fellinija: Cabirijine noći, talijansko-francuski film (пристапено на 20.1.2020)
- ↑ IMDB, Nights of Cabiria (1957)Awards (пристапено на 21.1.2020)
- ↑ HRT, Cabirijine noći, talijansko-francuski film (пристапено на 23.12.2021)
- ↑ HRT, Stoti rođendan Federica Fellinija: Cabirijine noći, talijansko-francuski film (пристапено на 20.1.2020)