Носии од Мавровско Поле и Горна Река

Носијата од Мавровско Поле била носена во селата кои денес се наѓаат околу Мавровското Езеро кое во минатото било поле, а онаа од Горна Река во селата: Бродец, Кракорница, Богдево, Врбен, Трница, Волковија, Тануше, Нистрово и Бибање.[1]

Преден поглед на женска носија од Горна река
Заден поглед на женска носија од Горна река
Преден и заден поглед на женски носии од Горна река

Женска носија

уреди
 
Женска носија од Мавровско Поле и Горна Река

Во пределот Мавровско Поле и Горна Река женската носија по своите типски одлики се надоврзува на носијата од Горни Полог со карактеристичните две скутини - предна и задна. Опашувањето на две скутини врз платнената кошула е многу стар елемент во народната носија, чие потекло може да се поврзе со старословенската културна традиција.

 
Жена во невестинска носија од село Маврови Анови, Мавровско Поле (1930-1937)

Во носијата на жените двете скутини се со одредени регионални разлики, како по материјалот од кој се изработени, така и по начинот на обликувањето и украсувањето, а тоа повеќе е изразено кај задната скутина.

Во Мавровско Поле таа е исткаена од темноцрвена волна и надиплена, додека во Горна Река задната скутина е иста како предната - волнена ткаенина, извезена и украсена со рески. Во овој предел се носи и црн опрегач заген, надиплен дуљчен за празници и раздуљчен за секој ден. Предната скутина опрегач преен, праштељка, паштерка, е од црвена волнена ткаенина, со извезени вегетабилни мотиви. Спецификата на извезени растителни мотиви на скутините е одлика само на овие предели.

Другите облеки од женската носија - долама, џамадан, се од клашнени или кадифени материјали со извонредно богата декорација од аплицирана срма.

Специфичност на носијата од овој регион е обувањето на нозете со три елементи на чорапи: калчини, чулки - чорапи без стапала, и тозлуци - ногавици од клашна - со срмени украси. Се облекуваат сите заедно и чинат едни ноги. [1]

Машка носија

уреди
 
Мажи на коњ во носии од пределот Горна река (јули 1939, периодот меѓу двете светски војни)

Машката носија се надоврзува на носијата на Мијаците, со разлики во оформувањето и украсувањето на горните облеки, на кои се застапени срмени везови и гајтани.[1]

Машката носија ги има главно карактеристиките на носијата во другите пределски целини во западномакедонската етнографска целина, додека женската покажува индивидуално локално обележје. Во својот комплетен состав, машката носија егзистирала до периодот меѓу двете светски војни. За нејнино рано напуштање пресудно било печалбарството. За разлика од неа, женската се задржала многу подолго. [2]

Но според сеќавањето на информатори, како и од теренските белешки на Ѓорѓи Здравев, мажите од овие предели носеле бела кошула од домашно ткаено платно, над која се носело темно-црвен клашнен минтан со срмена орнаментика околу ракавите. Фанелата, направена од подебела ткаенина, била носена припиена на голо тело. [3]

 
Мажи во носии од Горна река (1910-ите)

Над минтанот се носел џамадан со црни и жолти срмени везови на бордо-црвена основа, а над него се носело џубел или љурка од темно-обоена клашна со кратки ракави. Обвиткан околу половината бил свилен појас тн. „пош“ кој бил купуван од истанбул, во жолто-кафеава боја со кариран дезен. На нозете се носеле бели клашнени бечви, опточени со црни гајтани; калчини, срмени зетовски чорапичивнаци“, тозлуци, и опинци со „опчаници/кондури“. На главата, мажите носеле плитка клашнена капа. [3]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Томовски, Крум (1996). Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 149. ISBN 9989-649-25-1.
  2. Здравев, Ѓорѓи (1996). Македонски Народни Носии I. Скопје: Матица Македонска. стр. 82 до 85. ISBN 9989-48-009-5.
  3. 3,0 3,1 Мирчевска, Марија (2005). Народна носија на Горнореканците како невербален етнички симбол. Скопје: Етнолог - списание на здружението на етнолозите на Македонија. стр. 154.