Народни носии од Охридско Поле и Дебрца

Овие носии биле користени претежно во Охридско Поле (со исклучок на с. Подмоље, чија носија се надоврзува со таа од Струшко Поле) и историско-географскиот предел Дебрца.

Група ученици на оро во носии од селото Велгошти, Охридско поле (средина на ХХ век)

Носии од Охридско Поле

уреди

Охридско Поле заедно со крајбрежните села е расположено на североисточниот и источниот брег од Охридското Езеро. На север граничи со пределот Дебарца, Струшко Поле и Струшки Дримкол, на запад преку езерото со Албанија, а на југоисток преку планината Галичица со Преспа. Овој предел географски се надоврзува на неговите северни соседни предели со кои заедно прави географска целина, позната како Охридскиот крај.[1]

Машката носија

уреди
 
Жени во носии белејки платно покрај Охридското Езеро

Мажите од Охридскиот крај носеле бела платнена кошула, дискретно везана со црн, бел, црвен и син памучен конец на корилот (јаката) и „капаците“ – манжетните (краевите) од ракавите. Составен дел од „зетовската кошула“ е фустанот со многу клинови и долг до колената, наликувајки на „арнаутските фустанели“, односно во „јанинска/грчка“ форма. Околу половината опашувале „ален“ црвен волнен појас, бил над белите клашнени бечви кои биле со црни гајтани.[1]

Над кошулата носеле бело клашнено кундале без ракави (вид елек), и бела клашнена ќурдија која била долга до колената и по сличен крој како женскиот клашеник. На главата носеле црвен фес, кој младоженците го украсувале со „мангура“. Истиот се изостава од почетокот на ХХ век. На нозете носеле волнени чорапи орнаментирани на „алена“ основа, кои се замениле со главно еднобојни чорапи (најчесто црни). Чорапите на горниот дел биле обмотани со црвени-пругасти волнени дизги (2–3 cm). Над чорапите носеле опинци од свинска или говедска кожа.[1]

 
Жена во носија од Охридско Поле

Женската носија

уреди

Женскиот рувет од Охридско се состои од бела платнена кошула, чиј традиционален вез бил изоставен во периодот меѓу двете светски војни. Под ракавите на кошулата носеле волнени поманики, долги од шаката до лактите, од почетокот на ХХ век биле правени од црвено кадифе. Над кошулата жените носеле бел срмен „клашеник“ кој бил 30 cm долг под појасот (прилично подолг кај крајбрежните села).[1]

Околу половината се опашувало црн појас во вид на гајтан, и скутина „скутник“, кој се појавува како еднодиплен (црна основа со винести и срмени тесни пруги), дводиплен (црвена основа со разнобојни пруги) или бели-шеќерни пругасти скутници. Џуница од црвена-црна преѓа се опашувала неколку пати над појасот и скутникот, а во поново време се носеле 2-3 бели платнени ленти „џунинчиња“ зад скутникот. Како горна облека, исто така носеле џубе (слична должина со клашеникот), од кое постоеле црно клашнено „морно џубе“, украсено со црвени гајтани за невестите и „за радост“ (карактетистично за јужните крајбрежни села); „бело џубе“ кое било украсено со бели гајтани и се носело една година по свадбата; бело клашнено џубе украсено со бел памучен гајтан носено од нопаку во случај на голема жалост; калајџиско џубе од црн шајак; и „срмено џубе“ од црна свита чоја. Гунче била горна облека со ќулавка, долга до појасот и се носела за време на зимата. Невести носеле бел клашнен кусак со куси ракави до лактите, украсен со свита чоја, гајтани и вез (по крој и декорација скоро идентичен со облеката „шегун“ од Преспа). Жените носеле сокај составен од ќулавка, пишч, ограјци со појаси, и бели реси. Составен дел од сокајот бил гајтанот, кој бил нареден на клашна, на која се редело свитка (чоја), а на неа жолтаци, муниста, жабки, низан кит од аловна волна и ѓувезлија и надолу голем кит – реси, на нив е навиткан русумен. Под сокајот се носеле црни волнени „сокајници“.[1]

Жените на главата носеле правоаголна бела платнена марама „убрус“ (60х80cm), од кои постоеле невестинска „голема“ и „нокте“ марама. На нозете носеле волнени чорапи орнаментирани на алена основа, но биле заменети со редуцирана орнаментација, или еднобојни биле везени.[1]

Носии од Дебрца

уреди
 
Селани облечени во носии од село Лешани, Дебрца (1926, периодот меѓу светските војни)

Машката носија

уреди

Мажите припиено на голо тело носеле бела кошула од памучно, ленено или конопно платно, често долга до колената, со везови околу корилот на вратот, на манжетните и на предните поли. Децата до 15 год. носеле кошула до глуждовите, бидејки до таа возраст не носеле долна облека (гашти, бечви, итн). Околу половината се опашувало црвен волнен појас. Над кошулата се носело клашнен џамадан, кој бил црн/мрк за секојдневна корист, а бил бел и опточен со црни гајтани за време на празници, свадби или други свечени прилики. Важно е да се забележи дека џамаданот се правел или со или без ракави како негов составен дел. Меѓу џамаданот и кошулата понекогаш се носело и безракавна џелатка од црна клашна. Мажите исто така носеле бечви кои биле црни за секојдневна употреба, а биле бели и опточени со црни гајтани околу рабовите и џеповите за време на празнични прилики.

На главата се носело мијачко кече, а на нозете носеле волнени чорапи со везови од конци, а над нив носеле објала од црна или бела клашна и опинци од свинска или говедска кожа. Над сите облеки постарите мажи носеле гунче со куси ракави во зимно време, изработено од козина, а поретко од волна. Карактеристична сточарска облека била клашнената гуна која била со куси ракави и била долга до колена. Исто и таа се носела во зимно време.

Во селото Лешани, голици биле носени над објалата на нозете.

Женската носија

уреди

Жените од овој предел носеле бела кошула од конопно, ленено, мезено или памучно „бубаќарно“ платно, и истата со домашна „каделка“ или куповна „ванелка“ била везена на ракавите, предниците, корилот и на долниот дел. Под кошулата носеле бело правоаголно парче тн. „грлувче“, кое било навезено со ситни вертикални редови направени од црн памучен конец. Истото се носело пред градите со панделка за врзување околу вратот. На рацете носеле нараквичиња плетени од волна или од куповно платно, долги од китката до лактите. Над сите облеки, жените носеле бел клашеник (од клашна) украсен со апликации од црвена и бордо чоја и со црвени рески по рабовите, станот и на предниците; везен со срма и жолта каденка.[2]

Околу половината, над клашеникот, се опточувало црн појас во вид на гајтан, и волнен скутник, долг до средината на листовите, ткаен со хоризонтални редови, меѓу кои имало везени мотиви „пилиња“. За време на жалост се носело црна клашнена џока која била долга до под појасот, а понекогаш се носело и бело џубе, подолго од џоката, и украсено со гајтани и чоја.[2]

На нозете носеле волнени чорапи, орнаментирани на алена основа, кои биле долги до средината на листовите, но понатаму била намалена орнаментацијата и чорапите биле долги до колената. Над нив носеле получорапи тн. калци, долги од глуждовите до под колената, биле носени во летно време „да не не дупит слама“, а во зимно време биле носени погоре „наместо гаќи“.[2]

Невестите носеле богато везен сокај со ќулавка и широк превез, кој завршувал со реси долги 20-30см, над кој се носело црвен гајтан, долг до петиците, украсен со мониста и „жалки“ завршувајки со црни реси, и бел убрус, вид на марама; а помладите носеле тулбен.[2]

Галерија

уреди

Користена литература

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 Здравев, Ѓорѓи (1996). Македонски Народни Носии I. Скопје: Матица Македонска. стр. 100 до 104. ISBN 9989-48-009-5.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Здравев, Ѓорѓи (1996). Македонски Народни Носии I. Скопје: Матица Македонска. стр. 99 и 100. ISBN 9989-48-009-5.

Надворешни Врски

уреди