Мирослава Стевановиќ
Мирослава Стевановиќ (р. 3 април 1942, во Белград ) — македонска специјалистка по болести на устата и забите, редовен професор на Стоматолошкиот факултет. Хабилитирала во 1979 година, а докторирала во 1991 година. Била раководител на Клиниката за болести на устата и забите, а во два мандата продекан на Стоматолошкиот факултет. Публикувала 90 статии.[1]
Мирослава Стевановиќ | ||
Родена | 3 април 1942 Белград, Кралство Југославија | |
---|---|---|
Националност | Македонка | |
Позната | специјалист по болести на устата и забите, редовен професор на Стоматолошкиот факултет | |
Занимање | стоматолог и професор |
Животопис
уредиПроф. д-р Мирослава Стевановиќ е родена на 3 април 1942 г. во Белград, СР Југославија. Средно образование, Гимназија “Јосип Броз Тито”, завршила во Скопје во 1960 г. На Стоматолошкиот факултет во Скопје дипломирала во 1965 г. Во 1972 г. се здобила со звањето специјалист по болести на забите, устата и пародонтот. Во 1979 г. на Медицинскиот факултет- Стоматолошки оддел, го одбранила хабилитациониот труд под наслов “Клиничка и хистолошка процена на пулподентинскиот орган при кариес профунда”, од областите хистологија и кариологија. Со одбраната на докторската дисертација на Стоматолошкиот факултет во Скопје, во 1991 г., под наслов “Аспекти на реакции на пулпо-дентинскиот орган при некомплицирани кариозни лезии и процена на нивната реверзибилност”, се здобила со научниот степен доктор на стоматолошки науки од областа дентална патологија и терапија. Во 1968 г. се вработила на Стоматолошкиот оддел при Медицински факултет и истата година била избрана за асистент на Катедрата за дентална патологија и терапија; во 1971 и 1976 г. била преизбирана во истото звање. Со звањето доцент се здобила во 1980 г., а во 1985 г. била избрана за вонреден професор. Изборот за редовен професор на проф. Стевановиќ, на Катедрата за дентална патологија и терапија, бил извршен во 1990 г., а во 1996 г. била преизбрана во истото звање. Се пензионирала во 2005 г. Во 1970 г. во траење од два месеца, била на стручно усовршување во Белград, Југославија, кај професор Бергер, а во 1972 г., во траење од три месеци, во Лион, Франција, кај професор Фридел. Во 1981 г., во траење од две недели, била на стручно усовршување во Братислава кај проф. Јан Ковотски. Полето на научноистражувачкиот интерес на професор Стевановиќ е насочен кон проучување на патохистолошките промени предизвикани од заболувањата на забната пулпа и тврдите забни ткива и кон настојување да ја постигне и да ја процени реверзибилноста на тие состојби. За публицистичкиот опус на професор Стевановиќ, за жал, немаме целосни податоци, освен дека до 1999 г. тој опфаќа вкупно 77 статии, од кои 74 објавени во домашни и 3 во странски публикации. Проф. д-р Мирослава Стевановиќ била управник на Клиниката за дентална патологија и терапија од 1988 до 1998 г. Од 1992 до 1999 г. била раководител на Катедрата за болести на забите и ендодонтот. Продекан на Стоматолошкиот факултет во Скопје била во мандатниот период од 1982 до 1984 г. Професор Стевановиќ била член на Сенатот при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во мандатните периоди 1994 -1996, 1996-1998 г., член на Комисијата за доделување на звањето примариус при Министерството за здравство во 1998 г., претседател на Советот на Стоматолошкиот факултет во 1992 г., претседател на Специјалистичката секција за болести на забите во 1970 г. и претседател на Совет на УЦМН во 1980 г. За својата севкупна дејност професор Стевановиќ била наградувана со разни одликувања и на- гради: Орден на трудот со сребрен венец до- делен од Претседателството на поранешна СФР Југославија, повелба “Д-р Трифун Пановски” на Македонското лекарско друштво (1997), плакети по повод одбележувањето на 30-годишнината, 40-годишнината и 45-годишнината од постоењето на Стоматолошкиот факултет во Скопје (1989, 1999 и 2004) и плакета по повод јубилејот на Македонското лекарско друштво (1995).[2]
Наводи
уреди- ↑ „СТЕВАНОВИЌ, Мирослава Трајанова“. Македонска Енциклопедија. 2018-10-11. Посетено на 2020-10-07.[мртва врска]
- ↑ „Проф. д-р Стевановиќ Мирослава – Стоматолошки факултет – Скопје“. Посетено на 2020-10-07.