Mycoplasma
Научна класификација
Царство: Bacteria
Колено: Tenericutes  или
Firmicutes
Класа: Mollicutes
Ред: Mycoplasmatales
Семејство: Mycoplasmataceae
Род: Mycoplasma
Nowak 1929
Видови

M. gallisepticum
M. genitalium
M. haemofelis
M. hominis
M. hyopneumoniae
M. ovipneumoniae
M. pneumoniae
итн.

Микоплазмите (група Mycoplasma) се многу мали, самопропагирачки бактерии од класата Mollicutes (од латински: mollis, "меко" и cutis, "кожа", мекокожести). Со своите 580-1 380 kbp, родовите Mycoplasma и Ureoplasma го поседуваат најмалиот геном способен за саморепликација, заедно со архејскиот Nanoarchaeum equitans (~ 500 kbp). Микоплазмите се интра и вонклеточни паразити кај луѓето, животните и растенијата и причинители на многу заболувања. Тие се факултативни аероби и анаероби.

Систематика

уреди

Од научен поглед, класата Mollicutes ги содржи шесте еубактериски родови: Acholeplasma, Anaeroplasma, Asteroleplasma, Mycoplasma, Spiroplasma и Ureoplasma. Меѓутоа, членовите на Mollicutes се попознати како микоплазми.

Филогенетските врски меѓу овие родови и видови биле одредени уште со работата на Карл Виз со 5S и 16S rRNA. Заедничка одлика на микоплазмите (моликутите) е отсуство на клеточен ѕид, како и толерирањето на осмотските флуктуации во нивната животна средина. Антибиотиците кои дејствуваат врз клеточниот ѕид (како пеницилините) се практично неефективни за микоплазмите. Поради малата големина на микоплазмите, тие можат да ги преминат мембранските филтри со пречник на порите од 0,22 микрони. Молекуларните филогенетски rRNA истражувања покажаа дека моликутите се наоѓаат на основата од бактериското филогенетско дрво. Тие претрпеле дегенеративна еволуција од грампозитивните бактерии од групата на Lactobacillus и имаат мошне ниска содржина на GC во својата ДНК. Во текот на дегенеративната еволуција, значаен дел од генетската информација на микоплазмите е изгубен, што ги прави едни од организмите со најмал познат геном (Mollicutes: 580 kbp - 2,300 kbp, во споредба со Escherichia coli: 4,500 kbp, Arabidopsis thaliana: 100,000 kbp, Homo sapiens: 3.400.000 kbp). Микоплазмите не се слободноживеечки бактерии, туку тие зависат од домаќинска клетка или домаќински организам.

Како паразити или коменсали, тие добиваат од домаќинскиот организам неопходни метаболички состојки како што се масни киселини, аминокиселини и претходници на нуклеински киселини. Намалувањето на геномот се должи на паразитскиот начин на живеење. За растот на некои претставници од микоплазмите потребен е холестерол, состојка која обично не се наоѓа кај останатите бактерии. Синтетичките претходници за холестеролот се добиваат исто така од домаќинот.

Клинички значајни микоплазми

уреди

Микоплазмите се паразитски бактерии, причинители на многу заболувања кај луѓето, животните и растенијата. Општо, микоплазмите не го убиваат својот домаќин, но предизвикуваат хронични инфекции, што укажува на добра прилагоденост на домаќинот. Ова е еден многу успешен пример на паразитизам.

Освен патогените својства на микоплазмите врз живите организми, значајна е нивната инфективност за клеточните култури (со Mycoplasma orale). Пронаоѓањето на микоплазмите може да се оствари со неколку методи. Како најбрз и евтин метод се јавува стандардната полимеразна верижна реакција (PCR, polymerase chain reaction).

Хумана медицина

уреди