Мелничка Пештера
Мелничка Пештера — пештера во близината на раселеното селото Мелница во областа Мариово.
Мелничка Пештера | |
---|---|
Поглед од внатрешноста кон отворот на Мелничката Пештера | |
Место | Мелница (Прилепско), Мариово |
Координати | 41°10′28″N 21°46′45″E / 41.17444° СГШ; 21.77917° ИГД |
Должина | 700 м |
Надм. височина | 600 м |
Влезови | 2 |
Местоположба и изглед
уредиПештерата се наоѓа веднаш над раселеното село Мелница, односно на карпестото возвишение со врв (кота) Пешта високо 881 метар, кое се издигнува од десната страна на реката Бутурица, веднаш над бачилата односно сточарските станови и до рудникот за ископ на мермер и камен, од левата страна на регионалниот пат Прилеп - Витолиште, а наспроти манастирот „Св. Илија“ во Мелница. Самото име на возвишението Пешта укажува на постоење на пештера, а на топографските карти во непосредна близина кон север е означена месност Јанчева Пештера, што може да укажува на тоа дека во подалечното минато кога во овој предел имало повеќе постојано население, една од пештерите - Мелничка 1 или 2, од месните жители да го носеле името Јанчева Пештера. Непосредната околина на пештерата е обрасната со нискостеблеста растителност на зимзелени и листопадни грмушки (шипови) и дабови и многу каменест терен, поради што пристапот до неа е отежнат. Уште на самиот влез, глетката најавува многу извонредно ретки и убави облици создадени од природата. Влезот е составен од два отвори, а на самиот негов почеток има многу интересна карпеста форма на „мост“ кој се испушта од десниот ѕид и се поврзува со левиот висејќи еден метар над земјата. Влегувањето во првиот дел е отежнато и поради ниската таваница, мора да се оди ползечки или во клекната положба. Во овој дел постојат неколку помали проширувања кон десно и лево и уште неколку помали „висечки“ карпести форми налик на мостови. По неколку десетини метри, таваницата се извишува и над 2 -3 метри, при што може слободно исправено да се стои во цел човечки раст. Од овој дел главниот пештерски канал завртува кон лево, при што тој значително се проширува и извишува и продолжува да се спушта во северозападен правец на повеќе стотици метри, а на почетокот постои и едно проширување и кон десно. Во овој дел, таваницата на пештерата содржи многу интересни жолти, виолетово-пурпурни, црвеникави бои, кои укажуваат на градбата и составот на пештерските ѕидови. Во однос на геоморфолошките одлики, Мелничката пештера се наоѓа на варовнички - карстен терен кој е дел од поголемата мермерна греда со прекамбриска старост, составена од доломитски и калцитски мермери, а која што се протега во меридијански правец низ средишниот дел на Мариово и тоа од Беловодица преку Вепрчани, Мелница и Лабиница[1]. Најверојатно стените од мермерната серија во овој варовнички (карстен) преел во голем дел биле препокриени со камбриски, кредни, неогени и квартерни седименти[1]. Почетниот дел од влезот на пештерата е доста правлив и при секое стапнување се крева прашина, а веќе во внатрешноста тлото станува на места и расквасено и калливо, но во основа во овој дел пештерата е сува и нема влага.
Истражувања и посети
уредиМелничката Пештера кај с.Мелница во Мариово, за првпат е истражувана и документирана во 2007 година, кога Златко Ангелески и Марјан Темовски од спелеолошкиот клуб „Златоврв“ – Прилеп заедно со Билјана и Оливер Гичевски од ИД „Урсус Спелеос“ – Скопје, истражуваат и скицираат канали во должина од 179 м[2]. При овие истражувања откриена е и уште една пештера во непосредна близина: Мелничка Пештера 2[2]. После неколку годишна пауза, истражувањата во Мелничка Пештера 1 се продолжени, при што во ноември 2012, Марјан Темовски, Дарко Неданоски и Марио Андоноски од СК Златоврв – Прилеп, при посета на пештерата откриваат и истражуваат нови канали во должина од +200 м[2]. Во јануари и февруари 2013, во неколку наврати извршено е детално мерење на ново откриените канали, при што за време на скицирањето откриени се и нови канали со што заклучно со последната акција на 24.02.2013 во Мелничка Пештера 1 скицирани се канали во должина од 600 м, a истражени се најмалку 100 м повеќе со можности за продолжување на повеќе локации[2]. Со тоа Мелничка Пештера 1 се вбројува во 10-те најдолги пештери во Македонија, веднаш пред пештерата Дона Дука (650 м), a воедно е и најдолгата пештера во Општина Прилеп како и втора по должина во јужниот дел на Македонија после Бела Вода (955 м), a пред Чулејца (503 м)[2]. Поради својата извонредна атрактивност, релативната близина до патот и пристапноста, Мелничката Пештера била посетувана и за време на истражувачкиот спелеолошки камп во октомври 2015 година, а во 2017 година во неа била организирана кејвинг-тура од страна на СК „Златоврв“ од Прилеп во рамки на програмата на велосипедскиот фестивал на отворено Mariovo Off-Road Experience.
Галерија
уреди-
Поглед на форми на отворот при влезот
-
Поглед кон отворот од внатрешната страна
-
Поглед во внатрешноста на пештерата
-
Поглед во внатрешноста на пештерата
-
Поглед кон отворот од внатрешната страна
-
Поглед на проширен канал длабоко кон внарешноста
-
Поглед во внатрешноста на пештерата
-
Поглед во внатрешноста на пештерата
-
Поглед на таваницата на пештерата
-
Поглед во внатрешноста на пештерата
-
Поглед во внатрешноста на пештерата
-
Поглед во внатрешноста на пештерата
-
Поглед во внатрешноста на пештерата
-
Поглед во внатрешноста на пештерата
-
Поглед во внатрешноста на пештерата
-
Поглед во внатрешноста на пештерата
-
Поглед во внатрешноста на пештерата
-
Поглед на отворот и влезот од надворешната страна
-
Поглед на отворот и влезот од надворешната страна
-
Поглед на отворот и влезот од надворешната страна
-
Поглед на отворот и влезот од надворешната страна
„Мелничка Пештера“ на Ризницата ? |
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Манаковиќ, Душан; Андоновски, Томе (1984). „Геоморфологија“. Мариово - комплексни географски проучувања. Скопје: Географски факултет при Универзитет „Кирил и Методиј“: 78.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Темовски, Марјан (3 март 2013). „Мелничка Пештера 1 во првите 10 најдолги пештери во Македонија!“. Прилеп: Спелеолошки клуб „Златоврв“ - Прилеп. Посетено на 7 април 2017.
SRTWeekend2015 Мелничка Пештера | |
Снимка од посета на пештерата во рамки на Спелеолошкиот истражувачки камп во 2015 |