Мало свраче
Мало свраче | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Птици |
Ред: | Врапчевидни |
Семејство: | Сврачиња |
Род: | Lanius |
Вид: | Мало свраче |
Научен назив | |
Lanius minor Gmelin, 1788 | |
Лето Зима |
Малото свраче (науч. Lanius minor) е член на семејството сврачиња (Laniidae). Се размножува низ јужна и централна Европа, вклучувајќи ја и Македонија и западна Азија, а зимно време се сели во јужна Африка. По изглед е многу слично на големото свраче (Lanius excubitor), но е малку помало. Претпочита отворени пространства и често може да се види на телефонски кабли.
Таксономија
уредиОвој вид за првпат е опишан од Јохан Фридрих Гмелин (Johann Friedrich Gmelin) во 1788. Има два подвида, Lanius minor minor и Lanius minor turanicus.[2]
Опис
уредиВозрасното мало свраче има црна маска преку очите; тилот и грбот се посветла синкавосива боја, а над опашката е слична сивкава, но малку посветла боја. Долниот дел од телото му е бел, но стомакот и долниот дел од градите се со розовикава нијанса. Под пазувите е сивобел, а долниот дел од крилјата е кафеавкавоцрн. Двата централни пердуви на опашката се црни, со бел врв и бел корен. Другите пердуви на опашката се повеќе со бело и помалку црно. Примарните пердуви за летање се црни со кремавопортокалов врв и бел корен. Секундарните пердуви му се црни, со пошироки посветли врвови, без бел корен. Одозгора, крилјата му се црни. Женките се слични, но маската е темносива, а не црна, горните делови се кафеавкавосиви, а одоздола е помалку розовикава од мажјаците. Младенчињата се слични, но целосно малку покафевкави. Клунот на сите им е црнокафеавкав со посветок корен, нозете црни и очите кафеави.[3]
Должината на мажјаците е околу 20 см.[4]
Распространетост и живеалиште
уредиМалото свраче летото го минува во јужна и централна Европа и западна Азија. Заскитува, напролет и наесен во посеверните делови на Европа. Таа е птица преселница која зимата ја поминува во широкиот појас на тропска, јужна Африка.[4]
Живеалиштето на малото свраче се отворените селски предели, рабовите на обработливите површини, тревниците со расфрлани грмушки и дрвја, градините, шумите и крајпатните дрвја.[3]
Поведение
уредиМалото свраче лови од стратешка позиција, качено на гранка или жица и претежно се храни со инсекти кои ги фаќа во лет или на земја. Исхраната вклучува разни бубачки, молци, пеперуги, скакулци, муви, а од овошје понекогаш цреши и смокви.[3] Понекогаш го закачува пленот на трн за да го јаде подоцна, но ова го прави многу поретко од другите сврачиња. Со експеримент е покажано дека храната ќе ја зачува на трн ако е прејадено, и почесто ќе ѝ го даде на женката, отколку што ќе го складира. Само при зголемен доток на храна се случува да ја складира, но во суштина, оваа птица нема таква практика.[5]
Летот на малото свраче е низок и брановиден, а повремено лебди со раширени крилја. На крајот од летот се вивнува за да слета одозгора на некое ново место за перчење. Оттаму ја врти главата од едната на другата страна барајќи плен. Кога е на земја потскокнува, но таму останува само толку колку што му е потребно да ја земе храната. Како другите сврачиња, кога е вознемирено ја шири опашката и ја движи од една на друга страна. Многу е воинствено и храбро го брани своето гнездо, па ги брка и поголемите птици.[3]
Размножување
уредиГнездото најчесто го прават во дрво крај пат каде што имаат добра прегледност, на висина од 4 до 10 метра над земја. Двете птици го градат со гранчиња од цвеќиња, а го постилаат со помеки материјали, влакна, пердувчиња, волна и сл. Несат 5-7 јајца, синозелени со зеленкавокафеави дамки. Инкубацијата трае околу 15 дена, главно од страна на женката, иако и обата родитела земаат учество. При хранењето, работата е поделена. Младенчињата го напуштаат гнездото по околу 14 дена. Вообилаено имаат едно легло годишно.[3]
Статус
уредиСветската популација на малото свраче е 2.5 - 9 милиони единки. Според Црвениот список на МСЗП спаѓа во категоријата на вид со најмала загриженост.[1]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 BirdLife International (2012). „Lanius minor“. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 2013-09-13.
- ↑ „Мало свраче (Lanius minor) Gmelin, 1788“. Avibase. Посетено на 2013-09-13.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Witherby, H. F. (ed.) (1943). Handbook of British Birds, Volume 1: Crows to Firecrest. H. F. and G. Witherby Ltd. стр. 278–280.CS1-одржување: излишен текст: список на автори (link)
- ↑ 4,0 4,1 Coward, T. A. (1941). The Birds of the British Isles and their Eggs. Frederick Warne & Co. стр. 150.
- ↑ Valera, Francisco; Krištín, Anton; Hoi, Herbert (2001). „Why Does the Lesser Grey Shrike (Lanius minor) Seldom Store Food? Determinants of Impaling in an Uncommon Storing Species“. Behaviour. 138 (11/12): 1421–1436. doi:10.1163/156853901317367672. JSTOR 4535901.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
Надворешни врски
уреди„Мало свраче“ на Ризницата ? |
„Мало свраче“ на Викивидовите ? |
- Мало свраче - Текст за видот во Атлас на јужноафриканските птици (англиски).
- Oiseaux Фотографии
- Возраст и пол (PDF; 0.74 MB) од Javier Blasco-Zumeta & Gerd-Michael Heinze Архивирано на 3 март 2012 г.