Луда Мара

река во Тиквешијата

Луда Мара (Ваташка Река или Курјачка Река) — река што тече низ Кавадарци. Извира од висорамнината Витачево.

Луда Мара
Ваташка Река
Курјачка Река
Луда Мара низ Кавадарци
Местоположба
Физички особености
Извор 
 • местоВитачево
Устие 
 • место
во Вардар
 • координати
41°33′3″N 22°2′21″E / 41.55083° СГШ; 22.03917° ИГД / 41.55083; 22.03917
Должина33,5 км
Големина на сливот140,47 км2
Особености на сливот
ТечениеВардарЕгејско Море

Водостој

уреди

Реката има многу низок водостој во текот на летните месеци. На пролет и на есен, или при обилни врнежи брзо надоѓа и за краток временски период, како „луда“, може да поплави голема површина. Градот Кавадарци често бил поплавуван од реката, откаде и го има добиено името.

 
Кејот на реката Луда Мара во Кавадарци

Изворот на реката е во близина на селото Бунарче, на над 942 метри надморска височина, на висорамнината Витачево. Долга е околу 40 километри и тече на север.[1]

Реката тече низ Моклишкото Езеро, кое е настанато со одрон на рид на 5 септември 1956 година, којшто го преградил коритото на реката и го образувал езерото. Одронот закопал 12 луѓе и 1200 овци.[2]

Се влева во Вардар, како негова десна притока. Зафаќа сливно подрачје од 140,47 км2.[3]

Историја и легенда

уреди

Историја

уреди

Таа низ годините била нарекувана и Моклишка, бидејќи минува низ раселеното село Моклиште, а го обликувала и Моклишкото Езеро. Ја викале и Ваташка, поради тоа што тече низ селото Ваташа. Некогаш била позната и како Велика, затоа што се случувало да надојде и да стане многу голема. Бидејќи се влева во Вардар кај селото Курија, во минатото ја именувале и како Курјачка. Се раскажува, исто така дека името го добила по тоа што честопати „збеснувала“, а во 1934 година ја однела и општинската зграда што била во близина.[1]

Во минатото, кога не било регулирано речното корито, предизвикувала неколку поплави, од кои најголемата тогаш кога ја однела општинската зграда како да е од картон, а настрадале и имотните листови на Кавадарчани, целата катастарска документација била однесена и уништена. Поради тоа, сите морале да одат да даваат изјави, искази, за да се обнови катастарската евиденција. Биле потребни неколку години за да се обноват катастарските книги. Интересно е и тоа што надојдената вода ја однела и општинската каса, која подоцна била пронајдена дури во селото Марена. Била целосно празна, па можеби и затоа водата ја одвлекла, бидејќи била полесна, без пари. Бидејќи знаела многу да дотече, по 1945 година започнала регулацијата на реката, најпрвин со каскади, за да се смири.[1]

Последното големо излевање реката го имала во 1973 година, кога постоела опасност од кинење на браната на Моклишко Езеро, настаната при уривање на ридот Градот. Регулирањето на коритото на реката спасило многу семејства од поплавување.[1]

Легенда

уреди

Своевремено имало една кавадарчанка по име Мара, која живеела во реканското маало Кај Јаворот, во близина на реката што го дели градот Кавадарци на два дела. Имала две мали дечиња, кои си играле од другата страна на реката, а таа ги надгледувала. Одеднаш се случило невреме, од многу силен дожд надошла реката. Очајната мајка тргнала за да си ги прибере децата. Залудно други ѝ довикувале да почека, да не биде луда да се изложува на толкав ризик, дека невремето ќе помине, па тогаш да си ги прибере децата. Носена од мајчинскиот инстинкт да ги заштити, таа тргнала по нив. Реката, која влечела камења, дрвја, гранки, ја одвлекла и жената. Оттогаш мештаните ја завикале реката Луда Мара, по жената што како луда истрчала за да си ги спаси децата.[1]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 „Еве како реката Луда Мара го добила името“. ekobalans.mk преку web.archive.org. 21 јули 2020. Архивирано од изворникот на 2020-09-09. Посетено на 17 декември 2020.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  2. „Сеќавање на природната катастрофа во кавадаречко“. Днавник. Посетено на 13 септември 2010.
  3. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 44. ISBN 978-9989-2117-6-8.

Надворешни врски

уреди