Лидија Заменхоф
Лидија Заменхоф (Esperanto: Lidja Zamenhofo; 29 јануари 1904 – 1942) била еврејска писателка, издавач, преведувач и најмладата ќерка на Клара (Силберник) и Лудвик Заменхоф, творецот на есперанто. Таа била активен промотор на есперанто, како и на хомаранизмот, форма на религиозен хуманизам за прв пат опишан од нејзиниот татко.
Лидија Заменхоф | |
---|---|
Лидија Заменхоф пред нацистичката инвазија на Полска | |
Роден(а) | 29 јануари 1904 Варшава, Конгресна Полска, Руска Империја |
Починал(а) | 1942 (на 37–38 г.) Треблинка |
Националност | Полска |
Други имиња | Lidja |
Познат(а) по | Активност во Есперанто движењето и Бахаизмот |
Родители | Лудвик Заменхоф (1859–1917) Клара Заменхоф (1863–1924) |
Околу 1925 година таа станала бахаистка.[1] Кон крајот на 1937 година таа заминала во САД за да ја шири религијата, како и есперанто. Во декември 1938 година се вратила во Полска, каде што продолжила да предава и преведува многу бахаистички засписи.[2] ֿТаа била убиена во логорот Треблинка за време на Холокаустот.[3]
Животопис
уредиЛидија Заменхоф го научила есперанто како деветгодишно девојче. На возраст од четиринаесет години, таа преведувала од полската литература; нејзините први публикации биле објавени неколку години подоцна. Откако ги завршила универзитетските студии по право во 1925 година, таа целосно се посветила на есперанто. Истата година, за време на 17-тиот Светски конгрес на есперанто во Женева, таа се запознала со Бахаизмот. Лидија Заменхоф станала секретарка на хомаранското есперанто-друштво Конкорд во Варшава и често подготвувала настани за говорници и курсеви. Почнувајќи од виенскиот Светски конгрес за есперанто во 1924 година, таа присуствувала на речиси секој Светски конгрес (таа само ја пропуштила Universala Kongreso во Англија во 1938 година). Како инструкторка на чехскиот метод на учење есперанто, таа направила повеќе промотивни патувања и предавала курсеви во разни земји.
Таа активно ја координирала својата работа со студентското есперанто движење — во Меѓународната студентска лига, во УЕА, во Чехскиот институт и во бахајската верата. Дополнително, Лидија пишувала за списанието Literatura Mondo (главно студии за полската книжевност), а исто така и за Pola Esperantisto, La Praktiko, Heroldo de Esperanto и Enciklopedio de Esperanto. Нејзиниот превод на Quo Vadis од Хенрик Шенкевич бил објавен во 1933 година и е добро познат.
Во 1937 година таа заминала за САД, но во декември 1938 година, таа морала да го напушти бидејќи Службата за имиграција одбила да ѝ ја продолжи визата за туристички посетител поради нејзината наводно нелегална „платена работа“ предавајќи есперанто. Таа ги одбила понудите за брак што можеле да ѝ дозволат да остане. Откако се вратила во Полска, нејзината татковина, таа патувала низ земјата студирајќи есперанто и Бахаизам.
Под германскиот окупациски режим од 1939 година, нејзиниот дом во Варшава станал дел од Варшавското гето. Таа била уапсена под обвинение дека отишла во САД за да шири антинацистичка пропаганда,[4] но по неколку месеци, била ослободена и вратена во нејзиниот роден град каде што таа и остатокот од нејзиното семејство останале затворени. Таму се трудела да им помогне на другите да добијат лекови и храна. Полските есперантисти неколкупати ѝ понудиле помош при бегство, но во секој случај одбила. На еден Полјак, добро познатиот есперантист Јозеф Арсеник, кој ѝ понудил засолниште во неколку наврати, таа му објаснила: „ти и твоето семејство би можеле да ги загубите животите затоа што секој што крие Евреин ќе загине заедно со Евреинот што ќе биде откриен“.[5][6] На друг, нејзиното објаснување било содржано во нејзиното последно познато писмо: „Не помислувајте да се ставате во опасност; знам дека морам да умрам, но чувствувам дека е моја должност да останам со мојот народ. Дај Боже од нашите страдања да излезе подобар свет. Верувам во Бог. Јас сум бахаистка и ќе умрам како таква. Сè е во Негови раце.“[7]
Таа била дел од масовниот транспорт што се упатувал кон логорот во Треблинка во текот на Варшавската Гросакција. Таму била убиена некаде по летото 1942 година.[8]
Спомен
уредиВо нејзина чест, во 1995 година бил одржан состанок во Меморијалниот музеј на Холокаустот на САД во Вашингтон.
Творештво
уредиДрама
уредиДокументарната драма Ni vivos! (Ќе живееме!) од Џулијан Модест ја прикажува судбината на семејството Заменхоф во варшавското гето.
Наводи
уреди- ↑ Smith, Peter (2000). „Zamenhof, Lidia“. A concise encyclopedia of the Baháʼí Faith. Oxford: Oneworld Publications. стр. 368. ISBN 1-85168-184-1.
- ↑ „Famous Baha'is“. adherents.com. 2005-12-06. Архивирано од изворникот на October 19, 2000. Посетено на 2008-03-16.
- ↑ „Lidia Zamenhof, a cosmopolitan woman and victim of the Holocaust“. blogs.bl.uk (англиски). Посетено на 2022-10-11.
- ↑ Heller, Wendy Lidia, The Life of Lidia Zamenhof Daughter of Esperanto, 1985, pp. 234-235
- ↑ Joanna Iwaszkiewicz, Wtedy Kwitły Forsycje, 1993, pp.113
- ↑ „Getto Warszawskie“. Архивирано од изворникот на 2014-12-14.
- ↑ Heller, Wendy Lidia, The Life of Lidia Zamenhof Daughter of Esperanto, 1985, pg. 240
- ↑ „Lidia Zamenhof, a cosmopolitan woman and victim of the Holocaust“. blogs.bl.uk (англиски). Посетено на 2022-10-11.
Библиографија
уреди- На англиски: Венди Хелер, Лидија: Животот на Лидија Заменхоф, ќерка на есперанто
- На есперанто: Венди Хелер, Lidia: La vivo de Lidia Zamenhof, filino de Esperanto (ISBN 978-90-77066-36-2 )
- На есперанто: Исај Дратвер, Lidia Zamenhof. Vivo kaj agado
- Опширно поглавје за Лидија Заменхоф во La familio Zamenhof, од Зофија Банет-Форналова
Надворешни врски
уреди- (на англиски) John Dale - Notes on the life of Lidia Zamenhof
- (на есперанто) Esperanto Translations by Lidia Zamenhof and Roan Orloff Stone Преводи на неколку важни бахаистички засписи на есперанто.