Латвиски имиња
Латвиските имиња, како и кај повеќето европски култури, се состојат од два основни елемента: лично име (vārds) и презиме (uzvārds). Во времето на советскиот период (1940 - 1991), давањето на средното име (според татко) било обесхрабрувано кај Латвијците. По распадот на Советскиот Сојуз, сѐ почеста станала праксата на давање на две лични имиња кај децата.
Најголем број на машки латвиски имиња се именки од машки род кои во прва и втора деклинација завршуваат на –s/š или is. Мал број на машки имиња се именки од машки род кои во трета деклинација завршуваат на –us, како на пр. Ingus, Mikus, Edžus, Zemgus. Група на машки имиња, како што се Ivo, Raivo, Gvido, Bruno, Oto, кои се од страно потекло, завршуваат на неменливо –о. Женските латвиски имиња се именки од женски род кои во четврта и петта деклинација завршуваат на –а или –е, соодветно.
При директното обраќање се употребува падежот вокатив, на пр. Jāni за Jānis. Деминутивната форма често се употребува за изразување на наклоност, или при обраќање кон деца, и е во вокативен деминутив, на пр. Jānis во вокативен деминутив е Jānīti. Во латвискиот јазик, како и во македонскиот јазик, името и презимето се менуваат според родот. Презимето се менува во машки или во женски род според полот на личноста; на пр. презимето Ozols би одговарало за маж, додека Ozola за жена (кај нас, на пр. Иванов/Иванова). Ова е особина на балтословенската група на индоевропските јазици, која не е присутна кај финоугриските и германските јазици, каде презимето има иста форма за двата рода.
Правопис
уредиВо латвискиот јазик имињата најчесто се пишуваат како што се изговараат. Меѓутоа, во случај на пишување на страни имиња се почитува правилото на ставање на името во соодветна деклинација со завршување на –s; на пр., Barack Obama се пишува Baracks Obama, а George Bush се пишува Džordžs Bušs.
Историја
уредиВо феудалниот период, пред ослободување од кметството, (1817 во Kurzeme, 1819 во Vidzeme, 1861 во Latgale) презиме имале само членовите на благородништвото, слободните занаетчии и луѓето кои живееле во градови. Затоа најстарите презимиња во Латвија потекнуваат од германскиот или долно германскиот јазик, што е одраз на германското влијание од тој период. На пример презимето Meijers/Meijere (гер.: Meier, управител на имот), Millers/Millere (гер.: Müller, воденичар), Šmits/Šmite (гер.: Schmidt, ковач), Šulcs/Šulca (гер.: Schulze, полицаец), Ulmanis (гер.: Ullmann, личност од градот Улм), Godmanis (божји човек), Pētersons (син на Петар). Дел од латвиските презимиња, посебно оние од регионот Latgale, имаат полско или белоруско потекло, со промена само во последните слогови -ski/-cki во -skis/-ckis, -czyk во -čiks или -vich/-wicz во -vičs, како на пример Sokolovkis/Sokolovska, Baldunčiks/Baldunčika или Ratkevičs/Ratkeviča.
Низ историјата се случувало да оригиналните латвиски имиња бидат насилно менувани во зависност која земја во моментот ја окупирала Латвија. На пример, локалното свештенство, кои често биле Германци, издавале сертификати за раѓање и венчавка со германизирани имиња: на пример, Kalns бил пишуван како Berg (двата збора значат "планина" на латвиски и германски јазик, соодветно). Де-германизацијата на имињата довела до мали промени во имињата, на пример, Daugmants било германизирано во Daugmann, а потоа де-германизирано во Daugmanis.[1]
Во времето кога Латвија била дел од Руското Царство и Советскиот Сојуз, во службена употреба латвиските имиња најчесто биле русифицирани.
Во 20 век, посебно во периодот меѓу двете светски војни, се јавува тенденција за повторно враќање на оригиналните латвиски имиња, како и на создавање на латвиски верзии на страни имиња. На пр. Министерот за внатрешни работи Kornēlijs Veitmanis, на латвиски сега е Kornēlijs Veidnieks.
Именден
уредиЛатвијата е една од европските земји каде покрај роденденот се слави и именденот (vārda dienas), и тоа со еднаква важност. Повеќето од нив се поврзани со денови на светците според црковниот календар, а во последните децении се додадени нови имендени во календарот со дозвола на посебни комисии. Некои имиња се поврзани со славење на имендени во врска со важни празници, на пр. женското име Līga има именден Līgo diena на 23 јуни (летна долгодневица), а машкото име Jānis има именден Jāņu diena еден ден подоцна (24 јуни). И двете имиња ја слават летната долгодневица. На сличен начин се слави именденот Mārtiņi на 10 ноември, за машките имиња Mārtiņš, Mārcis и Markuss.
Најчести латвиски имиња
уредиНајчестите етнички латвиски имиња се наведени подолу. Поради бројната источнословенска дијаспора (Руси, Украинци, Белоруси) кои претставуваат третина од латвиското население, имињата кои се популарни кај нив, како на пр. Александар, сега се меѓу најчестите латвиски имиња.
№ | Машки имиња | Женски имиња | Презимиња |
---|---|---|---|
1 | Jānis | Anna | Bērziņš |
2 | Andris | Kristīne | Kalniņš |
3 | Juris | Inese | Ozoliņš |
4 | Edgars | Inga | Jansons |
5 | Māris | Ilze | Ozols |
6 | Aivars | Līga | Liepiņš |
7 | Mārtiņš | Dace | Krūmiņš |
8 | Pēteris | Anita | Balodis |
9 | Ivars | Marija | Eglītis |
10 | Valdis | Iveta | Pētersons |
Наводи
уреди- ↑ "Latvia as an Independent State", by Alfred Bilmanis, 2008, ISBN 1-4437-2444-0, p. 151