Кундинско Езеро

природно езеро од вулканско потекло во Македонија


Кундинско Езеро — природно езеро од вулканско-денудациско потекло и мочуриште во билизината на пробиштипското село Кундино, во источниот дел на Македонија. Се наоѓа во западниот дел на Осоговските Планини, помеѓу Пробиштип и огранокот Плавица (1.297 м)[1]. Околниот-непосреден простор на езерото главно се поклопува со сливното подрачје на Плавички Дол и ограничува површина од околу 8 км2. Во оваа месност има повеќе интересни географски објекти, како што се големата палеовулканска купа и калдера на Плавица, повеќето секундарни вулкански купи (чуки), бројните ерозивни облици во вид на неплоден предел, и особено Кундинското Езеро. Кундинско Езеро е мало природно езеро кое по прокопување на одводен канал во 1970-тите е речиси целосно уништено[1]. Денес тоа има повремен карактер и повеќе наликува на тресетиште, со бујна вегетација од трска и шевар. Се наоѓа 1 км североисточно од селото Кундино, на дното на една преиздлабена палеовулканска елипсеста депресија (вдлабнатина), на надморска височина од 745 м[1]. Всушност басенот на езерото настанал со селективна ерозија на неотпорните туфови, во однос на поотпорните андезити, кои ја сочинуваат рамката. Езерото има специфична положба и лачен изглед, со доминантен правец на протегање ИСИ-ЗЈЗ[1]. При максимално ниво (за време на интензивни врнежи), должината на езерото достигнува 250 м, широчината 30-70 м, должината на бреговата линија 580 м, а површината 1,35 ха[1]. Тогаш, најголемата длабочина му изнесува до 3 м[1]. Езерото вода добива речиси исклучиво од атмосферски врнежи од неговото сливно подрачје (0,34 км2), а ја губи преку истекување од споменатиот канал, со испарување, понирање и др[1]

Кундинско Езеро

Карта

Површина 13.500 м2
Длабочина 2 м
Надморска висина 745 м
Планина Плавица, Осоговски Планини
Кундинско Езеро на Ризницата

За Кундинското Езеро, кон крајот на XIX век, македонскиот револуционер Ѓорче Петров во своите записи во книгата Материјали по изучувањето на Македонија издадена во 1896 запишал дека кај с. Кундино под ребрата на Плавица има езеро – блато големо колу едно гумно, од кое што вадат пијавици.[2].  

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 Милевски, Ивица (8 декември 2011). „Кундино и Кундинско Езеро-убавини помеѓу изгаснатите вулкани“. ИГЕО Портал. Посетено на 3 април 2019.
  2. Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 115. ISBN 978-608-245-113-8.