Комо (роман)
„Комо“ — роман на српскиот писател Срѓан Ваљаревиќ од 2006 година.
Содржина
уредиРоманот се состои од 30 глави во кои е опишан престојот на еден српски писател во едно село на брегот на езерото Комо во Италија: Еден млад писател од Белград добива стипендија за престој на брегот на езерото Комо, каде што би требало да работи на својот роман. Така, тој пристигна во селото Белаџо, каде се сместува на приватниот имот во сопственост на фондацијата „Рокфелер“. За разлика од другите гости во вилата, тој не работи ништо, туку времето го минува во прекумерно пиење различни алкохолни пијалаци и прошетки на блискиот рид наречен Трагедија. Тој го одбегнува друштвото на другите гости во вилата, а набрзина се спријателува само со келнерот Грегорио и келнерот од Шри Ланка кого го нарекува Махатма. За време на посетата на селото Белаџо, писателот се спријателува со старецот Аугусто, кој е сопственик на еден бар, како и со келнерката Алда со која комуницира така што двајцата цртаат во една тетратка. По некое време, писателот ги кани Алда и нејзината мајка, како и Аугусто и брат му Луиџи, на прошетка на ридот Трагедија, откако дознава дека на месното население не му е дозволен пристап на имотот на фондацијата „Рокфелер“. Од останатите гости во вилата, писателот се дружи само со познатиот научник Сомерман и со неговата сопруга Роузмери. Еден ден, на барање на Сомерман, писателот се качува на блиската планина со задача да ги забележи сите птици што ќе ги здогледа. На врвот, тој здогледува еден голем златен орел, а веста за тоа му причинува голема радост на Сомерман. По заминувањето на стариот брачен пар, во вилата доаѓа фотографката Бренда Фландерс, која за кратко време се зближува со писателот, а набргу стануваат и љубовници. Кога се приближуав денот кога писателот треба да си замине, Аугусто го кани на семејна вечера. Последната вечер, писателот одржува долг говор пред присутните во вилата, а утредента се враќа во татковината.[1]
Осврт кон делото
уредиРоманот „Комо“ е награден со неколку книжевни признанија, и тоа: „Стеван Сремац“, „Kulturkontakt Austria“, „Gorki list Award“ и „Prix des lecteurs du Var-Toulon“.[2]
Исто така, романот добил поволни оцени од книжевната критика. Така, „Le Démocrate vernonnais“ го опишува романот како „прекрасен роман“, „исклучителна контемплативна проза“ со „особен сензибилитет“ и како „интимна хроника“. Според Слободан Владушиќ, „Ваљаревиќ успева да го направи својот стил необичен во онаа мера во која тој станува препознатлив, различен, автентичен и искрен... Јунакот на „Комо“ покажува дека... може да ја зачува интимата која го води или во природата, или во подножјето, во селото, меѓу месното население, односно кон сликата како начин на алтернативна, нејазична комуникација.“[1]