Коефициент бета
Коефициентот бета (β) претставува мерка на поединечниот ризик на хартиите од вредност, т.е. ризикот со кој се соочува инвеститорот кога поседува акции од едно претпријатие.
Дефиниција
уредиРизикот со кој се соочуваат инвеститорите доколку поседуваат акции од едно претпријатие се мери преку коефициентот бета (β). Овој коефициент ја мери варијабилноста на приносите на акциите на претпријатието во однос на просечната варијабилност на приносите на сите акции (“кошничка од акции”) кои котираат на берзата.[1] Коефициентот бета вообичаено се пресметува врз основа на податоците од берзата за приносите на некоја конкретна акција и приносите на пазарното портфолио составено од сите акции што котираат на берзата за подолг временски период. Пресметката на коефициентот се врши врз основа на приносите во одреден временски период, кој обично изнесува пет години, најчесто следен преку месечните и неделните промени на приносите.
Некои специјализирани куќи во светот користат и пристап за пресметка на коефициентот бета преку прогнози за идните очекувани приноси врз основа на правење сценарија (оптимистичко, песимистичко и веројатно сценарио). Сепак, на оваа постапка, инвеститорите гледаат со резерва и своите одлуки ги носат исклучително врз историските податоци и внатрешни информации (информации со кои располагаат само некои луѓе од управувачката структура во претпријатието). Примената на коефициентот бета е заснована врз трудот на Хари Марковиц "Portfolio Selection” од средината на 1960-тите. Дванаесет години подоцна Вилијам Шарп, John Lintner и Jan Mossin во неколку објавени трудови го создале моделот за вреднување на финансиските средства познат како CAPM (Capital Asset Pricing Model). Оттогаш, коефициентот бета се користи во многу финансиски анализи, извештаи и предвидувања.[2]
Пресметка на коефициентот бета
уредиБета претставува коефициент кој се добива така што коваријансата на приносите на разгледуваната акција од претпријатието и пазарниот принос ќе се стави во однос со варијансата на приносите на пазарното портфолио:
β = cov (i, m) / var (m)
каде: i е приносот на акцијата, додека m го означува просечниот принос на пазарното портфолио.
Кога бета изнесува 1, тоа значи дека нема отстапувања во варијабилноста на приносите на конкретната акција во однос на просечниот варијабилитет на приносите на портфолиото, или дека се воспоставени пропорционални односи во движењето на приносите од акцијата на претпријатието со просечните приноси од “кошничката од акции”.
Ако коефициентот бета е поголем од 1, тоа значи дека варијабилноста на приносите на акцијата е поголема од варијабилноста на приносите на кошничката од акции, а со тоа, ризикот од поседување на таа акција е поголем. Оваа, само по себе, се одразува врз бараната стапка на принос на инвеститорите од овие акции, т.е. тие бараат поголема добивка за зголемениот ризик со кој се соочуваат. Оттука, неизбежно се зголемува цената на капиталот и се намалува профитабилноста, т.е. се намалува распонот меѓу цената на капиталот и профитот што го носи тој. Врз таа основа, акција со коефициент бета поголем од 1 се смета за агресивна.
Доколку коефициентот бета е помал од 1, тогаш се работи за акција со варијабилност на приносите помала од онаа на кошничката од акции. Тоа значи дека ризикот од поседување ваква хартија од вредност е помал, што значи и помала барана стапка на принос на капиталот, помала цена на капиталот и поголема профитабилност, т.е. се зголемил распонот меѓу цената на капиталот и профитот што се остварува. Оваа акција по своите одлики е дефанзивна.
На пример, доколку владините обврзници носат каматна стапка од 9% (тие се сметаат како безризични хартии од вредност), а коефициентот бета на акциите на фирмата изнесува 1,33, додека просечната стапка на принос на сите акции што котираат на берзата е 12%, тогаш цената на капиталот изнесува:
Ке = Rf + β(Km - Rf) Ke = 9 + 1,33(12-9) = 12,99%
каде: Rf ја претставува цената на неризичниот капитал, а Km е просечниот принос на акциите на берзата.
Доколку, пак, коефициентот бета изнесува 0.9, тогаш:
Ке = 9 + 0.9(12-9) = 11,7%
Од примерот може да се заклучи дека кога коефициентот бета е помал, тогаш цената на капиталот се намалува, додека профитабилноста на фирмата се зголемува.[3]
Значењето на коефициентот бета може да се согледа и преку следниов пример: Доколку индексот Standard & Poor's 500 (S&P 500) има коефициент бета од 1 и забележи промена од 2%, тогаш некоја поединечна акција со бета од 1 ќе ја следи истата судбина со индексот S&P 500. Ако пак, друга акција има бета од 1,5, тогаш нејзината цена ќе се промени за 3% (2% х 1,5). Доколку, пак, трета акција има коефициентот бета помал од 1, тогаш таа ќе има постабилни приноси од индексот S&P 500.[4]
Наводи
уреди- ↑ Методија Несторовски, Економија на инвестициите - трето издание, Економски факултет, Скопје, 2010, стр. 268.
- ↑ Economics - Fundamental Finance
- ↑ Методија Несторовски, Економија на инвестициите - трето издание, Економски факултет, Скопје, 2010, стр. 269-271.
- ↑ Financial dictionary