Каракасо или сакудон е поимот со кој се означува бранот протести, нереди и насилство што се случи на 27 февруари 1989 година во главниот град на Венецуела, Каракас, и во околните градови. Нередите – најсериозни во историјата на Венецуела – резултираа со околу 3.000 убиени, главно од страна на силите за безбедност.

Чад низ Каракас за време на немирите во Каракасо.

Позадина на случувањата

уреди

Во контекст на економската криза што ја зафати Венецуела на почетокот од 1980-тите, претседателот Карлос Андрес Перес од социјалдемократската Демократска акција, врз основа на препораките на Меѓународниот Монетарен Фонд, на почетокот од својот втор претседателски мандат (19891993) предложи спроведување на реформи во насока на либерализација на економијата. Мерките предвидени со неговата реформа вклучуваа: приватизација на државни компании, даночна реформа и намалување на државниот интервенционизам во економијата. Во однос на политичкиот систем, со реформите се воведоа непосредни избори за гувернери на федералните единки на Венецуела, кои претходно беа именувани од страна на претседателот).

Протестите и нередите

уреди

Протестите и нередите започнаа во градот Гваренас (околу 30 километри источно од Каракас), утрото на 27 февруари 1989 година, како резултат на нагло зголемување на трошоците за превоз до Каракас. Тие брзо се проширија во главниот град и во други градови ширум Венецуела. До попладне истиот ден, речиси сите четврти на Каракас ги зафатија немири.

Венецуеласката влада реагира со прогласување на вонредна состојба, го стави градот под воена состојба и воспостави ред преку употреба на сила. Некои цивили употребуваа оружје за самоодбрана, за напад врз други цивили и/или за напад врз војската, но бројот на убиени војници и полицајци далеку заостанува зад бројот на убиени цивили. При тоа, задушувањето на нередите особено беше сурово во сиромашните предградија на Каракас.

Венецуелскиот конгрес ги суспендира уставните слободи и во текот на следните неколку дена Каракас беше во хаос, со рестрикции, недостиг на храна, грабежи, судење и убиства на невини граѓани.

Првичната официјална објава гласеше дека се убиени 276 лица, но подоцна беше откриено дека владините сили закопуваа убиени цивили во масовни гробници и дека бројот на убиени е значително поголем од првичната официјална бројка. Неофицијално, се смета дека во немирите се убиени околу 3.000 лица.

Последици

уреди

Непосредна последица на Каракасото беше политичката нестабилност. Владата ја промени својата програмата за економска либерализација, но владата на претседателот Перес остана непопуларна. Во 1992 година, поради незадоволство од постојната власт беа извршени два обиди за воени удари, во февруари и во ноември. Првиот воен удар беше предводен од Уго Чавес, кој по неуспешниот воен удар беше уапсен и затворен. Во 1993 година претседателот Перес беше обвинет за корупција и беше принуден да поднесе оставка на функцијата претседател.

Во 1998 година Интер-американската комисија за човекови права ги осуди активностите на венецуелската влада за време на Каракасото и го изнесе случајот пред Интер-американскиот суд за човекови права. Во 1999 година Судот одлучи дека владата извршила повреди на човековите права, вклучително и противправни убиства.

Важноста на Каракасото

уреди

Венецуелското каракасо e еден од најважните настани од поновата венецуелска историја и поради својата важност ги надминува рамките на венецуелската историја. Имено, во годината позната по тоа што се случи пад на комунистичките режими во Источна Европа, тоа претставува прв бунт во светски рамки против идеологијата што го победи комунизмот, против неолиберализмот.