Калина Малеска — македонска писателка, преведувачка, книжевна теоретичарка и професорка.

Животопис уреди

Родена е во 1975 година во Скопје.[1]

Малеска предава англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје,[2] каде што има и дипломирано на Катедрата за англиски јазик и книжевност, со општа и компаративна книжевност како студии под Б, и каде што исто така ги одбранила магистерската теза што се занимава со деконструкција на книжевни дела, како и докторската теза во чиј фокус се дискурсите на моќ во книжевноста.

Творештво уреди

Малеска има издадено две збирки раскази: Недоразбирања и Именување на инсектот, романот Бруно и боите, драмата Случка меѓу настани и романот Призраци со срмени нишки. Некои од расказите ѝ се објавени и во неколку списанија во Македонија и во странство, како што се Блесок Архивирано на 23 март 2014 г., Janus Head, Diversity Архивирано на 2 ноември 2013 г. и други. Три нејзини кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ, „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).[3] Пишува и песни и кратки прозни текстови за детски списанија. Таа е уредник на збирката „Awake not sleeping: Reimagining fairy tales for a new generation“ (2021).[2]

Со свои трудови од областа на книжевната наука учествувала на повеќе меѓународни семинари, конференции и конгреси. Нејзини книжевни есеи се објавени во повеќе македонски и меѓународни списанија, меѓу кои Културен живот, Репер, Janus Head, Word and Text и други, а би можеле да се издвојат „Реалноста на Борхесовата фантастика, нереалноста на Кортасаровиот реализам“, „Водата како извор на двојна наративна линија во Островот од претходниот ден на Умберто Еко, Таинствениот туѓинец на Џозеф Конрад и Големата вода на Живко Чинго“, „Сличности меѓу постколонијализмот и посткомунистичката литература во Македонија: комбинација од традиционалното и современото“, итн.

Се занимава и со преведувачка дејност, а некои од делата што ги превела се: „Она што беше небо“ на Владо Малески, „Тристрам Шенди“ на Лоренс Стерн, „Сестрите Макиока“ на Џуничиро Танизаки, „Хаклбери Фин“ на Марк Твен, драми од Чикамацу Монзаемон и раскази од Емброуз Бирс.

Наводи уреди

  1. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2016-04-21. Посетено на 2017-08-28.
  2. 2,0 2,1 Никола Гелевски и Владимир Мартиновски (приредувачи), Џинџуџе во земјата на афионите: антологија на македонскиот краток расказ. Скопје: Темплум, 2022, стр. 362.
  3. Никола Гелевски и Владимир Мартиновски (приредувачи), Џинџуџе во земјата на афионите: антологија на македонскиот краток расказ. Скопје: Темплум, 2022, стр. 223-226.