Кале (Стари Град)

археолошко наоѓалиште во Македонија
Кале (Градиште)

Поглед на ископините од римски градби во месноста Кале над Стари Град

Карта

Местоположба 41°34′51″N 21°39′54″E / 41.58083° СГШ; 21.66500° ИГД / 41.58083; 21.66500
Основни податоци
Место Стари Град
Тип

 вила рустика


Период римско време
бакарно време
Портал „Археологија“

Кале (или Градиште) е археолошко наоѓалиште на утврдена населба во непосредната близина на селото Стари Град.

Местоположба

уреди
 
План на населбата од римско време

Наоѓалиштето Кале се наоѓа на 2 километри југоисточно од селото Стари Град, на висок рид со зарамнето плато, кој се издигнува високо на десниот брег веднаш над реката Бабуна, и непосредно крај мостот на асфалтниот пат кој води кон Извор и Богомила[1], а во минатото тука минувал и главниот, доста прометен пат помеѓу Скопје, Велес и Прилеп. Поради ваквата местоположба, оваа тврдина имала многу значајна стратегиска позиција[2]. Врз основа на ваквата значајна стратешка географска положба, како и богатите пронајдоци, кон крајот на триесеттите години на XX век, археологот Никола Вулиќ сметал дека на ова место во III век од нашата ера се наоѓал градот Аргос[2].

Пронајдоци

уреди
 
Надгробна плоча пронајдена на наоѓалиштето

Наоѓалиштето било истражувано неколкупати и тоа особено во деведесеттите години на XX век и во месец јули 2015 година. Од поранешните истражувања е познато дека на површина со зафатнина од 350 × 100 метри има видливи ѕидови од одбранбен бедем како и остатоци од градежен материјал, како и фрагменти од керамички садови и питоси, додека на североисточната страна на наоѓалиштето имало поголема концентрација на фрагменти од керамички садови со груба фактура[1]. На југозападната страна на наоѓалиштео се откриени гробови, а исто така и покрај железничката станица Стари Град[1]. Од ова наоѓалиште се надгробните споменици и релјефи од доцноантичкото време, коишто кон крајот на триесеттите години на XX век ги публикувал Н.Вулиќ, а чиишто наоди се чуваат во Mузејот на Македонија во Скопје[1]. Со најновите ископувања од 2015 година биле откриени неколку станбени објекти како и керамички садови кои опфаќаат широка хронолошка рамка од железното време сѐ до доцноантичкиот период[3]. Од откриените неколку станбени објектн, еден станбен објект таканаречена „villa urbana“ бил поопсежно истражен и биле утврдени неколку градежни фази односно интервенции и ремоделации на просторот на кој се наоѓа објектот[3]. На ископините на овој објект е пронајден и остаток од бунар. Благодарение на движните наоди може да се заклучи дека овој објект егзистирал во античкиот период. Од аспект на недвижното културно наследство делумно се откриени уште три објекти од античкиот период. Пред самиот влез на тврдината од север се пронајдени остатоци и од две живеалишта од каменото време — бакарно време. Најголем дел од движните наоди пронајдени со овие истражувања претставуваат керамички садови кои опфаќаат широка хронолошка рамка од Железното време сè до доцноантичкиот период[3]. Поголемиот број од пронајдените садови претставуваат садови за секојдневна употреба (чинии, бокали, шолји и слично) и се од локалното производство[3]. Пронајдени се и луксузни примероци како на пример фрагменти на садови кои припаѓаат на групата од типот на таканаречената terra sigillata, а кои веројатно се увезени и донесени од соседните поголеми центри на Римското Царство[3]. Ова укажува на фактот дека жителите на оваа населба одржувале интензивни трговски контакти на пошироката територија на Римското Царство[3]. Врз основа на сите овие пронајдоци и големината на просторот со подградието и акрополата, археолозите сметаат дека на ова место постоел значајна утврдена населба со население од над 1,500 жители.

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. 2. Скопје: МАНУ. стр. 82.
  2. 2,0 2,1 Трифуноски, Јован. Област Бабуне и Тополке. Зборник за народни живот и обичаи (српскохрватски). 47 (1977. изд.). Загреб: ХАЗУ. стр. 207.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Печков, Петар. „Се истражуваше локалитетот Кале, кај Стари Град“. Велес. Посетено на 19 октомври 2015.