Какадуи – расказ на австралискиот писател Патрик Вајт од истоимената збирка од 1974 година.

Содржина уреди

Клајд Гудинаф собира добротворни прилози и доаѓа кај сосетката Олива Даворен, која му кажува дека веќе седум години не зборува со сопругот Мик, поради тоа што, за време на едно нејзино отсуство, тој дозволил да умре нејзиниот папагал. Токму во тоа време, Мик почнал да се гледа со сосетката Базби Ликорн. Пред куќата на семејството Даворен се собираат какадуи и Олива посакува да бидат нејзини. Истовремено, и Мик и Базби почнуваат да се грижат за птиците. Во една прилика, Мик ја посетува Базби и дознава дека таа ги храни какадуите. Еден ден, какадуите исчезнуваат од паркот, а Мик и Олива се загрижени за нивната судбина и почнуваат да разговараат. Подоцна, птиците повторно се враќаат но соседот Фигис ја зема пушката и пука во нив. Тогаш, Мик се обидува да го спречи и во борбата со Фигис, тој паѓа мртов, а Фигис е уапсен поради убиството. По некое време, пред својот деветти роденден, малиот Тим Гудинаф, кој цело време е возбуден од присуството на какадуите, скришно бега од дома и ноќта ја поминува во паркот за да ја провери својата храброст. Утрото, на патот кон дома, тој наоѓа какаду во паркот и го убива, земајќи му го перчето како амајлија. Истовремено, Олива поминува пред куќата на Базби и тие за првпат проговараат меѓу себе. Тим доаѓа дома и почнува да плаче поради својата постапка.[1]

Осврт кон расказот уреди

Во расказот „Какадуи“, авторот ни претставува галерија осамени и отуѓени луѓе чиј живот нема никаква смисла. Тие немаат длабоки чувства, ниту возвишени идеали. Во такви околности, животот на луѓето се менува со доаѓањето на птиците. Така, за Олива Даворен, птиците значат нова животна цел при што нејзиниот празен живот добива смисла и доаѓа до повторно зближување со сопругот. По седум години поминати во молчење, брачниот пар се соединува во обожавањето на своите необични пријатели. Исто така, за госпоѓицата Ликорн, птиците се благолсов кој ѝ овозможува за првпат во животот да доживее страст. Семејството Гудинаф е пример на „шупливи“ луѓе, иако нивното презиме кажува дека тие се сосема добри граѓани. Притоа, писателот иронично забележува дека нивниот деветгодишен син, Тим, е многу позрел и попаметен од нив. Ноз целиот расказ како лајтмотив се провлекуваат какадуите кои се злокобни птици: Мик Даворен е убиен поради нив, Фигис е осуден, Олива Даворен и Базби Ликорн повторно ѝ се препуштаат на својата осаменост, а малиот Тим го открива својот страв.[2]

Наводи уреди

  1. Patrik Vajt, Noć lupeža. Beograd: Rad, 1977, стр. 53-100.
  2. Marija Herman-Sekulić, „Pakao predgrađa“, во: Patrik Vajt, Noć lupeža. Beograd: Rad, 1977, стр. 107.