Какадуи (англиски: The Cockatoos) е втората збирка раскази на австралискиот писател Патрик Вајт, првично објавена во 1974 година.

Податотека:TheCockatoos.jpg
Корицата на првото издание на „Какадуи“

Содржина уреди

Збирката содржи шест раскази:

  1. „Раката на жената“ (A Woman's Hand)
  2. „Полниот стомак“ (The Full Belly)
  3. Ноќта на крадците“ (The Night the Prowler)
  4. „Пет-дваесет“ (Five-Twenty)
  5. „Сицилијански ноќи“ (Sicilian Vespers)
  6. Какадуи“ (The Cockatoos)

Осврт кон делото уреди

Веднаш по објавувањето, збирката „Какадуи“ доживеала две изданија. Таа содржи неколку прозни минијатури во кои Вајт го претставува своето измислено предградие, анализирајќи ги вечните елементи на животот: суровоста на општеството, отуѓеноста на луѓето, безнадежноста и празнината на животот без разбирање и љубов и парадоксалната неуништливост на човекот. Збирката претставува целина која ја поврзуваат неколку нишки, а во прв ред станува збор за истиот простор во кои се случуваат различни судбини. Така, во расказите „Какадуи“ и „Ноќта на крадците“ е многу присутен мотив на паркот во кој ликовите од двата расказа наоѓаат мртво тело, како и мотивот на езерото или скитниците и пијаниците во паркот. Во расказите преовладуваат чудните, абнормални и ексцентрични аспекти на човечката природа, а често како најчудни ликови се појавуваат токму оние за кои светот мисли дека се обични. Вајт има изразена свест за сложениот однос меѓу поединецот и неговата материјална средина. Притоа, иако води сметка за нивниот заемен однос, тој никогаш не ја занемарува единственоста на поединечниот поглед на светот.[1] Во Вајтовите раскази нема големи заплети и расплети ниту драматични пресврти, но под мирниот тек на раскажувањето се чувствува разурнувачка подземна струја која ги турка настаните напред. Во тој тесен простор нема ни голема среќа ни големи трагедии, туку само мали задоволства и ситна злоба кои ја сочинуваат големата трагикомедија на осамениот човек во светот без вистински идеали. Соодветно на тоа, неговите раскази не завршуваат драматично „на врвот“, туку сè се одвива како „вртоглавиот тек на непрекинатото постоење“.[2]

Наводи уреди

  1. Marija Herman-Sekulić, „Pakao predgrađa“, во: Patrik Vajt, Noć lupeža. Beograd: Rad, 1977, стр. 106.
  2. Marija Herman-Sekulić, „Pakao predgrađa“, во: Patrik Vajt, Noć lupeža. Beograd: Rad, 1977, стр. 107-108.