Исаија (библиска книга)
„Книгата на пророкот Исаија“ — книга од Стариот завет во која се опишани пророштвата на синот Амосов, Исаија за Јудеја и за Ерусалим.
Содржина
уредиВо годината на смртта на царот Осија, Исаија ја пренесува пораката на Господ кој е огорчен поради лошите дела на Израилот и е решен да ги казни грешниците. Пророкот го најавува денот кога Господ ќе дојде на Сионската Гора и ќе им суди на сите народи, ќе ја отстрани нечистотијата од Ерусалим, а Израилот ќе биде поробен од другите народи. Во времето кога јудејскиот цар Ахаз е нападнат од израилскиот и сирискиот цар, Господ му кажува на Исаија да го извести царот Ахаз дека опсадата на Ерусалим нема да успее, а Господ ќе им даде знак на Јудејците – девица ќе го роди синот Емануел. Притоа, Господ ќе ги казни Израилците за гревовите, но ќе се смилува на оние што ќе останат. Исто така, Исаија го најавува раѓањето на Месијата кој ќе им суди на народите и тогаш сите ќе се приклонат кон Бога и на земјата ќе завладее мир и слога.[1]
Во продолжение се дадени пророштвата на Исаија за разурнувањето на Вавилон, Моав, Дамаск, Едом, Тир, Египет и Арабија, за опсадувањето на Ерусалим и за ослободувањето на Јудејците. Господ ја опустошува земјата поради распространетото зло, а ќе дојде ден кога тој ќе слезе на земјата и ќе ги уништи грешниците, ќе ги спаси праведните и тогаш ќе воскреснат мртвите, а сите раселени Израилови потомци повторно ќе се соберат во обновениот Ерусалим. Исто така, Господ ќе му суди на Ефремовото племе кое е во непријателски односи со Јудејците.[2]
Во 14. година од владеењето на царот Езекија, асирската војска ја зазема Јудеја и го опсадува Ерусалим. Пророкот Исаија му порачува на Езекија да не се предава, зашто Господ ќе го одбрани градот и, навистина, ангел божји ја уништува асирската војска по што асирскиот цар се враќа во Нинива каде го убиваат неговите синови. По некое време, Езекија се разболува, но Господ ја слуша неговата молитва и царот оздравува. Откако тој ги прима гласниците на вавилонскиот цар, Исаија претскажува дека Вавилонците ќе ја поробат Јудеја. Меѓутоа, Господ го избира царот Кир да ги ослободи Израилците, го најавува паѓањето на Вавилон и враќањето на Јудејците во родната земја.[3]
Наводи
уреди- ↑ Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 897-906.
- ↑ Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 907-924.
- ↑ Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 924-950.