Инвестициско-развоен фонд на Црна Гора
Инвестициско–развојниот фонд на Црна Гора (српски: Инвестиционо развојни фонд Црне Горе) — државна институција за поттикнување на економскиот развој на Црна Гора. Фондот е во целосна државна сопственост. Тој е основан со посебен закон во 2009 година.
Цели и задачи
уредиОсновните цели и задачи на Фондот се широко дефинирани и се конкретизираат низ повеќе активности:[1]
- Поддршка на секторот на мали и на средни претпријатија;
- Поддршка на инфраструктурни и еколошки проекти;
- Поттикнување на извозот и на вработувањето;
- Приватизација на остатокот општествен капитал.
Практично, поддршката на малите и на средни претпријатија (кредитирање и гарантирање на кредитите на малите бизниси) се јавува како основен приоритет на Инвестициско-развојниот фонд на Црна Гора.
Активности на фондот
уредиФондот им доделува кредити на малите и средни претпријатија кои работат на територијата на Црна Гора во соработка со комерцијалните банки, или со директно пласирање средства во претпријатијата-корисници на кредитите. Фондот, исто така, издава и гаранции за потребите на претпријатијата кои работат на територијата на Црна Гора. Сепак, финансиките средства кои ги нуди фондот се со скромен обем. На пример, во Програмата за работа на Фондот за 2010 година бил дефиниран вкупниот финансиски потенцијал на Фондот во износ од 17 милиони евра, од кои 12 милиони евра се наменети за кредитирање на претпријатијата и 5 милиони евра за издавање гаранции.[1]
Кредитните линии што се реализираат со посредство на комерцијалните банки се операционализираат на два начина: Прво, комерцијалните банки му го гарантираат на Фондот враќањето на средствата по секој кредитен аранжман поединечно. Мотивацијата на банките да се вклучат во овие активности произлегува оттаму што средствата од кредитните линии на Фондот се орочуваат како депозити во банките, а Фондот ги субвенционира каматните стапки за кредитите на малите и средни претпријатија. Во овој случај, малите и средни претпријатија добиваат кредити под следниве услови:[1]
- Висина на кредитот до 200 000 евра;
- Каматна стапка од 6% (од што, 3% ѝ припаѓаат на комерцијалната банка);
- Рок на враќање до 66 месеци и грејс-период до 18 месеци;
- Задолжително учество на банките во кредитирањето со сопствени средства – најмалку 30% од средствата се од извори на банката и тој дел од средствата се пласира по пазарни услови, а останатите 70% се средства на фондот и се пласираат под поповолни услови;
- Корисници на оваа кредитна линија се претприемачи, односно МСП од сите сектори, освен трговијата, без оглед дали се работи за новоосновани малите и средни претпријатија или пак за претпријатија кои работат повеќе години;
- Максималниот износ на кредитот може да биде до 50% од вредноста на инвестицијата.
второ, кредитите со посредство на комерцијалните банки фондот може да ги реализира и врз основа на т.н. наменски депозити, т.е. долгорочно обезбедување финансиски средства за финансирање на инвестициските проекти на малите и на средните претпријатија. Изборот на банките се врши преку јавен повик, а нивниот мотив да се вклучат во овие аранжмани е во тоа што банките добиваат долгорочни средства за финансирање на своите клиенти (до 10 години), со поволни каматни стапки. Банките и во овој случај го гарантираат враќањето на средствата на фондот и имаат обврска редовно да го известуваат фондот за извршените пласмани. Во овој случај, условите и критериумите за финансирање се следниве:[1]
- Износ на кредитот до 1 000 000 евра;
- Каматна стапка од 4%;
- Каматната стапка за крајниот корисник е по договор со банката, но не смее да премине 8%;
- Корисници на оваа кредитна линија се претприемачи, односно мали и на средни претпријатија од сите сектори, освен трговијата, без оглед дали се работи за новоосновани мали и на средни претпријатија или пак за претпријатија кои работат повеќе години;
- Рок на враќање на средствата: до 10 години;
- Предност при финансирањето имаат претпријатијата со производи со висок степен на финализација, претпријатија кои се сместени во северниот регион на земјата (како помалку развиен регион), претпријатија кои вработуваат 5 или повеќе лица.
Во поново време, фондот започнал да врши и директно кредитирање на МСП преку повеќе форми:[1]
- Кредитни линии за краткорочна поддршка на мали и на средните претпријатија (за мали и на средните претпријатија кои работат најмалку две години - максимален износ на кредитот до 100 000 евра, каматна стапка од 7% и рок на отплата 12 месеци;
- Кредитни линии за директно финансирање инвестициски проекти на мали и на средните претпријатија – за мали и на средните претпријатија кои работат најмалку три години – максимален износ на кредитот до 200 000 евра, каматна стапка до 6% и рок на отплата 48 месеци, вклучувајќи и грејс-период до 12 месеци);
- Кредитни линии за start-up претпријатија – до 50 000 евра, рок на отплата до 6 години и грејс-период до 12 месеци итн.