Илија Алушевски
Илија Алушевски (Ѓавато, Битолско, 1928 – Битола, 2004) — македонски фолклорист, етнолог, просветен деец, публицист, кореограф и запишувач на усната литература во битолскиот крај и пошироко, поттикнувач и организатор на јавни манифестации исполнети со фолклорен жанр, учесник во развојот на аматеризмот во Македонија, меѓу македонските иселеници во Германија, Шведска и на други места.[1]
Животопис
уредиАлушевски е роден во 1928 година во битолското село Ѓавато. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Најпрво работел како средношколски професор во учителската школа во Штип, во гимназијатаво Кочании на крајот во Електро-машинскиот училиштен центар во Битола. Извесен период бил и научен советник во Институтот за фолклор во Скопје. Собирал песни на панаѓурите, повеќе од половина век започнувајќи веднаш по педесеттите години на XX век, па сè со крајот на животот, најпрво во својство на организатор на тие манифестации во Битола и Битолско. Црпел од неисцрпните изворишта на непресушните фолклорни врутоци, бележел делови од душата на народот, да не исчезне од македонското помнење, само и само да не останеме фиданка без корен. Несебично се ангажирал во аматерските самодејности и сесрдно помагал во работата на следните КУД: „Стив Наумов“, „Илинден“, „А. Турунџев“, „Гоце Делчев“. Тој е еден е од иницијаторите за формирање на Фестивалот за народни песни и игри „Илинденски денови“. Починал во 2004 година на својата 72 годишна возраст.
Библиографија
уредиГодини на ред своите макотрпни собирани записи ги објавувал во списанија и книги. Бил редовен уредник на Радио Битола на „Фолклорната плетеница“. Во 1982 година ја обелоденил неговата прва збирка собрани народни стихови под наслов „Залуде лудо полуде“ - вкупно 224 македонски народни песни речиси од секој вид - епски, лирски, лирско-епски (балади и романси). Втората збирка „Цвилит коњче во гора зелена“ (1997), содржи вкупно 715 песни.
Награди
уредиДобитник е на низа признанија и награди: награда на КПЗ по повод месецот на книгата, „Особено истакнат педагошки работник“, „Ѓуро Салај“, републичката награда за истакнат просветен работник „Кирил и Методиј“, општинската награда „4 ноември“, Орден за труд со сребрен венец од Претседателот на поранешната СФРЈ, сребрена плакета на ДНУ - Битола и други.
Наводи
уреди- ↑ Андоновска, Ленче; Благој Николов, Трајко Огненовски, Гордана Пешевска, Анета Стефановска, Светлана Талеска (2007). Науме Ѓорѓиески (уред.). Значајни личности за Битола. Битола: Национална установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. стр. 20–21. ISBN 978-9989-2783-0-3.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)