Зороастриски календар

Зороастриски календар е верски календар кој го користат припадниците на зороастриската вера. Следбениците на учењето на Заратустра и денес користат разни варијанти на овој календар за верски цели.

Историја

уреди

Претходник на сите денешни зороастриски календари е системот кој е создаден за време на Ахеменидското Царство. Во 539 г. п.н.е., владетелите на Персија го освоиле Вавилон, и брзо потоа го прифатиле вавилонскиот календар за секојдневна употреба. Најраната форма на зороастриски календар, кој се нарекува и „Авестински календар“, го следел вавилонскиот, посебно во врска со деновите посветени на Ахура Мазда.[1] Пред реформата на календарот, која се случила за време на владеење на царот Ардашир I Персиски (226-241), календарската година содржела 360 дена. Според овој систем, „недостатокот“ на денови што се појавувал со текот на време, се поништувал со воведување на тринаесетти месец, а тоа било одредувано со набљудување на сончевата година. Традиционално, деновите и месеците се именувале според божествата, налик на египетскиот обичај, и ова е воведено меѓу 458 г.п.н.е. и 330 г.п.н.е., најверојатно во текот на владеењето на Артаксеркс II (404 п.н.е.-358 п.н.е.).

Според календарот што го вовел Ардашир I, годината имала 365 дена, поделени на 12 месеци од по 30 дена, а имињата на месеците и деновите останале исти. Различно било тоа што после 12-те месеци, следувале 5 дополнителни дена. Освен тоа, исфрлени се сите видови на интеркалација, а како прв ден на верската година се сметал првиот ден од деветтиот месец.

Новиот систем создал конфузија и наишол на отпор, со што се случило многу од зороастриските прослави да имаат два датума, што кај некои групи зороастријци се задржало до денес. Дуплирањето на празниците продолжило со цел да не се пропушти некој свет ден.

Ситуацијата станала толку комплицирана, што внукот на Ардашир, Хормизд I (272-273) вовел уште една реформа на календарот. Новите и старите празници станале поврзани во шестодневни прослави. Исклучок бил Нороуз (или Навроз), првиот ден на пролетта: првиот и шестиот ден од тој месец се славени посебно, а шестиот ден станал значаен како роденденот на Заратустра.

Бидејќи со реформите биле отфрлени сите форми на интеркалација, календарот и годишните времиња се разијдувале за четири месеци во време кога на престолот дошол Издигерд III (632-651). Поради ова, сезонските фестивали биле славени во погрешно време од годината. Издигерд III подготвил нова реформа, но Арапите ја смениле оваа династија, пред да се воведе новата реформа.

Наводи

уреди
  1. Boyce, Mary (ed. & trans.). Textual Sources for the Study of Zoroastrianism. University of Chicago Press, 1984, pp. 19–20.