Мијачко знаме
Мијачко знаме — македонско знаме кое најмногу го користеле мијачките села во реканскиот крај на Македонија. Ова знаме се користело во Галичник, Гари, Лазарополе, Тресонче, Росоки, Осој, Битуше и во околните села. Иако се верува дека знамето е општомакедонско, тоа се употребувало како симбол на мијаците, го истакнувале во сите мијачки села за време на настани, празници или прослави.
До скоро беше познато само едно мијачко знаме, но во скоро време било откриено уште едно. Новооткриеното знаме е слично со старото, но се разликува во ситни детали. Вкупно, денес се познати четири мијачки знамиња од кои две се означени како свадбарски.
Знамиња
уредиДенес се познати пет мијачки знамиња. Првото мијачко знаме е крстат бајракот, второто е мијачко знаме кое е слично со крстат бајракот и се чува во приватна галерија и претпоследните две се чуваат во Музејот на Македонија и се назначени како свадбарски мијачки знамиња. Петтото мијачко знаме е исто така семејно знаме
Крстат бајрак
уредиКрстатиот бајрак или општото мијачко знаме е особено интересно за македонската хералдика бидејќи се смета за многу старо. Претставените животни во аглите, на една верзија од ова знаме имаат долга традиција и често се употребуваат во хералдиката, а и четвртиот знак - полумесечина и ѕвезда се среќава уште на месопотамските камени меѓници и стели.[1]
Знамето било изработено на бело платно од копрена или друг материјал, долго околу еден метар кое служи како главно поле. Во средината е претставен крст со круг на пресекот на краците, а во празниот простор меѓу краците е испишано со познатите кратенки името на Исус Христос ИС ХС и НИКА (Победа). Во четирите агли стојат мали фигури на лав, двоглав орел без крила, змеј и полумесечина со ѕвезда над него. Рабовите се обрабени со црвени триаголници кои ги гледаме и на прстенот со кој е обвиен средишниот крст.
Лавот се толкува како земски симбол на Македонија, змејот како заштитник на сточарите, двоглавиот орел како остаток од богомилските времиња и Византија, а полумесечината со ѕвезда како илирски симбол.
Семејно мијачко знаме
уредиОд мијачкото село Тресонче е зачувано знаме кое го поседува фамилијата Пандиловци, денес жители на Скопје, за кое сопствениците велат дека е старо повеќе од 200 години. Ова знаме е многу слично со општото мијачко знаме, но се разликува во некои детали како: ѕвездата е поставена вон краците на месечината и двоглавиот орел нема крст врз телото. Долго е 1.30, а широко 0.70 метри. Изработено е од бело платно, а претставените орнаменти се работени како апликации со црвена боја. Во празните полиња околу крстот се впишани буквите „ИС ХР“ и „НИ КА“. Некои знамиња може наместо овие животни да содржат куче како замена за лавот и коњаници со целосна опрема.[2]
Мијачки свадбарски знамиња
уредиВо Музејот на Македонија во Скопје се чуваат две верзии на мијачки знамиња кои се означени како свадбарски. Едното има некои заеднички елементи со претходните, само разликата е што ги нема животните, а знакот на полумесечината и ѕвездата се повторува четирипати и тоа околу средишниот крст по дијагонала, алтерниран со исто толку големи четири црни крста, што зборува дека не се работи за знак на турската империја. Средишниот круг не го содржи четирикракиот крст, туку се состои од деветнаесет крака-перки во три бои, бела, црна и црвена. Ова знаме има три триаголни издолжени завршници од слободната вертикална страна, а другите страни се обрабени по хоризонтала со една црна и една црвена лента, односно црна и бела околу дрвената дршка, која нема крст на врвот.
Особено е интересно другото изложено знаме кое нема ништо заедничко со досега опишаните. Во центарот на знамето има голем црвен круг формиран од црвени и посветло црвени брановидни ленти обрабен со бела лента и средиштен помал круг со впишана мала четвртеста розета, која може да асоцира на лепче, најверојатно свадбарско. Во горните два агли имачовечка фигура се една испружена рака кон средишната полумесечина, претставена наопаку со краците надолу. Долу под кругот се претставени лево и десно по две животни, куче или волк кој брка јагне. По вертикала знамето има две широки црвени ленти со бел крст во средината, а четвртата страна која се виорела завршува со пет триаголници, три црвени и два бели, а таа наспроти нив е темна широка лента. Според позата на човечките и животинските фигури, ова знаме би требало да биде поставено со триаголниците надолу, инаку фигурите би се гледале од страна искривено.
Новооткриеното мијачко знаме
уредиДимензиите на новиот мијачки бајракот со коњаници се 130 см на 73 см. Над коњаниците на латинско писмо, со сини избледени букви, пишува „Usura famiglia“ (семејно знаме). Знамето е правоаголно со три јазици на долниот дел. По краевите на знамето има црвен правоаголник и во внатрешноста, која е бела, се наоѓаат кругот, коњаниците, полумесечината и уште една фигура. Потомците на ова семејство од Галичник живеат во Австралија.