Коњица

(Пренасочено од Коњаник)

Коњица или коњаница — дел од копнената војска која се одликува со поголема подвижност и сила на фронтален удар во однос на пешадијата. Историски, коњицата се состоела од војници кои јавале на коњи, камили, слонови и други животни способни да понесат човек во борба. Основни типови на коњица се лесна и тешка (оклопна).

Јавачи Нормани кои јуришаат — „Бајошки Гоблен“

Иако има индиции дека во праисториска Европа имало некои форми на припитомување на коњи пред десетици илјади години, општоприфатено е дека коњите почнале да се користат за транспорт околу четири илјади години п.н.е. во степите на Средна Азија. Најраните коњички единици биле бојнит коли кои во Сумер и другите месопотамски цивилизации ги влечеле магариња. Бојни коли со коњи, особено двоколки, се карактеристични за индоевропските освојувања кои се движеле од Средна Азија кон Европа, Блискиот Исток и Индија околу 1700 г.п.н.е.

Важни моменти во развојот на коњицата биле воведувањето на оклопни јавачи во Партија и пронаоѓањето на узенгиите во Кина (најдоцна до III век н.е., во Европа стигнало во IV век), кои овозможувале комбинирање на силината на ударот на коњот и јавачот при напад со оружје за блиска борба. Новите модели на седло, како норманското седло, кое овозможувало јавачот да го искористи движењето на коњот за да фрли копје (џилит) со поголема силина од пешадиец, истовремено придржувајќи се со стегање на бедрата и наслонот од седлото.

Делотворноста на коњицата опаѓала со развојот на огненото стрелачко оружје и артилеријата. Во многу армии, единиците кои спаѓале во коњица во минатото се преориентирани на користење тенкови или хеликоптери како средство за транспорт.