Заборавените (филм од 1950)

„Заборавените“ (шпански: Los Olvivados) - мексикански филм од 1950 година, во режија на Луис Буњел, кој е автор и на сценариото, заедно со Луис Алкориза. Главните улоги ги играат: Алфонсо Мехиа, Естела Инда, Михел Инклан, Роберто Кобо, Франсиско Хамбрина, Марио Рамирес итн. Во САД, филмот е познат по насловот „Млади и проклети“ (The Young and the Damned).[1] Филмот освоил вкупно 12 награди на разни фестивали, меѓу кои и наградата за најдобар режисер на Канскиот филмски фестивал, а имал уште шест номинации.[2]

Синопсис

уреди

Во филмот се прикажува животот на децата од улиците на Мексико Сити. Хаибо (го игра Кобо), штотуку избеган од поправниот дом, ги собира уличните деца и ги наговара да го нападнат слепиот музичар Кармело (го игра Инклан) кој свири на улицата. Еден ден, придружуван од Педро (го игра Мехиа), Хаибо подмолно го убива младиот Хулијан кого го обвинува дека е виновен за неговото затворање. Хаибо му се заканува на Педро да не кажува никому за убиството и притоа со него ги дели парите украдени од Хулијан. Мајка му на Педро (ја игра Инда) се однесува строго кон него, обвинувајќи го за лошото однесување, а за дапокаже дека е добар, Педро се вработува кај еден ковач. Таму го посетува Хаибо, кој краде нож, но полицијата го обвинува Педро за кражбата, така што тој мора да избега од дома. Во меѓувреме, Хаибо има љубовен однос со мајка му на Педро. Кога Педро се враќа дома, мајка му го пријавува во судот. Поради недостиг од докази, судот не може да го осуди Педро, но го испраќа во поправно училиште. Директорот на училиштето (го игра Хамбрина) сфаќа дека на Педро му недостига љубов и внимание, па му дава пари за да му купи нешто, но го пресретнува Хаибо, кој му ги краде парите. Педро го следи Хаибо и започнува тепаќа со него, но Хаибо е посилен. Тогаш, Педро им кажува на присутните дека Хаибо е убиецот на Хулијан. Потоа, Кармело ѝ кажува на полицијата каде се крие Хаибо. Во меѓувреме, Хаибо го убива Педро во една колиба и потоа бега во своето засолниште, но таму го чека полицијата, која го убива. Истовремено, плашејќи се дека може да биде обвинет за убиството, сопственикот на колибата го фрла телото на Педро на ѓубриштето.

Наводи

уреди