Еден час и триесет минути (роман)
Еден час и триесет минути — роман на македонскиот писател Берт Стајн од 2016 година.
Содржина
уредиВо романот се зборува за растењето на дете од мешан брак, на разведени родители, кое по избувнувањето на војната во Босна се преселува од Сараево (каде ги поминува првите десетина години од животот) во Скопје. Книгата завршува со веста дека главниот лик во романот очекува син. Во меѓувреме се прикажани неколку епизоди од неговиот живот, како: школувањето во Италија, барањето работа во Лондон, враќањето во Скопје, љубовта и создавањето семејство.[1]
Критички осврт кон книгата
уредиРоманот претставува еден вид продолжение на првиот роман на Стајн, „Три минути и триесет и пет секунди“ бидејќи тематиката и книжевната поетика се надоврзуваат на него. Насловот на „Еден час...“ го симболизира траењето на вообичаените холивудски филмови при што романот користи една вообичаена филмска техника која е присутна и во постмодерната книжевност, а во првите страници авторот дури и ги имитира филмските дидаскалии што создава впечаток дека читаме сценарио. Втората наративна техника која ја користи Стајн е каталошката, лексиконската, односно техниката на кратки резови.[2]