Еврејско Маало (Скопје)

Еврејско Маало (понекогаш наречено Еврејско-чивутско Маало или Чивутана) — скопско маало, сместено во подножјето на Калето на самиот брег на реката Вардар, во продолжение на Пајко Маало. Маалото сѐ до крајот на XIX век, било едно од најсиромашните и најконзервативните четврти на Скопје до кое не допреле речиси никакви промени. Во почетокот на XX век, со збогатувањето на неговите жители на овој простор започнале да никнуваат поголеми и поубави куќи со европски архитектонски елементи на градба и стилови, кои почнале да го менуваат неговиот изглед, особено по должината на реката Вардар. Таков е примерот со Народниот театар, чија изградба траела во периодот 1921-1927 година, како и зградата на скопската општина, урната во земјотресот од 1963 година.

Стара фотографија во боја на која е прикажано Еврејското Маало

Маалото го губи еврејскиот идентитет со депортирањето на неговите жители во концентрацискиот логор Треблинка во март 1943 година. По земјотресот ова маало е урнато и на негово место се направени улици и меѓуградската автобуска станица на чие место денеска постои музеј посветен на холокаустот.

Историја

уреди
 
Земјотресот во Скопје од 1963 година: Еврејско маало
 
Еврејско Маало, улица Маршал Тито

Европските патописци ги спомнуваат Евреите уште во средниот век и ги сметаат за најстари жители на Скопје од вонбалканските доселеници.[1] Маалото претставувало постара етничка колонија од дојденците во овие предели.

Турците го нарекле „Јахуди-хане“. Ова маало не било секогаш на исто место. Со сигурност не може да се утврди каде биле синагогите и заштитниот ѕид што се споменуваат во 1689 година. По пожарите, поплавите, земјотресите и по војните, маалото или негови делови ја менувале местоположбата.

Во археолошките ископини вршени помеѓу двете светски војни и по нив, сè до катастрофалниот земјотрес во 1963 година, најдени се многу темели на ѕидини на градби. Исто така, треба да се напомене и дека маалото не функционирало како гето, па така Евреите имале право да живеат и живееле и надвор од границите на маалото, додека во самото маало немало не-Евреи. Од рабинската литература може да се дознае дека еврејските маала во Османлиското Царство се создавани по иницијатива на самите Евреи, а не по наредба на световните или на верските власти.

За време на османлинскиот период во Македонија, Еврејското Маало било опградено со ѕидини и порти, најмногу од морален карактер и спречување на Турците да навраќаат во самото маало.

Од хебрејски извори може да се дознае дека во Еврејското Маало во Скопје имало една средишна улица, од која се двоеле многу улички и сокаци. Во маалото имало мали куќи и без малку никакви дворови, поради големата стеснетост. Еврејското Маало го менувало својот изглед со времето. Во периодот пред двете светски војни, во маалото постоеле многу убави куќи и неколку кафеани со бавчи.

Животот во маалото бил прекинат на 11 март 1942 година, кога бугарските окупаторски власти ги депортирале Евреите низ концентрациските кампови, каде скоро сите биле безмилосно мачени и убиени, а нивните имоти запленети.[2]

Маалото после катастрофалниот земјотрес во Скопје било срушено, а денес на негово место се наоѓа Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.

Галерија

уреди

Литература

уреди
  • Плима и слом; Жени, Лебл; Фонд на Холокаустот на Евреите од Македонија; ISBN 978-608-65129-6-5; Скопје, ноември 2013 година.

Наводи

уреди
  1. Ангеловска, Билјана (14 март 2013). „Еврејско маало - богатството на градот“. Утрински весник. Скопје: МПМ Македонија. Архивирано од изворникот на 2016-10-05. Посетено на 20 декември 2014.
  2. „VEST - Macedonian daily newspaper“. Вест. Скопје: МПМ Македонија. 22 октомври 2007. Архивирано од изворникот на 2016-09-22. Посетено на 20 декември 2014.

Поврзано

уреди