Евреите во Стоби
Евреите во Стоби — една од најстарите и постојана еврејска заедница во Македонија. Оваа еврејска заедница во античкиот град Стоби постоела од II-III век, кога Клавдиј Тибериј Полихарм ја подигнал синагогата.
Еврејската заедница во Стоби се смета за една од најстарите заедници во Европа, но сепак била со краток век, па така се претпоставува дека била прогонета или уништена за време на престојот на императорот Теодосиј во Стоби во 388 година.
Историја
уредиПрвите траги и сознанија за постоење на романиотската организирана еврејска заедница во Стоби се појавиле при археолошки ископувања во 1931 година, кога археолошка екипа открила меѓу другото и убава зграда на базилика, во чиј перистил меѓу срушените столбови бил и еден столб со грчки натпис во 32 реда, кој потекнувал од II-III век.
Откритието на Полихармовиот столб предизвикало сензација не само меѓу археолозите, туку за ова пишувале и бројни домашни и странски весници. Бидејќи во околината не било пронајдено ништо што би укажало на тоа дека постоела еврејска заедница толку длабоко во внатрешноста на Балканот во III-IV век, некои коментирале дека станува збор за донесен столб однекаде кој служел како градежен материјал. Против ова толкување биле тогашните домашни археолози, кои токму тогаш, во едно село во близината на Бела Паланка, пронашле уште еден еврејски споменик од античко време украсен со Давидовиот штит.
Полихармовиот столб тогаш бил пренесен во Народниот музеј во Белград и таму ја чувал својата тајна над 40 години, до археолошките истражувања во сезоните 1970-1975 година.
Во 1970 година започнале многу интензивни ископувања во Стоби, во рамки на југословенско-американскиот проект. Се открило дека базиликата била изградена врз еврејски храм (подоцна означена како „синагога II“), кој бил во добра и зачувана состојба и уште во употреба, но таа синагога не била првата подигната таму. Под нејзините темели биле пронајдени урнатини на уште постар храм („синагогата на Полихарм“), а во урнатините парички и делови од керамика со натписи што го носат името на Полихарм и со запишани прилози што ги давал за синагогата. На истиот слој е најдена и една тенка бронзена плоча со врежан натпис на вториот дарител, одреден Посидониј.
За разлика од урнатините во долниот храм, горниот бил зачуван речиси во целост. Главната просторија имала три врати. Паралелно со јужниот ѕид имало камени блокови што служеле како седишта. Просторијата имала убав мозаик на подот со цртежи без човечки лица, според одредбите на Мојсеевата вера. Овој начин на украсување се совпаѓа со сличните украсувања во синагогите во Палестина во тој период. Ѕидовите биле украсени со фрески во портокалова боја со вдлабени графити на менора. Малата бина, кон која воделе три скалила кон источниот ѕид, е идентификувана како основа за арон-хакодеш (олтарот), поставена во насока на Ерусалим. Постоела врска со соседната градба, наречена „Куќата на Псалмите“, чии соседни одаи и коридори на исто ниво биле слично поплочени. Доказ дека и оваа градба припаѓала на еврејската заедница говори податокот дека во канализацијата на куќата е пронајден бронзен печат во облик на табула со менората на еврејската заедница.
Заедницата во Стоби исчезнала скоро одеднаш и се претпоставува дека тоа се случило со прогонство или уништување на заедницата за време на владеењето на императорот Теодосиј Флавиј (379-395), кој за време на престојот во Стоби во 388 година објавил два едикта против нехристијанските секти.
Галерија
уреди-
Табла на наоѓалиштето Стоби за Палатата на Полихарм
-
Табла на наоѓалиштето Стоби за синагогата
-
Палатата на Полихарм
-
Палатата на Полихарм
-
Палатата на Полихарм
-
Палатата на Полихарм
Поврзано
уредиЛитература
уреди- Плима и слом; Жени, Лебл; Фонд на Холокаустот на Евреите од Македонија; ISBN 978-608-65129-6-5; Скопје, ноември 2013 година.
Надворешни врски
уреди- Евреите во Стоби на Ризницата ?