Државен запис
Државниот запис (англиски: treasury bill, француски: bon du tresor, германски: Schatzvechsel) претставува краткорочна хартија од вредност што ја издава централната власт, односно Министерството за финансии. Обично, државните записи се издаваат според однапред одреден распоред. На пример, во САД и во Британија, државните записи се издаваат еднаш неделно. Од друга страна, во Германија не постои точен распоред за нивно издавање.[1] Државните записи се сметаат за безризични хартии од вредност, зашто не носат речиси никаков кредитен ризик. Исто така, во развиените земји, државните записи се одликуваат со многу ликвиден пазар, т.е. во секое време може брзо да се продадат без голема загуба во цената и со мали трансакциски трошоци. Оттука, тие носат пониска заработка (принос) во споредба со другите кусорочни хартии од вредност. Државните записи се дисконтни хартии од вредност, т.е. воопшто не носат посебна камата, туку се продаваат по пониска цена од номиналната вредност, така што приносот е претставен преку разликата меѓу номиналната вредност и куповната цена. Во Македонија, државните записи за првпат се појавија во јануари 2004 г. Кај нас, државните записи се издаваат со четири различни рочности[2]: еден месец, три месеци, шест месеци и една година, но најчести се оние со рок на достасување од три месеци. Државните записи се дематеријализирани хартии од вредност, односно постојат само како запис во електронска форма, а купувачот добива потврда за нивното купување.
Приноси на државните записи
уредиКарактеристично за државните записи е тоа што нивната процентуална заработка се изразува како дисконтен принос, т.е. како разлика меѓу номиналната вредност на записот и неговата продажна вредност. Притоа, дисконтниот принос на записот се пресметува со следнава формула:[3]
RD = (N - P) / N x 360 / n
каде: N е номиналната вредност на записот, P е продажната цена, а n е рокот на достасување, изразен во денови.
На пример, ако државниот запис со вредност од 10 000 денари се продава за 9 600 денари, а неговиот рок на достасување изнесува 182 дена (шест месеци), тогаш дисконтниот принос на записот изнесува: (10 000 - 9 600) / 10 000 х 360 / 182 = 0,7912 = 7,912 %
Се разбира, со помош на оваа формула може да се пресмета продажната цена на записот, ако е даден дисконтниот принос, и тоа на следниов начин:
P = N x [1 - RD x (n / 360)
Како што може да се забележи, дисконтниот принос не ја претставува вистинската заработка на државниот запис, поради три причини: прво, во формулата се работи со 360 дена во годината, а не со вистинскиот број денови; второ, во формулата се користи методот на прост интерес наместо сложен интерес; трето, во именителот на формулата е номиналната вредност на записот наместо вредноста која е платена (продажната цена). Ако се отстранат првиот и третиот недостаток, односно ако во горната формула се работи со 365 дена и ако во именителот се стави продажната цена на записот, тогаш се добива т.н. принос еквивалентен на обврзниците:[4]
RBEY = (N - P) / P x 365 / n
Кај овој принос останува вториот недостаток, т.е. заработката е пресметана со методот на прост интерес. Ако се отстрани и овој недостаток, тогаш се добива т.н. ефективен годишен принсо на записот со помош на следнава формула:[5]
RAEY = [1 + (N - P) / P]365/n
Аукции на државни записи во Македонија
уредиДржавните записи гласат на номинална вредност од 10 000 денари и се продават на аукции што се изведуваат според однапред утврден календар, при што Народна банка на Република Македонија се јавува како организатор на аукциите и како агент на Министерството за финансии.[6] Аукциите на државни записи долго време се одржуваа во вид на тендер со каматни стапки, а од средината на март 2008 г., тие се продаваат преку тендер со износи. На аукциите на државни записи се прибираат два типа понуди: конкурентски (competitive bids) и неконкурентски (noncompetitive bids) понуди. Конкурентски понуди се оние каде што банките ги наведуваат износот на државни записи што сакаат да го купат и понудената цена, т.е. бараната стапка на приносот. Кај неконкурентските понуди се наведува само износот на државни записи што сака да се купи, а купувачот ја плаќа просечната цена на државните записи постигната на прифатените конкурентски понуди. Пред одржувањето на аукциите, Министерството за финансии објавува проспект со основните информации за изданието, износот што се нуди за продажба и максималната каматна стапка (до октомври 2007 г.). На аукциите, сите пристигнати понуди се подредуваат според висината на понудената цена, почнувајќи од највисоката до најниската и се прифаќаат понудите сè додека не се продаде целокупниот износ.
На аукциите на државни записи може да учествуваат само банките, додека населението и правните лица може да купуваат државни записи само посредно, преку банките. Притоа, во текот на 2004 и 2005 г., претпријатијата и населението беа главни купувачи на државните записи, но од 2006 г. наваму, банките се најголеми инвеститори во државни записи. Со државните записи може да се тргува на пазарот преку шалтер, којшто започна да работи во април 2005 г., а во 2006 г. беше воспоставен и електронски систем на котација и тргување. Сепак, до ден-денес, овој пазар не е активен, т.е. многу ретко се тргува со државни записи, бидејќи инвеститорите нив ги чуваат до крајниот рок на достасување.
Наводи
уреди- ↑ Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции (второ издание), Универзитет Св. Кирил и Методиј, Економски факултет, Скопје, 2009, стр. 196-197.
- ↑ Државни хартии од вредност Архивирано на 9 февруари 2014 г., Министерство за финансии на Република Македонија
- ↑ Zvi Bodie, Alex Kane, and Allan J. Marcus, Investments (fifth edition). Boston etc.: McGraw-Hill Irwin, 2002, стр. 30.
- ↑ Zvi Bodie, Alex Kane, and Allan J. Marcus, Investments (fifth edition). Boston etc.: McGraw-Hill Irwin, 2002, стр. 31.
- ↑ Zvi Bodie, Alex Kane, and Allan J. Marcus, Investments (fifth edition). Boston etc.: McGraw-Hill Irwin, 2002, стр. 31.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Економски факултет, Скопје, 2008, стр. 269-270.