Дрвени цркви во Марамуреш

Дрвени цркви во Марамуреш – цркви во северниот дел на Трансилванија, во областа Марамуреш. Тоа е група од стотина православни и гркокатолички цркви. Најголемиот број од нив е изграден меѓу XVII и XIX век.

Дрвени цркви во Марамуреш
светско наследство на УНЕСКО
Црква во Сарби Јосани, Марамуреш. Околу 1684 година.
Критериумкултурно: iv
Навод904
Запис1999 (23 заседание)

Архитектура

уреди
 
Црквата со гробиштата во Плопиш

Австроунгарските власти, под чија надлежност било подрачјето Марамуреш од крајот на XVII век, не им дозволувале на Романците црквите да ги градат од камен. Заради тоа црквите биле градени од дрво. Во зависност од периодот на градба, овие цркви биле градени во различни архитектонски стилови. Ги граделе локални градежници, а вештината на градење во текот на вековите достигнала извонредна техника. Се одликуваат со висока конструкција и витки камбанарии на западната страна на градбата. Тоа е единствен спој на источното и западното архитектонско наследство на Европа. Основата на овие цркви е византиска, додека облиците најчесто се готски. Некои од црквите се готово минијатурни, додека неколку од нив достигнуваат навистина импресивни димензии. За изградба на овие цркви најчесто се користеле даб и оморика. Високото и витко дрво оморика се смета за пример за обликот на црквите. Обично се насликани со дела на локални уметници со сцени од Библијата и теми поврзани за локалното подрачје на кое се наоѓаат. Во склоп на црквата вообичаено се наоѓале и селските гробишта. Она што е карактеристично за овие цркви е многу високиот и голем покрив во однос на самата градба.[1]

Значење

уреди

Историската област Марамуреш, на крајниот север на Трансилванија, на границата со Украина, претставува своевиден музеј на отворено. Ова подрачје најмалку било под влијание на современата цивилизација. Архитектурата на селата во Марамуреш е многу добро зачувана, а занаетите како ткаење, дрворез, сликање на стакло и дрво, сè уште може да се види меѓу населението.[1]

Црквите на списокот на светско наследство на УНЕСКО

уреди
 
Локации на црквите на списокот на светско наследство на УНЕСКО

Осум цркви од оваа група се вклучени во Списокот на светско културно и природно наследство на УНЕСКО во 1999 година. Тоа се црквите во следните места: Барсана, Будешт, Десешт, Иеуд, Плопиш, Рогоз, Појениле Изеј и Шурдешт. Најстара меѓу нив е црквата „Света Петка“ во Поиниле Изеј, изградена на почетокот на XVII век.

Црква „Воведение на Пресвета Богородица“ (Барсана)

уреди

Оваа црква била изградена во 1720 година. Кулата на црквата е висока 62 метри. Многу е мрачна, бидејќи скоро и да нема прозорци. Во неа се наоѓа импресивна збирка на икони на стакло и верски книги. Првично била манастир и монасите ја користеле до 1791 година. На почетокот на XIX век преселена е во селото и оттогаш се користи како селска црква. Посветена му е на воведението на Пресвета Богородица.[2]

Црква „Свети Никола“ (Будешт)

уреди

Црквата Свети Никола во Будешт е изградена во 1643 година. Нејзините димензии се нешто поголеми 18 х 8 м. Единствено таа има 4 кулички на рабовите на долниот дел на покривот, што е карактеристично за црквите во областа Лупус. Основата на црквата има правоаголен облик. Во оваа црква се наоѓаат вредни колекции икони на дрво и стакло, како и верижницата на легендарниот Пинте Храбриот.[3]

Црква „Света Петка“ (Десешт)

уреди
 
Икона на Света Петка во најстарата црква

Изградена е во 1770 година. Основата на црквата е од камен. Посветена ѝ е на света Петка. Надворешноста на црквата е украсена со декоративни елементи кои се вклопуваат во хомогена целина. Таа е една од ретките цркви чиј основен облик е сочуван и на која не ѝ е дограден трем.[4]

Црква „Рождество на Пресвета Богородица“ (Иеуд)

уреди

Оваа црква е изградена во 1717 година и се наоѓа на брдото, на истото место на кое се наоѓала црквата која во XVI век ја уништиле Татарите. Главниот дел на црквата има покрив со двострука натстрешница. Архитектурата и сликарството се многу добро зачувани. Црквата и доста голема во однос на другите цркви изградени во XVII век. Посветена му е на рождеството на Пресвета Богородица.[5]

Црква „Архангели Михаил и Габриел“ (Плопиш)

уреди

Изградена е во периодот меѓу 1796 и 1798 година. Посветена им е на архангелите Михаил и Гаврил. Пропорциите ѝ се хармонични и украсена е со резби и слики. Подот на црквата е од камени плочи. На основата на кулата, се наоѓаат четири мали украсни кулички. На црквата има мали прозорци кои се аранжирани така што формираат парови од еден помал и еден поголем прозорец. Малите се стилизирани и се наоѓаат над поголемите.[6]

Црква „Света Петка“ (Појениле Изеј)

уреди

Ова е најстарата сочувана дрвена црква во Марамуреш. Изградена е во 1604 година и на се забележуваат два архитектонски стила. Постар, од периодот на настанување на црквата и понов, карактеристичен за XVIII век, кога црквата била реконструирана. Првично таа била помала и пониска црква, градена од ели. Во XVIII век е проширена и подигнат е покривот. Сликите се многу добро зачувани и се наоѓаат во едноставни рамки. Во неа се наоѓаат записи од периодот на хабсбуршкото владеење. Посветена ѝ е на света Петка.[7]

Црква „Свети Архангел“ (Рогоз)

уреди
 
Апсида на црквата во Рогоз

Ова е една од осумте цркви под заштита на УНЕСКО која ја претставува архитектурата на северниот дел на Трансилванија. Изградена е во 1663 година во Суч, а во Рогоз е преместена во 1883 година. Посветена му е на светиот Архангел. Над влезната врата стои натпис:„Од времето кога Трансилванија беше окупирана“. Покривот на црквата е широк и асиметричен. Рамката на вратата е украсена со мотив на усукано двојно јаже. Мотивот се наоѓа во внатрешноста на црквата. Апсидата има многуаголен облик со мали кружни прозорци.[8]

Црква „Свети Архангел“ (Шурдешт)

уреди

Изградена е во 1766 година. Со висина на кулата од 72 метри, таа е една од највисоките дрвени градби во Европа. Оваа е гркокатоличка црква посветена на светиот Архангел. Нејзината архитектура го претставува самиот врв на градење на дрвени цркви. Покривот е со две стреи меѓу кои се наоѓаат прозорци.[9]

Занимливости

уреди
  • Во изградбата на овие црквни не се користени метални клинци.[10]
  • „Евангелието по Јуда“ од 1391 година, за кое се смета дека најстариот писмен документ на романски јазик, пронајден е на таванот во црквата во Иеуд.[11]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Марамуреш, дрвени цркви. „Панакомп“. Архивирано од изворникот на 2015-03-16. Посетено на 16 мај 2017.(српски)
  2. Црквата во Барсана. „Романски манастири“. Посетено на 16 мај 2017.(англиски)
  3. Црквата во Будешт. „Романски манастири“. Посетено на 16 мај 2017.(англиски)
  4. Црквата во Десешт. „Романски манастири“. Посетено на 16 мај 2017.(англиски)
  5. Црквата во Иеуд. „Романски манастири“. Посетено на 16 мај 2017.(англиски)
  6. Црквата во Плопиш. „Романски манастири“. Посетено на 16 мај 2017.(англиски)
  7. Црквата во Појениле Изеј. „Романски манастири“. Посетено на 16 мај 2017.(англиски)
  8. Црквата во Рогоз. „Романски манастири“. Посетено на 16 мај 2017.(англиски)
  9. Црквата во Шурдешт. „Романски манастири“. Посетено на 16 мај 2017.(англиски)
  10. Светско наследство во Романија. „Б92, путовања“. Посетено на 16 мај 2017.
  11. Црквата во Јуда. „Visit Maramures“. Архивирано од изворникот на 2016-08-01. Посетено на 16 мај 2017.(англиски)

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди